Поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески не е достапен за Специјалното обвинителство кое неколку пати го побарало за да присуствува на распит за случаите поврзани со нелегално прислушуваните разговори, дознава НОВА.
Ставрески неколку пати бил канет во СЈО, но тој не се појавил. Според нашите извори, последниот пат кога бил повикан од обвинителството, тој доставил известување за боледување, поради што нема да може да присуствува на распитот.
Извори за НОВА велат дека има сериозни индиции дека Ставрески е надвор од земјата, но засега не е познато во која држава се наоѓа.
Инаку Ставревски поседува стан во главниот град на САД, Вашингтон, кој го имаше пријавено во анкетниот лист, како заеднички имот со сопругата. Станот од 90 квадратни метри, се наоѓа во Чеви Чејс, познато соседство во северозападниот дел на Вашингтон. Неговата вредност е девет милиони денари или околу 200 илјади евра и е купен во 2002 година.