Тирана: Главниот град на Алчбаноја повторно беше сцена на тензии и немири, откако протестите на албанската опозиција против владата на премиерот Еди Рама прераснаа во судири пред зградата на Владата
Демонстрациите беа организирани од Демократската партија на Албанија, со поддршка од повеќе опозициски политички субјекти, а главното барање на учесниците беше оставка на премиерот Рама. Во текот на протестот дел од демонстрантите фрлаа пиротехнички средства и молотови коктели, по што полицијата интервенираше со водени топови. Според првичните информации, има повредени лица и приведени учесници.
Некои од демонстрантите обвинија дека безбедносните сили употребиле и солзавец и спреј при интервенцијата.
Судирите се случуваат во период на засилени политички тензии во земјата, каде опозицијата со месеци ја обвинува владата за корупција и злоупотреби во институциите. Дополнителен политички притисок создаваат и неодамнешните обвинувања поврзани со вицепремиерката Белинда Балуку, кои таа ги отфрла.
Ова е втор поголем инцидент од ваков тип во текот на годинава, по сличните насилни протести во февруари, што укажува на продлабочување на политичката криза во Албанија.




