Што ли му стана на обично елегантниот албански премиер Еди Рама па на вечерата кај Могерини во Брисел дојде во чуден стајлинг? Добро, вечерата беше најавена како неформална. Сепак, неговата облека беше претерано неформална.
Неговата слика од синоќешната вечера во Брисел стана вистински хит на социјалните мрежи.
За едни неговата маичка со принт и пантолоните се тренерки, други се шегуваат и тврдат дека дошол во пиџами, многумина се прашуваат зошто на нозете ставил спортски патики. Зошто нема вратоврска? Некои одат дури дотаму што прашуваат дали тоа Рама повторно сакал да провоцира, овој пат со стајлингот.
Според добро информирани извори во Брисел, објаснувањето е едноставно. Вчера, пред да тргне за Брисел, Еди бил на митинг го Тирана. Познато е дека во Албанија е во ек изборната кампања.
“Највиновен” за целата ситуација е Ердоган. Авионот на Рама морал да го чека слетувањето на авионот на Ердоган, кој дојде на самит на НАТО, пред да застане на белгиска територија. Сето тоа го задржало Рама кој на вечерата стаса последен со големо задоцнување. Немал време да се пресоблече пред да дојде кај Могерини.
Хм!? Некои не му поверуваа на ова објаснување со коментарот дека можел да се пресоблече во авионот.
Како и да е, мора да се признае дека на лицето на Рама се гледаше, додека даваше изјави, дека му е незгодно што “штрчи” во целото друштво на премиери со сакоа и вратоврски.

