Од:

„Шпионот“ земјопоседник

Автори: Сашка Цветковска во Скопје, соработник е Павла Холчова во Прага.
Насловна фотографија: Томислав Георгиев

Дневната работа на Сашо Мијалков е да ја води тајната полиција во Македонија. Но, таа работа баш и не ја опишува неговата моќ и влијание. Тој и припаѓа на мала дружина на луѓе кои ја водат Македонија – луѓе кои го вклучуваат неговиот братучед и кумот на братучедот. Во меѓувреме, под неговото водство, тајната полиција е критикувана за затајувања при надзорот и неуспех да ги исполнат стандардите на Европската унија.

Но, владиниот функционер од кариера е, исто така, поприлично богат. Проектот за известување за криминал и корупција (The Organized Crime and Corruption Reporting Project (OCCRP) заедно со НОВА во Македонија и Чешкиот центар за истражувачко новинарство откриваат дека Мијалков има инвестирано милиони во скапи недвижнини во Прага.

Мијалков или шефот на македонската тајна полиција има голем број на непријавени инвестиции. Како јавен функционер тој е должен да го пријави својот имот во Антикорупциската комисија, но од она што е приложено на нивната веб страница во секцијата за имотната состојба на функционерите може да се види дека недостасуваат некои од скапите недвижнини. Многу од нив се поврзани со други контроверзни бизнисмени и политичари.

Сашо Мијалков не одговори на ниту едно од новинарските прашања. Неговиот портпарол вети дека ќе испрати одговори, но тоа никогаш не го направи.

Имотот во Прага

Како државен службеник тој е должен да поднесе детален приказ на неговата имотна состојба во Антикорупциската комисија. Законот, исто така, вели дека тој мора да пријави и секакви промени во имотната состојба во Антикорупциската комисија кои ја надминуваат вредноста од 20 просечни плати. Во изјавата која ја поднел, а која може да се провери на веб страницата на комисијата, тој испуштил да наведе дел од неговата сопственост. Тој поседува апартман во Прага во стариот град и акции во компанија во Чешка, некои од нив и продадени. OCCRP и партнерите најдоа најмалку 2 милиони евра вредни недвижнини регистрирани на неговата компанија, како и на негово лично име кои тој би требало да ги пријави.

Станот на компанијата на Сашо Мијалков Ефишенси во центарот на Прага во Стариот град на улица Бетлемска. Станот има 137 квадрати и се наоѓа на третиот кат

Имотните документи во Чешка покажуваат дека тој поседува 15.000 метри квадратни градежно земјиште во областа Велеславин во чешката престолнина, место чија вредност се проценува на околу 1 милион долари. Тој, исто така, поседува и стан во областа Микле, познат бизнис кварт во Прага.

Шефот на тајната полиција, исто така, е поврзан со мрежа на компании, а преку тие компании и со влијателни чешки и странски бизнисмени.

Според македонските закони, јавните функционери смеат да имаат приватен бизнис додека се на функција, но приватните интереси мора да бидат регистрирани пред институциите. Казната за ова е мала – од 300 до 800 евра.

Македонски владин службеник и бизнисмен во Европската унија

Сега 48 годишниот Мијалков ја започнува својата кариера во администрацијата во 1998 година, по стапките на својот моќен татко, Јордан Мијалков кој беше првиот министер за внатрешни работи на Македонија по стекнувањето на независноста на земјата. Постариот Мијалков загинува во сообраќајна несреќа во 1991 година.

Помладиот Мијалков ги следи стапките на својот татко и во бизнисот – Јордан Мијалков во осумдесеттите години е претставник во Прага на, во тоа време компанијата во државна сопственост Макотекс не само во администрацијата, туку и во бизнисот. Семејството Мијалкови поминува доста време во чешката престолнина поради природата на работата на таткото.

Првата работа во владата на младиот Мијалков е помошник на министерот за одбрана за безбедност и разузнавање на која што позиција доаѓа веднаш по дипломирањето. Како што напредува неговата кариера во администрацијата, така напредуваат и неговите бизниси во чешката престолнина.

Во 2003 година Мијалков паузира од државните работи, за да се врати во 2006 како шеф на македонската тајна полиција. Новиот политички амбиент креиран по доаѓањето на власт на партијата ВМРО ДПМНЕ му носи предност на Сашо Мијалков – создадено е триото на најмоќните во државата, често именува како „фамилијата“ сочинето од самиот Мијалков, неговиот прв братучед, премиерот Никола Груевски, и кумот на премиерот и министер за финансии Зоран Ставревски. Згора на сето ова, братот на Мијалков, Владимир е советник во кабинетот на генералниот директор на македонската царина.

Експертите за антикорупција ова состојба ја именуваат како очигледен конфликт на интереси.

„Постои очигледна ситуација на непотизам. Тоа им овозможува да ги контролираат сите власти и преку буџетот и преку механизмите на тајната полиција“, вели Слаѓана Тасева, претседател на Транспарентност Интернешнл – Македонија и прв претседател на Антикорупциската комисија. „Овие врски се многу силни и со текот на времето генерираат огромна финансиска моќ – и за нив лично и за партијата на која припаѓаат. Тоа им дава комплетна моќ за да ги контролираат механизмите на демократијата“.

Чешките компании

Мијалков ја основа својата прва компанија во Чешка во 1993 година заедно со неговиот брат. Ја нарекуваат „Мијалков с.р.о“, за подоцна да ја преименуваат во „Ефишенси с.р.о“. Примарната цел и да работи на пазарот со недвижнини. Од 2008 година наваму Мијалков е единствениот сопственик. Оваа компанија поседува луксузен апартман во центарот на Прага во популарниот Стар град. Според чешкиот катастар овој имот е купен во 2001 година, а вредноста тогаш му е проценета на 360.000 германски марки или околу 235.000 долари.

Исто така, Ефишенси поседува удели во друг бизнис со недвижнини, односно компанијата „Стајл Фешн с.р.о“. „Миртланис с.р.о“ е трета компанија која до скоро беше во сопственост на Мијалков, за бргу по стекнувањето на сопственоста да ја продаде на фирмата „Тасига Корп“ од Панама, позната како оф шор дестинација или даночен рај.

Неодамнешното седиште на компаниите на Сашо Мијалков во областа Нусле, Прага. Сопственици на куќата се семејствата Јанакиев и Гацов преку нивните фирми. Горан Гацов се појавува и како директор на компаниите на Мијалков и други компании поврзани со неговите соработници

Компанијата „Миртланис“ претходно поседува 15.280 квадрати земја во областа Велеславин, една од најскапите реони во Прага, но на 7 Јануари годинава ова земјиште се префрла на Мијалков лично.

Земјиште познато како Стрнадови заради распослано е на повеќе од 50 000 квадратни метри. Го делат Мијалков и 3 други компании. Десно во средината на земјиште постои железничката пруга. Земјишната парцела од неодамна е напуштена, со исклучок на парчето на Мијалков. Таму постои стража со куче и бројни плочи на кои “Приватната сопственост, влез строго забрането. Внимавајте, куче.”

Четвртата компанија „Сервис Поинт ММ с.р.о“ е ликвидирана во 2013 година откако истата компанија успева да изгради 50 луксузни апартмани во областа Михле во Прага. Земјата на која се градат овие апартмани ја обезбедува Мијалков, инвестицијата е вредна 500.000 долари, а тој тогаш поседува 50 проценти од уделите во фирмата. Сашо Мијалков поседува имот, односно стан во овие апартмани кој што го нема пријавено во Антикорупциската комисија. Останатите удели во оваа фирма се поделени помеѓу браќата Воислав и Дејан Спаравало, долгогодишни партнери на Мијалков со добри локални врски.

Комплексот изграден од Сашо Мијалков и Спараваловци каде што Мијалков поседува и дуплекс апартман од 80 метри квадратни на 3 и 4 спрат

Тасева за НОВА и OCCRP вели дека имањето бизниси во странство само по себе не е проблем се додека е уредно пријавено и е транспарентно.

Горан Минчев, претседател на парламентарната комисија за надзор над тајните служби, вели дека конфликт на интерес постои иако Мијалков тврди дека неговите бизнис интереси не се конфликт и не се илегални.

„Тој е директор на тајна полиција, може да ги следи комуникациите, да прислушкува телефони на бизнисмени, на пример, да ја следи берзата и економските трендови. Дури и во ситуација кога неговите бизниси се надвор од Македонија, тајната полиција соработува со други странски служби, па оттука од позицијата и можностите неговата моќ е неизмерна“, вели Минчев.

Пари и пријатели

Браќата Спаравало или главните бизнис партнери на Мијалков во Чешка, се поврзани со широк спектар на бизнисмени низ земјата. Тие имаат многу заеднички работи со Мијалков. Едно време имаат и заедничка адреса на траен престој во Прага. Имаат фирми на регистрирани на исти адреси и сите заедно живееле во истата куќа. Спараваловци преку мрежа од компании се врзуваат со други бизнис тајкуни од просторите на поранешна Југославија.

Помеѓу нив и следните:

Милутин Периќ, неформалниот лидер на чешката коцкарска индустрија која води цела мрежа на казина и слот машини;

Милорад Мишковиќ, инвеститор во недвижности кој е поврзан со високи профили на чешки политичари;
Миодраг Максимовиќ, голем инвеститор во енергија;


Томас Самии, адвокат од Њујорк кој станува инвеститор во недвижности и кој има бизнис со поранешниот хрватски генерал Владимир Загорец и израелскиот трговец со дијаматни Лев Левиев;

Во 2005 година Воислав Спаравало се сели во Монако, каде што сега има трајно жителство.

Пари, моќ и прислушкување

Од многуте контроверзи за македонската тајна полиција најголема е онаа за начинот на којшто се трошат парите со коишто располагаат.

Во изминативе осум години Сашо Мијалков не се појавил ниту еднаш пред парламентарната комисија којашто е задолжена да ја набљудува работата на разузнавачките служби.

Од 2006 година буџетот на полицијата вртоглаво расте. Денес, Министерството за внатрешни работи поседува еден од најголемите буџети на институции – околу 218 милиони долари во 2014 година, од коишто 170 се за „безбедносни потреби“. Споредено со 2006, кога вкупниот буџет на министерството изнесува 146 милиони долари. Само за споредба, министерството за транспорт и врски коешто е надлежно за големи и скапи инфраструктурни проекти како патишта, пруги, гасоводи и слично, има буџет од 78 милиони долари.

Измените во законот и дозволија на тајната полицијата лесно да може да следи комуникациите на граѓаните, односно да прислушува, со многу малку админстрација или надзор. Опозицијата обвинува дека Мијалков ја поседува целата земја. Тито Петковски кој претседава со парламентарната комисија за надзор над имплементацијата на мерките за следење на комуникациите вели дека по промената на законот тајната полицијата стекнала огромна моќ.

Ним им е дозволено да снимаат граѓани 48 часа без никаква судска наредба или писмено одобрение, само со телефонски повик од судија“, вели Петковски.

Тој тврди дека парламентарната комисија воопшто не функционира.

„Немаме состаноци, не одиме во посети на Министерството за внатрешни работи. Кога лидерот на опозицијата Љубе Бошковски беше уапсен во 2011 година, главните докази против него на суд беа телефонски и други снимки од следењето врз него од страна на тајната полиција. Кога сакавме да ги провериме овие докази министерката рече дека тие ги немаат и дека нашата посета ќе биде залудна. Ви се верува ли?!“

Извештајот на Европската комисија од 2010 забележува дека измените во законот за следење на комуникациите не во согласност со стандардите на Европската унија и покренува сомнежи за политичка вмешаност. Критиките продолжуваат и во наредните извештаи за напредок.

Европската комисија редовно изразува загриженост околу неконтролираната моќ која се чини дека тајната полиција ја поседува, а со ова прашање се занимаваат и извештаи на многу невладини домашни и меѓународни организации.

Горан Минчев, претседателот на парламентарната комсија за надзор над тајната полиција, вели „нивните извештаи и нивната програма никогаш не стигнуваат на време согласно законот. Доцнат и по 10 месеци. Јас никогаш не сум имал доволно факти за нивната работа, факти кои ќе ме уверат дека операциите на тајната полиција се легални. До денешен ден тие никогаш немаат доставено детален буџет за тоа како ги трошат парите“.

Македонија е земја кандидат за членство во Европската унија од 2005 година, а овие проблеми освен што ги нотира ЕУ, ги нотира и извештајот за човекови права на Стејт Депатментот на САД, како и бројни интернационални организации. Нивните извештаи како и медиумските известувања посочуваат на широкораспространета корупција, владина контрола врз медиумите, притворање на новинари и политички неистомисленици.

Придружна сторија

Кои се тајните бизнис соработници на Мијалков и Камчев

По веста која ја објави НОВА уште во ноември 2013 година, а со која се потврди дека директорот на тајната полиција Сашо Мијалков ја продал својата фирма во Чешка „Миртланис“ на таинствена компанија од државата – даночен рај Панама, НОВА трагаше по врските помеѓу оваа фирма и други фирми кои под превезот на инвестициите оперираат со владини тендери во Скопје. Таинствени Италијанци од јужноамериканската даночна оаза не водат до европската оф – шор дестинација – Лугано, Швајцарија.

Од Панама преку Лугано до Скопје 2014

Продажбата на фирмата „Миртланис“ каде што директорот на УБК Сашо Мијалков беше стопроцентен сопственик се случила токму во времето кога опозицијата го обвини дека тој не пријавил во Антикорупциската комисија дека во Март 2013 ја купил таа фирма во Прага, Чешка. Мијалков го корегираше својот имотен лист, нагласувајќи дека вредноста на компанијата била доволно мала за да не мора веднаш да ги пријави променти во комисијата. Сето ова се случуваше во ноември 2013 година. А истиот тој ноември, директорот ја продал „Миртланис“ на фирмата „Тасига Корп“ од Панама. НОВА трагаше по лицата кои се поврзани со оваа фирма, а некои од споменатите имиња и адреси не доведоа до Скопје.

Според документите од панамскиот центрелен регистер сопственици на „Тасига Корп“ од Панама се адвокати од истата држава. Но, она што е интересно е управниот одбор, односно еден од директорите на „Тасига Корп“. Во првата постава на директорскиот борд се тројца Италијанци, од кои едниот е Емилио Бинда. Сите тројца имаат пријавено иста адреса на живеење – Корса Елвеција 16, Лугано, Швајцарија.

Емилио Бинда и Корса Елвеција 16 пак, не носат директно кај скопските инвеститори кои се дел од барокот од Скопје 2014, но и имаат и бизнис релации со познатиот скопски бизнисмен Орце Камчев, кој во јавноста важи за близок пријател на Сашо Мијалков.

Емилио Бинда едно време бил дел од неизвршниот одбор на директори на компанијата АД „Евробалкан Груп“ од Скопје. Ова акционерско друштво подоцна го менува името во АД Кара, каде што Камчев има сопственост, односн удели. Но, Евробалкан груп основала уште едно друштво – „Евробалкан Хотелс ДОО“. Кара, односно Евробалкан груп заедно со Ексико ДООЕЛ ја поседуваат оваа фирма.

Најинтесниот детаљ од целата приказна е фирмата „Ексико ДООЕЛ“. Таа e акционер во „„Евробалкан Хотелс ДОО“, фирма која подоцна го менува називот во „Хотел Ибис ДОО“. Тоа е фирмата која на плоштадот го гради хотелот „Ибис“. Сопственици на „Хотел Ибис ДОО“ покрај „Ексико ДООЕЛ“ е и „ОРКА ХОЛДИНГ АД“, каде што мнозински акционер е Камчев. „Ексико ДООЕЛ“ заедно со „ОРКА ХОЛДИНГ АД“ е и акционер во „ АД Бетон Штип“, фирмата која градеше и гради голем дел од проектот Скопје 2014.

Но, која е „Ексико“ и каква врска има со панамската фирма – купец на чешката фирма на Мијалков. Сопственик на Ексико според швајцарскиот регистер е извесна фирма „Т&ЈМ Инвестмент СА“, основана во 2011 година. Само што се основала, ја купила скопската компанија „Ексико“. Еден од директорите на оваа фирма е Емилио Бинда, а седиштето на фирмата е во Лугано, Швајцарија на адреса Корса Елвеција 16 во Лугано. Тоа е истата адреса каде што живеалиште имаат пријавено сите директори од панамската фирма која ја купува Миртланис од Мијалков, но тоа е и фирмата каде што директор е и Емилио Бинда – човекот кој диреткорува кај сопственикот на „Ексико“, но и човек кој диреткорува во панамската фирма која купила фирма од Мијалков. „Ексико“ нема никави финансиски резултати се до влезот на мистериозните Швајцарци. Веќе следните 2 години компанијата успева да влезе на списокот на 200 најуспешни компании во Македонија и да пријави приходи од 3 милиони евра во 2012 и 9 милиони евра во 2013 година, а компаниите каде што е акционер да остварат над 50 милиони евра приходи.

За трансакциите од оф шор дестинациите во земјава и надвор од земјата институциите молчат. Јавноста не памети проверки на овој капитал или некакви истраги. Светската организација „Глобал Фајненшл Интегрити“ минатата пролет го објави својот труд, односно истражување подготвувано една деценија во кое обелодени дека од Македонија во даночните оази во периодот од 2002 до 2010 година се одлеале вкупно 4.6 милијарди долари преку нелегани трансакции. Истражувањето не покрена никаква институционална дебата.

Дел од податоците на Народната банка, пак, говорат дека во 2012 година половина од директните странски инвестици дошле од даночните оази како Панама, Белизе, Швајцарија, Сејшели, Британските девствени острови и други земји со таква политика.

Насловот на англиската верзија на сторијата е „The Landlord Spy“. Истата прочитајте ја на страницата на Проектот за известување за организиран криминал и корупција или скратено OCCRP.



Comments are closed.