Драги Ѓорѓиев: При евентуални турбулентни и неизвесни политички, па и воени настани (што не е неверојатно), таквата Македонија е лесно делива, согласно сферите на влијанија кои, се чини, се исцртуваат во овој момент. Колку ова и да изгледа неверојатно, во контекст на настаните во највисоката меѓународна политичка сцена таквото сценарио не е ниту невозможно, ниту неизводливо.
Затоа потребно е да престанеме да губиме време и да актуелизираме апсолвирани теми како што е бесмислената расправа за македонскиот јазик поврзана за акцискиот план за малцинствата. Нашиот јазик го проблематизира Бугарија и одговорноста е целосно на нивна страна. Ние тука не може да направиме ништо и треба да го игнорираме, сѐ додека останува бугарски проблем.
Со сегашниот наш пристап се добива впечаток дека за нас е поважно признавањето од страна на Бугарија, отколку од сите други европски држави и САД, Кина и Русија заедно. Ваквиот несфатлив пристап за себепотврдување преку признавање од бугарска страна, покажува сериозно отсуство на самодоверба. Неговото напуштање, пак, значи ослободување од постојаниот грч, од бескрајниот и истоштувачки напор за докажување на сопствениот идентитет.
Извор: Либертас.мк



