Од:

Шах- партија на Груевски со долгите ножеви

 

После овие избори, преговарачката маса на Никола Груевски остана тажна и празна- на неа се седнати две-три кукли на надувување, кои за неговите потреби глумат спремни за дом ќосиња, но внимавајте, така изгледа само на прв поглед.

Груевски не е свесен дека ја надминува оваа на прв поглед безопасна и патетична ситуација- тој преигрува, како неталентираните глумци во театар, кога мавтајќи со пушката, собираат и откинуваат глави пред себе, дури и на публиката од последниот ред.

Тој во таа зовриена игра, заборава само едно- дека опасноста секогаш демне, дека доаѓа до момент куклите на навивање да се отргнат од прегратката на господарот и да му ја испразнат оваа шаховска табла која така грижливо, со години ја полираше и мазнеше.

Груевски пред себе има две катастрофални ситуации, кои му ги врзуваат рацете за една мајсторска, стратегиска политичка игра.

Првата, изненадувачкиот тесен резултат кој го доби Заев, кој ниту една анкета и кладилница не го прогнозираше, ја покажа не само моќта на лидерот на СДСМ, не само победата на шаренилото на кое инсистираше тој, туку, каков пресврт, победа на една прогресивна Македонија.

Во една заробена држава, каде уцените, заплашувањата, нерешените сообраќајки и самоубиства, притисоците, корупцијата, непрочистените списоци, лажирањето на избори, моќната пропагандна машинерија на власта, сепак можат да доведат до скоро изедначувачки резултат на опозицијата со власта, значи само едно- дека времињата кога опозицијата се дефинираше како млитава, килава, неспособна, се прегазени и архивирани во политичките читанки. Сите оние кои говореа и посакуваа одигрување на последното танго на Заев сега се ставени пред нов чин- да му се придружат или ако одберат поинаку, да ги снема од политичката мапа.

Втората, уште поубиствена ситуација за Груевски, која преоѓа во отворено поле за дебакл, се тенките, невозможни  шанси тој да коалицира само со Ахмети, стариот, добар Ахмети.

Фото: Милошевиќ го носат во Окружниот затвор во Белград, во најубавата соба во затворот

Сега Груевски мисли дека мора да оди на се или ништо- замислувајќи се дека е двојник на Милошевиќ, ја раширил картата и исцртал воена мапа врз неа. Создава широк простор за опасна игра- да се разгори омразата, братоубиствена и меѓуетничка, за да се спаси од проклетството на СЈО кое му виси како клатно, кое му чука во слепоочниците.

Јанева и нејзиниот тим благодарејќи на блокирањето и опструкциите од останатите институции низ целиот овој период работат со заврзани раце и вклештени нозе, се уште се на почетоците, климави, несигурни, наречете ги и никакви тие почетоци, но се се тоа почетоци на крајот на Груевски и да, се разбира дека тоа  е борба за крај на груевизмот.

А играта на Груевски? За таа игра, овој воинствен брат на  Милошевиќ, блефира дека е способен.

Груевски многу добро знае, како што знае и Ахмети дека формирање на влада ВМРО- ДУИ е сигурен губиток за лидерот на ДУИ, кој еднакво како и Груевски е ставен во  ужасна ситуација. Таа коалиција би била самоубиство за самата албанска партија, која низ годините го истроши кредибилитетот, моќта и конечно- гласовите.

Ахмети сега е соочен со огледалото пред кое е принуден да ја гледа својата партија, а не својот авторитетен лик. Обрисите во тоа огледало му беа можеби матни, но сега, неколку дена после изборите, одлуката да оди со Груевски и со тоа да го запечати ДУИ е најнеразумната операција за него. Пред огледалото галопираат локалните избори, кои би биле во таков случај, коалицирање со стариот пријател Груевски- убиствени и за Ахмети и за ДУИ.

Конечно Ахмети мора да знае дека  сега веќе едноставно не може да глуми дека е глув, сега, кога “Клетите Шиптари” за кои пејат ќосињата на Груевски претставува всушност истата арија која му одекнува со години.

Груевски е доведен до очајна ситуација на таа маса, тој не може да помрдне ниту една фигура, да повлече ниту еден потег. Во секоја шаховска игра, пат позицијата е парализирачка, но повторувам, не и безнадежна.

Шаховските полиња се испразнија со застрашувачка брзина за Груевски и му останаа неколку фигури кои со прстите ги развртува по џебовите.

Сега еден по еден, како во транс, тој ги вади топовите. Пораката со закана беше испратена и во кампањата. Тогаш тој посегна по Ќосето, со тоа што не само што му се закани  директно на Заев, туку и прати овластување до сите негови потенцијални ќосиња, дека теренот е отворен за касапење.

После неговите касапски загари, откако полето за натпревар за масакрирање беше отворено, дури после, се охрабрија и разулавеа, како онаа ноќ пред ДИК, кога започнаа повиците за ликвидации.

Антонио Милошоски ја повика ДИК „или да ја признае волјата на народот, или да се соочи со гневот на народот“.

Валентина Божиновска говореше за “вечер на ножевите, вечер или на разумот или на лудилото, на еден човек, на последниот македонски предавник- Зоран Заев.”

Насобраната толпа бараше „гасни комори за Шиптари“  и викаше Ќосето е жив“.

Во такви услови, само еден несериозен дел од секундата, една мисла може да прелета- дека мора да му се оддаде признание на Груевски. Дека со ова ѕвецкање на оружјето, тој ги зголемува влоговите на преговарачката маса, особено со странците- дека понудата е конечна: или тој ќе испорача војна или ќе добие Влада во која тој не само што ќе мора да учествува, туку и ќе диригира, .

Но, тој едно заборава- на таа преговарачка маса тој одеднаш остана  сам, наспроти Заев , кој повеќе не може да се нарече најосамениот човек на светов. Заев низ целиот овој пржински период и навистина беше на масата оставен сам, наспроти Груевски, Ахмети и Тачи.

Изборите покажаа дека лидерот на СДСМ ако излезел од таа загушлива и маглива преговарачка соба, имал 436.823 луѓе зад себе.  Тоа Заев нема никако да го заборави, кога ќе седне пак да преговара за нова Влада- со кого и да седне, што и да се испорача како уцена од Груевски. Помеѓу Живот и Ќосето, јасен е изборот.