Преговарачките тимови на четирите политички партии ВМРО-ДПМНЕ,СДСМ, ДУИ и ДПА ја завршија маратонската средба во еден час по полноќ.
Амбасадорот на ЕУ Аиво Орав во изјава по средбата рече дека направена е значајна работа, постигнат бил договор околу сите прашања освен за едно и изрази надеж дека преговорите за тоа прашање ќе продолжат што е можно поскоро. И покрај инсистирањата на новинарите да се соопшти проблематичното прашање, Орав не одговори кој е проблемот што го кочи Договорот од Пржино.
Жешкиот костен околу кој преговорите вечерва запнувале, како што дознава НОВА, се ингеренциите на министерот на МВР за предлози и смени во кадровската политика.
Преговорите денеска првично започнаа во 13:30 часот, по што следуваа две паузи до сега, а партиските претставници Радмила Шекеринска од СДСМ, Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Имер Алиу од ДПА и Артан Груби од ДУИ по средбата го напушија Пржино без коментар.