Зоран Иванов
Од 72-та часа на Орце поминаа цели три дена. Три дена македонската интелектуална и медиумската јавност молчи и и` премолчува на длабоката држава па си велам, ај прекутрупа збор, два, три, …
Прво, факт е дека таква три деноноќна акција каква што спроведе новиот градоначалник на Скопје не се планира за ден, два, колку што денови постизборно ги имаше новиот градоначалник туку, според опфатот на ресурсите и човечки и технички, најмалку месец, два.
Второ, факт е дека целата таа операција за чистење на Скопје е планирана не во институциите надлежни за таквите активности, таму каде што и е местото за тоа, туку илегално во командниот штаб на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Планирана конспиративно, тајно ама со ресурси јавни.
Трето, засега, барем засега не е факт но се` упатува на тоа дека за спроведување на скопската хигиенска активност, партијата планер си ги ангажирала своите доверливи кадри, им делела задачи и ја тестирала нивната лојалност.
Го правела тоа не како план за акција на институција, на институцијата Град Скопје или на институцијата држава, сеедно, туку како план партиски но со ресурси општински, градски, државни.
Со ресурси на јавните претпријатија и на јавните установи и со нивни автономни ресурси до кои партија политичка не би смеела ниту да допре.
Го правела тоа што не би смеела во едно најелементарно демократско општество но, еве, не и во оваа наша длабока држава која во својот ментален партиски бункер креира дистопии и прави планови за тоа како да ја шокира јавност од своите вонредни способности.
Сигналот и сигналите кои преку новиот скопски градоначалник Орце Ѓорѓиевски ги емитуваше владејачката ВМРО-ДПМНЕ, уверливо упатуваат на тоа дека во земјава, со процесите во неа, со ресурсите нејзини, не управуваат видливи, цивилни институции и нивните надлежни јавни структури, туку партиски војници.
Појава која засега, барем засега, на сметка на демократската, оцртува само контури на длабока партиска, на вон институционална држава.
На длабока држава.
Може до некаде да се има оправдување и за предизборие и за желба за изборна победа, да се има по некое разбирање и за по некоја изборна лага. Да се верува дури и во чесноста и добронамерноста на пакетот 72 часа.
Но на демократска држава не и доликува да се партизира до степен на илегала како ова со примерот 72 часа.
Нејсе. Сепак, човекот, со право, и еве и од мене, со право, за акцијата доби аплаузи на отворена сцена.
Како кандидат за скопски градоначалник Орце Ѓорѓиевски, кандидат на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, вети дека ќе го исчисти Скопје за 72 часа и на тој план сепак нешто многу потребно и интервентно, стори.
Ако не го исчисти цело Скопје барем го зашминка центарот.
Главниот град за момент замириса на варикина, нешто се дезинфицираше, нешто се парфимираше, контејнерите се подиспразнија, стаорците подздебелени се вратија по подрумите.
Орце ракоплескања доби заслужено иако и ракоплескачите знаат дек таа работа вака кампањски, не ја бива.
Дека едно вакво и едно толку распослано Скопје, со нас старите и со вас новите скопјани во него, со нашата урбана култура и со нашата урбана не некултура, не се чисти и не може да се исчисти за три дена и за три ноќи.
На Скопје му треба систем.
Систем институционален, а не партиски волунтаризам тајно планиран во служба на изборите.
За три дена и за три ноќи колку што траеше акцијата 72, врз градот во кој еве и ганц да светнеше во секој негов агол од Драчево и Пинтија преку Центар до Ѓорче и Сарај каков што обид изборен му се случи на Скопје веднаш по локалните, бргу ќе почнат да надвиснуваат прашањата за тоа што, со што и како натаму.
Но ајде, избори беа па, нели, мора по малку или по малку повеќе и да се подлажува.
Дури, еве, камо среќа по Скопје и скопјани, Орце да се покаже како посебно способен и како вонредно успешен.
Како човек градоначалник кој зад себе ќе остави и чисто Скопје и одржлив систем за чисто Скопје зашто на Скопје му треба систем институционален, систем кој со малку или и со повеќе пари, ќе функционира во континуитет и без кампањи.
Кој ќе функционира долгорочно, непартиски и со одговорни раководители домаќини.
Со надлежни директори, началници и командири, а не со партиски послушници кои наместо своите плански програми, спроведуваат кампањски партиски команди од краток здив со ефекти од 72 или нека се и 720 часа, неважно.
Но, да се вратам на почетокот на овие редови, да потсетам дека тоа што го видовме на стартот на новиот скопски градоначалник, акцијата планирана предизборно и во строга тајност, акција која окупира институции, јавни претпријатија и цели општински и државни ресурси, дури и полиција и пожарна.
Спроведе, нека е и хумана и посакувана каква и што беше, но акција која суспендираше надлежности, која со нула ги помножи директорите во јавните претпријатија, нивните управни и надзорни одбори и која, преку изборното ветување пропагирано како 72 часа, демонстрираше државна партиска моќ.
И, макар во обид, експериментално, инсталираше подземна држава.
Преку Орце Ѓорѓиевски презентираше длабока држава. Длабока партиска држава.
Партијата на власт поништи се што е институција и поништи се што е процедура и поништи се што е надлежност на надлежните и се што е одговорност на одговорните.
Акцијата помина.
Завршија ветените 72 часа.
Што се исчисти се исчисти.
Што се замачка, се замачка.
И сега скорешниот градоначалник вели Градот немал пари.
Градот имал премногу долгови.
А колку пари непланирани на градските институции, на градските јавни претпријатија, на општините, на тамошните капацитети, на пожарните единици во работни часови, во гориво, во амортизација, им потроши акцијата 72, надлежните и одговорните таму за тоа сега не смеат ниту да помислат да писнат.
Не смеат зашто ако, за среќа, ова не е време во кое може да им се случи да ги голтне темнина на длабока држава, но како во ова време пак да се наѕира време во кое лесно и бргу може да им заигра метлата на длабопката партиската држава.
Тоа пак што 72-та ЕПП часа на новиот градоначалник на Град Скопје уште еднаш ја промовираа македонската длабока држава во која одлуките наместо во институциите се креираат во партиски командни штабови, е тема и обврска за политиката, за партиите, за универзитетската и за медиумската јавност, за независниот невладин сектор, за праведливите граѓански пориви.
А Скопје, Скопје и по Данела и Скопје сега со Орце, сакало тоа или не, и натаму ќе си го турка својот уникатен Скопски пат.

