Поетот Никола Маџиров ќе го води еден од најзначајните европски поетски фестивали во Европа, „Поесиефестивал Берлин“ кој се отвора денеска.
Маџиров е иницијатор на поетскиот проект ДОМ-ИЗЛЕЗ/ДОМ кој ќе биде составен дел од берлинскиот фестивал и кој се состои од разговори и читања со десет меѓународно признати поети на тема „домот на поетот меѓу напуштањето, враќањето и сеќавањата“.
Првата вечер од овој поетски серијал почнува на 8 јуни, а гости на Никола Маџиров ќе бидат двајцата неколкукратни кандидати за Нобеловата награда за литература, Брејтен Брејтенбах од Јужноафриканската Република и Адам Загајевски од Полска.
Меѓу останатите гости на Маџиров се и струшкиот венцоносец Томаж Шаламун, како и поети од Египет, Јамајка, Германија, Белорусија, САД. Фестивалот се затвора на 14 јуни.