Пишува: Беса Арифи, Професор на Универзитетот на Југо-Источна Европа
Имајќи ги предвид последните случувања во судовите и донесувањето на пресудите во одредени предмети, имајќи ја предвид и досегашната состојба на судството во Македонија, повеќе од јасно е дека реформите во судството се најиманентинте и најпотребните реформи во овој момент.
Случајот “Куманово” е специфичен и деликатен случај. Првостепената пресуда донесена за овој случај е нецелосна, и поради тоа создава чувство на неправда. Јавна тајна се наводите дека случувањата во Куманово на 9 и 10 мај 2015 година биле иницирани од безбедносните служби и од претходната власт. Индиции кои покажуваат дека ова може да е точно се две: прво, тајмингот на случувањата – во екот на објавувањето на “бомбите” на тогашната опозиција кои укажуваа на тешки злоупотреби на власта, и второ, непосредната оставка на две лица чии оставки одамна се очекуваа а се случија веднаш после овие настани: тогашниот Директор на УБК Мијалков и тогашната Министерка за внатрешни работи, Јанкулоска. Ниту еден од нив не беше ниту повикан да даде исказ во овој судски случај, што покажува колку нецелосна е споменатата пресуда. Оставката од политичка функција не ослободува од евентуална кривична одговорност, а без да одговараат сите инволвирани во овој случај правдата во врска со истиот никогаш нема да биде целосна.
Едно треба да биде јасно. Се работи за тежок и сериозен случај, бидејќи Кумановските настани имаа за цел поттикнување на нов вооружен меѓуетнички конфликт со цел да се дефокусира вниманието од виртуелните “бомби” во вистинските бомби. Таквиот потфат беше неуспешен, меѓутоа истиот предизвика тешки последици од кои оправањето е уште потешко. Осум полицајци беа убиени, меѓу кои и еден Албанец, цела населба беше уништена додека пак жителите од таа населба сеуште се оправуваат од тешките трауми. Јасно е дека секој инволвиран во овој тежок и комплексен случај треба да носи кривична одговорност. Обвинувањето за овој случај се реферираше на делата организирање на тероризам и тероризам, дела кои во секоја држава во светот се казнуваат најтешко.
Неправдата во овој случај е фактот што само директните сторители се соочија со кривичната одговорност, додека пак нарачателите, како и секогаш досега, повторно останаа во сенка. Четири лица беа ослободени поради недостиг на докази, а во притвор беа повеќе од две години, за што треба да добијат соодветна отштета. Меѓутоа, тоа што е круцијално во овој предмет е потребата да има одговорност за вистинските организатори, инспиратори и нарачатели на делото. Без да носат одговорност службените лица за кои има наводи дека го иницирале овој случај, правдата во врска со истиот засекогаш ќе остане нецелосна.
Во врска со овој случај треба да се искористат сите достапни правни механизми. Треба да се бара меѓународна правна помош од Косово од каде потекнуваат неколку од осудените. Во косовските медиуми уште во 2015 година се објавуваа информации дека косовските служби ја следеле Кумановската група, меѓутоа од Македонија не чувме да бидат побарани повеќе информации во ова насока. Во таа смисла дел од проблемот во овој случај се однесува и на градењето на теоријата на одбраната во врска со истиот, бидејќи воспоставените тези не оставија многу простор да се бара друг организатор освен самите членови на Кумановската група, што всушност претставува многу површен и тесен начин на гледање на целата работа.
Друг важен извор во врска за евентуалната повторна истрага во овој случај би бил Интерпол, како меѓународна полициска организација во која членува и нашата држава. Во рамки на таквата меѓународна полициска соработка може да се бара експертска помош од Интерпол за да се изведе подлабока и посеопфатна истрага.
Употребата на механизмите на меѓународна правна помоши и на меѓународна полициска соработка би придонела во добивањето на нови информации а и во подобрувањето на транспарентноста и довербата кон истрагата и целата постапка во врска со овој случај. Евентуалните нови сознанија и докази кои би се добиле во таа нова истрага би помогнале многу во постапката пред Апелационен и Врховен суд и би можеле да значат повторување на целата постапка или пак започнување на дополнителна постапка за други инволвирани лица.
Со вистински политички и правен ангажман таа работа може и да се случи. Важно е да се истакне дека обвинението за овој случај беше пишувано во 2015 година, во некои други времиња, и затоа разбирливо е што истата не е целосна и комплетирана. Со подобар ангажман во реформите во правосудството би се овозможило повеќе транспарентност во комплексните и контроверзни случаи каков што е и Кумановскиот.
Пред некој ден видовме и друг случај да добие завршница пред суд. Горан Грујовски беше осуден во отсуство во случајот на СЈО Тврдина 2. За противправно уништување на важна документација во врска со процесот на прислушување тој доби казна затвор од 18 месеци. Максималната казна која може да се изрече за неговото дело според Кривичниот закон е пет години затвор. За багателни кривични дела дадени се слични или потешки казни, како на пример, за кражба на неколку тегли ајвар дадени се 18 месеци затвор, а за кражба на ќебапи дадени се три години затвор. За делото на Грујевски, кој директно бил инволвиран во прислушувањето на над 26.000 граѓани се дава симболична казна од 18 месеци. А крадеш ајвар, а прислушуваше цела држава, едно па исто!
Во врска со овие потполно нелогични казни, вината меѓу другото треба да се бара и во постојното законодавство. Во нашата држава постои закон кој го нема во ниту една држава во светот, а тоа е Законот за одредување на видот и одмерувањето на казните. Тој апсурден закон го ограничува судијата во тоа какви казни може да изрече и во која висина. Почитувајќи го тој закон, што судиите се должни да го направат, се доаѓа до вакви апсурдни казни, како казната на Грујевски. Ако не беше трагично ќе беше смешно! Затоа, научната и стручната фела веќе одамна повикува на укинување на тој закон, со цел да нема дополнителни ограничувања во изрекувањето на казните, туку истите да се прилагодат на околностите на стореното дело, на нејзината тежина, и на убедувањето на судијата.