Новиот македонски министер за одбрана Талат Џафери, пред да дојде на оваа функција, бил осуден на казна затвор за спречување полицаец во вршење на неговата работа, дознава Балкан Инсајт.
Балкан Инсајт открива дека новиот контроверзен министер за одбрана, во 2008 година добил шестмесечна условна затворска казна.
Судот во Тетово го прогласил за виновен бидејќи спречил полицаец да интервенира по завршување на митингот на Демократска унија на Албанците (ДУИ), која денес е дел од владината коалиција.
Според конечната пресудата од 2011 година, до која дојде Балкан Инсајт, судот во Тетово одлучил, тогаш пратеникот Џафери, да не го прати во затвор, доколку во рок од две години, по правосилноста на пресудата, не направи ново кривично дело. Овој услов истекува на крајот на овој месец.
На 18-ти февруари, на предлог на Претседателот на Владата Никола Груевски, Талат Џафери беше избран за министер за одбрана.
Македонската опозициска партија “Достоинство“, која ги претставува полициските и армиски ветерани од конфликотот во 2001 година, тврди дека е ова уште еден доказ, зошто Џафери не треба да ја води македонската армија, против која војуваше во 2001.
“Достоинство“ инсистира на тоа дека поранешниот командант, на сега веќе распуштената и амнестирана ОНА, не е вистинската личност за позицијата министер за одбрана.
„Станува збор за човек кој дезертирал од Македонската армија во 2001 година, кој станал командант во единиците на ОНА во Македонија, пукал, можеби и убивал македонски војници и полицајци“, вели лидерот на “Достоинство“, Стојанче Ангелов.
Професор од Правниот факултет во Скопје, кој инсистираше на анонимност, за Балкан Инсајт изјави дека македонската законска регулатива не ги ограничува лицата кои се осудени да извршуваат државни или јавни функции, доколку судот, покрај казната, не изрече и забрана за вршење на определена професија.
„Овде станува збор за морална дилема. Дали лице кое е осудено за насилство врз припадник на безбедносните сили може да ги води тие сили“, вели професорот.
Јавното обвинителството во Тетово, според истражувањето на Балкан инсајт, против Џафери покренало обвинение, со број 325 од 25.06.2008 година, за кривично дело „учество во толпа што спречува службено лице (полицаец) во вршење на службено дејствие“.
Според членот 384 ст.1 од Кривичниот законик на Република Македонија, лицата кои спречуваат полицаец да ја изврши својата задача, ќе бидат казнети со затвор во траење од 3 месеци до три години, а лидерот на таа група ќе се казни со затвор во траење од една до пет години.
Постапката пред судовите во Тетово, а подоцна и во Гостивар, каде пресудата била обжалена, се водела околу три години.
Првостепениот суд во Тетово на 14.10.2010 година донел пресуда, дека сегашниот министер за одбрана Талат Џафери, е виновен за спречување на полицаец да интервенира. Џафери бил осуден на условна казна од 6 месеци затвор, но казната нема да ја издржува во затвор доколку во наредните две години не стори друго кривично дело.
Талат Џафери се жалел на ваквата одлука, но Апелацискиот суд во Гостивар, ја одбил неговата жалба и ја потврдил претходно објавената пресуда. Во пресудата на судот во Гостивар стои дека во казната затвор од шест месеци, му се пресметува и времето од 13.06.2008 до 19.06.2008 година, што Џафери го поминал во притвор.
„Делото за кое е обвинет, Талат Џафери го извршил на крстосницата на улиците Маршал Тито и Видоа Смилевски Бато, кај тетовскиот Монопол (тутунски комбинат) на 29 мај, околу 21 часот“, изјави јавниот обвинител од Тетово, Зулќуфли Ракипи.
„Со пресуда од 14.02.2011 година, Апелацискиот суд во Гостивар, ја одбива жалбата на обвинетиот Џафери и ја потврдува пресудата на тетовскиот суд“, вели Ракипи за Балкан Инсајт.
Инцидентот за кој е осуден сегашниот министер за одбрана бил само еден од многуте кои се случиле пред парламентарните избори во 2008 година.
Талат Џафери тогаш беше пратеник на ДУИ, но, партијата и покрај изборните резултати кои беа подобри од резултатите на другите албански политички ривали на изборите во 2006, остана во опозиција.
Имено, Во 2006, владејачката ВМРО ДПМНЕ на Никола Груевски, влезе во коалиција со политичката партија ДПА, конкурент на ДУИ. Заради овој потег, ДУИ се почувствува измамена.
По предвремените избори во 2008, ВМРО ДПМНЕ склучи договор за коалицирање со ДУИ, по што ја раскина соработката со ДПА, која повторно ја загуби изборната трка.
Коалицискиот договор беше склучен само неколку дена по инцидентот во кој беше вклучен Џафери.
Како и да е, изборните инциденти, што беа особено нагласени во областите населени со мнозинско албанско население, оставија дамка на македонските демократски процеси.
Насилството во голема мера се однесуваше на судирите меѓу ДУИ и ДПА, во кои беа инволвирани високи политички и полициски функционери поврзани со двете страни. Двете партии меѓусебно се обвинуваа за насилството.
Министерката за внатрешни Гордана Јанкуловска, на 30 мај 2008 година, посочи дека за инцидентите во Тетово е виновен пратеникот Талат Џафери.
„Талат Џафери им се заканувал со ликвидација на полицајците и на заменикот на командирот на полициската станица во Групчин“, изјави Јанкуловска.
Таа сега, заедно со Џафери, е во македонската влада и ги водат двата безбедносни сектори: полиција и војска.
„Власта има двојни аршини и им прогледува низ прсти на насилниците од ДУИ кои учествуваат во изборните инциденти“, обвини ДПА во јуни 2008 година, во соопштение испратено до медиумите.
По инцидентот во Тетово, пратеникот Талат Џафери ја напушти Македонија, но бил уапсен на враќање на влез во државата, на граничен премин со Косово. Бил задржан седум дена во притвор, од кој бил ослободен на 20 мај 2008 година.
„Судот сметаше дека нема основа притворот да продолжи. Талат Џафери е фатен на влез во државава, а на оваа одлука немаше жалба од обвинителството“ изјави за Балкан Инсајт судијата Томислав Бошкоски, кој одлучувал за ослободувањето на Џафери од притвор.
Откако Талат Џафери во јуни 2008-та добил пратенички имунитет , судот не можел да ја продолжи судската постапка против него.
Подоцна, во август 2008 година, парламентарната комисија го одбива барањето на судот за одземање на имунитетот на Џафери, за да може неговото судење да продолжи. Ова се случило на 28 август 2008 година, кога Џафери, токму на денот кога комисијата решавала за неговиот имунитетот, сам се пријавил кај истражниот судија.
Судењето конечно завршило на крајот на февруари 2011 година, кога жалбениот суд ја донел одлуката, а таа еден месец подоцна, во март 2011 била доставена до обвинетиот Џафери и до Јавниот обвинител.
Балкан инсајт упати прашање до портпаролот на македонската влада, дали Претседателот на Владата на Македонија, Никола Груевски, знаел дека министерот Талат Џафери е осуден во времето кога го предложил за министер.
Портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, со смс порака ни потврди дека ќе добиеме одговор, но, до објавување на овој текст, тоа не се случи.
На прашањата кога министерот официјално е ослободен од условната казна и дали тој лично побарал условната осуда да се избрише од казнениот регистар, по поминување на рокот од две години, министерството за одбрана ни одговори дека се работи за прашања од лична природа.
Во 2001 година, Македонија се соочи со вооружен конфликт меѓу владините сили и етничките албански бунтовници, на сега веќе распуштената Ослободителна национална армија, ОНА.
Конфликтот заврши со потпишување на мировен договор, со кој им беа дадени поголеми права на Албанците, кои сочинуваат околу една четвртина од населението. Раководството на ОНА беше амнестирано, а нејзините политички лидери подоцна ја формираа ДУИ.
Изборот на Џафери за министер за одбрана, кој за време на конфликтот беше познат како “командант Форина“, жестоко ја поделија Македонија.
Поранешните бранители поднесоа иницијатива за собирање на 150 илјади потписи, на кои граѓаните на референдум ќе можат да се изјаснат, дали се согласуваат со изборот на министерот.
Околу наначувањето на Џафери, во петокот и саботата беа организирани етнички протести во Скопје, кои ескалираа во судири со полицијата.
На првиот протест во петокот, млади етнички Македонци протестираа против назначувањето на Џафери, за следниот ден, Албанците да излезат на контра-протест.
Во дводневните насилства беа повредени околу 30 лица, а беа уништени повеќе автомобили и запалени автобуси.
Штетата направена за време на немирите се проценува на 500 илјади евра. Во Скопје, на сите места каде што има поголемо движење на луѓе, се засилени полициските контроли.
За петок, повторно е најавен протест на Албанците, кој според објавите на социјалните мрежи, треба да почне по попладневните молитви во џамиите.