АВНОЈ во новоконституираната државна заедница ги вброил како рамноправни конститутивни елементи македонскиот народ и македонската држава. Македонскиот јазик бил прогласен за рамноправен со српско-хрватскиот и словенечкиот на целата територија на Југославија.
Со сето тоа, правно и политички биле санкционирани стремежите на македонскиот народ за самостоен национален живот во сопствена национална држава.
Токму заради усогласеноста на решенијата на АВНОЈ со целите на антифашистичката и националноослободителна борба и со македонските национални интереси, тие решенија, децидно, биле потврдени од Првото заседание на АСНОМ на 2-ри август 1944 година кога е создадена Македонија како федерална држава во рамките на Југославија.
29-ти ноември – Денот на Републиката беше еден од најголемите државни празници во поранешна Федеративна Југославија.
Пред 81 години на тој ден се одржа Второто заседание на АВНОЈ во малото градќе Јајце во Босна и Херцеговина.
Историските записи велат дека тогаш на тој ден е донесена одлуката за федерално уредување на новата држава, а денот остана запаметен во историјата како датум на создавање на Нова Југославија.
АВНОЈ го воведе називот „Маршал на Југославија“, кој му е доделен на партизанскиот врховен командант Јосип Броз Тито. Функцијата претседател на „првата влада“ на нова Југославија му е доверена на Тито.
Југославија во периодот меѓу 1918 и 2003 година шест пати го менувала своето име.
За неа многумина тврдат дека била вештачки создадена и со самото тоа, неодржлива, но таа сепак, ако се одземе периодот на окупација во текот на Втората светска војна, во различни облици постоеше повеќе од 80 години.
Иако како датум за основање на првата Југославија се смета 1. декември 1918 година, таа официјално не се викала така, туку Кралство на Србите, Хрватите и Словенците. Дури во 1929 година, откако кралот Александар прогласил диктатура, државата формално го сменила името во Кралство Југославија и како таква опстојува се до април 1941 година кога била окупирана и распарчена.

Другата Југославија, под името Демократска Федеративна Република Југославија на 29 ноември 1943 година во Јајце ја прогласи Антифашистичкото веќе на народното ослободување на Југославија (АВНОЈ) под водство на Јосип Броз Тито. На новата држава и недостасувал поголем дел од територијата, кој бил под окупација, но и меѓународен легитимитет, бидејќи повеќето големи сили до крајот на војната го признавалче кралството.
По договорот на Тито со кралскиот претставник Иван Шубашиќ и усвојување на новиот устав, во јануари 1946 година е прогласена Федеративна Народна Република Југославија, која во 1963 година е преименувана во Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ).
Србија и Црна Гора во април 1992 година ја прогласија Сојузна Република Југославија како правна наследничка на СФРЈ, а таа под тоа име траеше до 2003 година. Тогаш името Југославија конечно исчезна со прогласување на Државна заедница на Србија и Црна Гора. Двете станаа посебни држави во 2006 година, кога Црна Гора прогласи независност.
Второто заседание на АВНОЈ во Јајце, на 29 ноември 1943 г, се конституирало како највисоко политичко и претставничко тело на југословенската антифашистичка борба и ги конституирало основните државноправни и политички органи на новата југословенска федеративна заедница.
Со своите решенија, Второто заседание на АВНОЈ ја конституирало нова Југославија како федеративна држава составена од шест републики, на пет нации.
Со тоа бил прекинат континуитетот на Кралството Југославија, бил прекинат континуитетот со државата во која не било признаено постоењето на македонскиот народ и тој бил изложен на големосрпска денационализација и асимилација.
Второто заседание на АВНОЈ создало Национален комитет за ослободување на Југославија (НКОЈ), како највисок извршен орган на власта, односно како орган што ќе ги извршува одлуките на АВНОЈ до формирањето влада по ослободувањето на земјата. Тој ги имал сите прерогативи и овластувања на привремена влада на Демократска Федеративна Југославија.
Освен претседателот Јосип Броз-Тито и тројцата потпретседатели, имал повереници што ги раководеле одделните поверенства што извршувале задачи на извршни ресорни органи на власта.
АВНОЈ во новоконституираната државна заедница ги вброил како рамноправни конститутивни елементи македонскиот народ и македонската држава.
Македонскиот јазик бил прогласен за рамноправен со српско-хрватскиот и словенечкиот на целата територија на Југославија. Со сето тоа, правно и политички биле санкционирани стремежите на македонскиот народ за самостоен национален живот во сопствена национална држава.
Токму заради усогласеноста на решенијата на АВНОЈ со целите на антифашистичката и национално ослободителна борба и со македонските национални интереси, тие решенија, децидно, биле потврдени од Првото заседание на АСНОМ на 2-ри август 1944 година кога е создадена Македонија како федерална држава во рамките на Југославија.
Од 1991 година, по распадот на СФРЈ, Македонија се осамостојува како независен државен субјект членка на ООН.

