Судскиот процес за петкратното убиство кај Смилковското езеро во вторникот продолжи без првообвинетите, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.
По 48-часовниот екстрадициски притвор, изречена им е мерка притвор во тараење од 30 дена.
Денешното рочиште беше затворено за јавноста, бидејќи се изведуваа докази од посебните истражни мерки, односно од прислушуваните телефонски разговори на обвинетите.
Иако во неделата косовската полиција ги уапси двајцата првообвинети во случајот Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, сепак судскиот процес ќе продолжи се додека двајцата обвинети не бидат екстрадирани во Македонија, откако судот добил официјално известување дека лицата кои се барале со потерница се уапсени.
„Нашите ингеренции тука се завршени, постапено е по нашата потерница и сега процедурата ја продолжува министерството за правда“ вели за Макфакс, истражниот судија Владимир Туфегџиќ.
Двајцата обвинети моментално се наоѓаат во екстрадиционен притвор во Приштина и се очекува најбрзо што може да бидат екстрадирани во Македонија.
Според обвинението тие се егзекуторите на четирите момчиња и рибарот кои беа убиени минатата година на 12-ти април на брегот од езерото во близина на главниот град Скопје..