Центарот за поддршка на компании за настап на НАТО пазарот – реална институционална поддршка на домашната економија. По членството на Северна Македонија во НАТО, домашните компании добија одлична можност да ги покажат своите капацитети и квалитети и да учествуваат на тендерите за набавки за потребите на Алијансата и земјите-членки чија вредност на годишно ниво надминува 5 милијарди евра.
Потребите за набавки на Алијансата се навистина големи – преку двете НАТО агенции, Агенцијата за поддршка и набавки и Агенцијата за комуникации и информации, Алијансата врши набавки од различни области – набавки на униформи и обувки, средства за дезинфекција, изградба и опремување на објекти, лекови, медицинска опрема, кондиторски производи, аеродромска опрема, трговија со гуми за возила, медицински услуги, консултантски услуги од областа на информатичката технологија, изработка на софтверски решенија и многу други.
На 25 септември премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска го промовираа Центарот за поддршка на компании за настап на НАТО пазарот. Беше најавено дека Центарот нема да дава само административни услуги туку сеопфатна партнерска поддршка до компаниите бидејќи „колку повеќе домашни компании учествуваат и успеваат да добијат НАТО – тендери, толку подобра ќе биде и домашната економија’.
Минатата недела претставници на Центарот за поддршка на компаниите при Министерството за одбрана во Брисел имаа средба со претставници на двете НАТО агенции, за унапредување на експертизата на Центаор и уште поефикасна поддршка на домашните компании.
Во продолжение прочитајте како Центарот им помага на компаниите, има ли интерес меѓу домашните компании за настап на НАТО пазарот и што треба да направат за да учествуваат на НАТО тендерите.
НоваТВ: Кojа е основната задача на Центарот за поддршка на компании при Министерството за Одбрана ?
Центарот за поддршка на компании при настап на НАТО пазарот има две основни цели, административно да го олесни процесот на регистрација на македонските компании при НАТО агенциите, што преставува услов да се следат НАТО набавките, а на оние НАТО набавки каде се бара проверка за исполнетост на услови за учество од страна на национален авторитет истата да ја направи преку работата на меѓуресорската Владина комисија. НАТО набавките за своите потреби, како за потребите на земјите членки ги спроведува преку двете свои агенции: NSPA – НАТО Агенција за поддршка и набавки; и NCIA – НАТО Агенција за комуникации и информации. При што првата агенција е задолжена за набавки од сите области, додека втората агенција е специјализирана за набавки во ИКТ секторот.
Министерството за одбрана, преку Центарот сака да го разбие стереотипот дека администрацијата, нуди само административни услуги како што би било во случајов издавањето на потврдата за евиденција во министерството, која е услов да се продолжи со регистрација во НАТО агенциите или потврдата за исполнетост за услови од јавна набавка, која може да се бара во одредени набавки на НАТО агенциите. Затоа не застанавме само на ова „административна поддршка“, туку Центарот се обидува да биде партнер на компаниите, при што им даваме насоки и совети за можностите кои се нудат од НАТО агенциите. Воедно се надеваме дека во скоро време ќе можеме и да ги споделиме позитивните стекнати искуства на првите компании кои ќе склучат договор со некоја од НАТО агенциите, на следните компании кои ќе го одат истиот пат.
НоваТВ: Дали компаниите имаат препознаено односно колку се информирани, што значи можноста да учествуваат на некој од тендерите на НАТО ?
Иако Центарот формално функционира од пред еден месец, Министерството за одбрана во последната година имаше организирано повеќе презентации пред компаниите од повеќе сфери, за можностите кои ги нуди НАТО пазарот. Би сакале да потенцираме дека на 30.03.2021 Министерството за одбрана во соработка со НАТО Агенцијата за комуникации и информации организираше „Ден на индустријата“ на која пред компаниите од ИКТ секторот беа презентирани можностите на кои ги нуди оваа НАТО агенција.
Со цел компаниите да имаат повеќе достапни информации креирана е посебна подстрана на интернет страната на Министерството за одбрана (https://mod.gov.mk/центар-за-поддршка-на-компании/), каде компаниите на едно место ги добиваат потребните информации.
НоваТВ: Дали македонските компании имаат интерес да се регистрираат во базата на податоци на НАТО и колкав е тој интерес ?
Интересот на компаниите е голем, веќе дваесетина компании пројавија интерес за регистрирање во базата на министерството, а осум од нив го завршија процесот за регистрација во министерството и се во процедура за регистрација во НАТО агенциите. Три домашни компании комплетно го завршија и овој процес и ги следат објавите за јавни набавки на НАТО.
НоваТВ: Што треба да поседува една компанија за да може да влезе во регистерот на НАТО ?
Компаниите, за да се регистрираат потребно е да приложат докази кои се идентични со докази за докажување на лична и професионална способност за учество на јавни набавки објавени во Северна Македонија. Тоа се документи кои се добиваат од Централниот регистар и Управата за јавни приходи, како и изјави кои ги даваат самите компании.
НоваТВ: Има ли во Македонија компании кои можат да влезат во таа навистина голема конкуренција?
Како држава не смееме да ги потценуваме нашите домашни компании, голем дел од нив со години извезуваат производи и услуги на меѓународниот пазар и ги исполнуваат условите го ги бараат странските држави. Сигурни сме дека дел од нашите компании ќе може да ги исполнат и строгите НАТО критериуми и дека сите заедно ќе може да се гордееме на успехот кој ќе го остварат на НАТО пазарот.
НоваТВ: Тежината на годишните тендери на НАТО се мери со цифра од над 5 милијарди евра . Од која природа се потребите и каде најмногу би можеле да партиципираат македонските компании ?
НАТО пазарот најлесно може да се опише со народната поговорка „од игла до локомотива“, а Центарот веќе идентификува одредени дејности каде сметаме дека имаме компании кои би можеле да „зграбат“ дел од НАТО пазарот, а особено на набавките поврзани со набавка на униформи, обувки, средства за дезинфекција, изградба и опремување на објекти, лекови, медицинска опрема, кондиторски производи, храна, аеродромска опрема, трговија со гуми за возила, медицински услуги, ИТ консултантки услуги, како и изработка на софтверски решенија. Воедно се отвораат и можности пред се за компаниите од ИКТ секторот, да започнат соработка со големи гиганти во софтверски решенија како Airbus Defence and Space, Atos Belgium, Booz Allen Hamilton, EMW, Global Technologies, IBM Belgium, LA International Computer Consultants, MCR Federal, NCIM Groep и Vector Synergy, со кои НАТО има склучено рамковни договори во вредност од околу 100 милиони евра.
НоваТВ: Дали во овој релативно кус период , веќе некоја компанија успеала да земе тендер или некаков „пакет“ од работата што на тендер успеала да ја земе некоја друга странска фирма на пример?
Целиот процес од објава на тендер до склучување на договор со НАТО агенција, во најкраток рок завршува за 90 дена. Центарот за поддршка на компаниите при Министерството започна со работа пред само еден месец кога започна и можноста за регистрација на нашите компании. Но и покрај овој краток период сакаме да ви посочиме дека во тек се разговори кои нашиот Центар ги има со НАТО агенциите, преку кои очекуваме да се отворат вратите на нашите компании да се јават како добавувачи или подизведувачи на компании кои веќе имаат активни договори со НАТО агенциите.
НоваТВ: Дали во овој дел очекувате да има некаква регионална соработка меѓу земјите членки на НАТО, односно меѓу соодветни компании за заеднички настап на некој од тендерите на НАТО ?
Соработката како регионална, а пред се локална можеби е клучна за првите чекори, особено што за одредени набавки количините кои треба да се испорачаат се навистина многу големи. Тоа што не радува како Министерство е што дел од македонските компании кои се занимаваат со логистика веќе изразија желба да се здружат заедно со цел на можат да понудат повеќе услуги истовремено.
НоваТВ: За што главно се однесуваат тендерите на НАТО, може ли да ни откриете некои поспецифични артикли или услужни дејности што се бараат?
Како што наведовме и погоре тендерите се објавуваат за се и сешто, а како поспецифични би ги издвоиле следниве области каде нашите компании би можеле да учествуваат:
Осигурување
Облека / униформи разни видови
Обувки / разни видови
Средства за дезинфекција / Корона
Изградба и опремување на објекти
Лекови
Медицинска опрема
Храна – генерални повици
Аеродромска опрема / надворешни скали за авиони
Трговија со гуми за возила
Камиони за чистење/метење на аеродромски писти
Медицински услуги за НАТО сили на Косово
Системи за набљудување
ИТ консултантки услуги базирани на Microsoft services
Како што рече министерката Шекеринска на промоцијата на Центарот за поддршка на домашните компании – членството во НАТО не е само гаранција на безбедноста туку и шанса за домашната економија. Задачата на Центарот е навистина да помогне што повеќе домашни компании да ја искористат таа шанса.
М.Т.