ДУИ води преговори и со ВМРО ДПМНЕ и со СДСМ. Контактите се интензивирани, а конечната одлука ќе ја донесат во зависност од тоа кој ќе ги прифати нивните барања, објави Телма повикувајќи се на неименувани извори од ДУИ.
Работат и на обединување на сите партии од Албанскиот политички блок затоа што сметаат дека само со заедничка платформа ќе постигнат успех во преговарачкиот процес.
Од ДУИ брифираат дека нема да прават отстапки од црвените линии ниту компромиси. Свесни се дека од пратеничките мандати на Албанците зависи формирањето на Владата, бараат претседател на Собранието да биде Албанец, официјализирање на албанскиот јазик на цела територија, СЈО да стане уставна категорија, ослободување на политичките затвореници, рамномерна распределба на Буџетот, правична застапеност во сите институции. Али Ахмети по Нова година ќе иницира уште една средба со партиите на Албанците. Очекувањата се дека покрај Алијансата на состанокот ќе дојдат и претставници на ДПА, а отворена е и поканата за Беса. Останува неизвесно која партија од македонскиот политички блок ќе ги прифати максимилистичките барања и дали воопшто некој ќе успее да состави Влада.
МРО ДПМНЕ се воздржува од каков било коментар, со образложение дека се уште е рано да се соопштат какви било детали, се комуницира на пониско ниво, далеку сме од постигнување на договор, велат од партијата. СДСМ се убедени дека ВМРО ДПМНЕ нема да успее да направи мнозинство од 61 пратеник и дека мандатар ќе биде Зоран Заев.