Од:

Пропаста не доаѓа сама

Уште долго ќе ни бегаат младите лекари. Ќе си заминуваат масовно се додека не зајакне економски и политички  ова парче земја на Балканот. Нема да сакаат да останат тука  се додека не им дадеме можност професионално да напредуваат  и да им биде вреднуван трудот.  Од друга страна, државата ниту има стратегија како да ги задржи, ниту им дава можност да се реализираат. Всушност, тука тие не можат да се вработат, а не пак да напредуваат професионално.

Македонија стана машина за „производство “ на млади лекари, создава хиперпродукција на кадар кој им го дава на тацна на земјите од ЕУ. А, образованието на еден лекар државата ја чини околу 60 000 евра. Затоа уште со запишување на факултет студентите на медицина учат странски јазици, најчесто германски и англиски и по дипломирањето си ја бараат среќата надвор.

Фрапантни се податоците од неодамнешните истражувања на Хелтгрупер дека 70 проценти од лекарите кои си заминале од земјава изјавиле дека биле принудени да се вработат само доколку земат партиска книшка . Во анкетите тие отворено кажувале дека биле принудувани  да се зачленат во ВМРО ДПМНЕ ако сакаат да се вработат. Тоа го кажувале тие што си заминале од државата, но и тие што се уште тука.  И што не е јасно?

Без никаква стратегија се отворија паралелни медицински факултети, за потоа да се нема стратегија како да се задржат лекарите. Млада лекарка, која дипломирала на Медицинскиот факултет во Скопје ми раскажа дека за да се вработи во јавно здравство првиот услов бил да извади партиска книшка од владеачката партија. И сега се прашувам дали тие стотина специјализации кои им ги дадоа на дипломирани студенти на штипскиот медицински факултет се дадени по партиски клуч?

Ништо во оваа држава не може да се добие по регуларен пат, никој не може да се вработи  во државните институции ако не е член  на  ВМРО ДПМНЕ  или ДУИ. Затоа ни заминуваат децата во туѓина. За подобар живот што тука не им дозволија да го имаат. Буквално ги избркаа младите и амбициозни лекари, им ги дадоа на послужавник како готов кадар на развиените земји. Дури 90 проценти од тие што нашле работа во странство изјавиле дека не планираат да се вратат во Македонија.

Но, што ќе се случи за 3-4 години кога генерации лекари кои важат за квалитетен кадар ќе си заминат во пензија? Дали тие што добиле специјализации преку партија, тие што дошле од факултети каде е ниско нивото на образование ќе успеат да ги заменат квалитетните специјалисти? Што ќе биде со нашиот здравствен систем за некоја година? Во чии раце ќе го довериме нашето здравје?

Не сакам да гледам песимистички на работите, но ваквата ситуација заедно со капиталните промашувања ќе го стави здравството на колена. Се сеќавате на трансформацијата на Клиничкиот центар во 2007 ма година, кога беше расцепкан на 31 клиника? Иако одлуката падна на Уставен суд, а целата лекарска фела заедно со синдикатот беа против, лично Никола Груевски преку тогашниот министер за здравство Имер Селмани најдоа начин и го поделија Клиничкиот центар. Си играа реформи. Клиниките стартуваа без долгови, но набргу им се натрупаа нови.  Иако пред неколку години им беа простени и тие средства, клиниките сега тонат во уште поголеми долгови.

Цели 10 години во оваа држава не се зборува за пропаста на Клиничкиот центар, ниту пак се бараше начин како повторно да го постават на нозе. Исто како што не го стопираа промашениот проект со двајца директори на клиниките, кои не само што не знаат да  менаџираат, туку го оптоваруваат буџетот со нивните високи плати. Предлогот да се постават економисти наместо лекари за директори беше на тогашниот заменик министер Владимир Лазаревик. Како што призна пред некој ден тој самиот , идејата да има по двајца директори била на Груевски, а не негова. И не просветли, по толку години. А, партиските војници се уште си раководат со клиниките. Проста математика. Пропаста не доаѓа сама. Треба да и создадеш услови за да дојде. Што е тука нејасно?