Издавачот ,,Везилка 2011” од Скопје објави на македонски јазик избор од поезијата на познатиот хрватски писател Миљенко Јерговиќ, кого пошироката читателска публика го познава како првокласен прозаист, автор на дваесетина книги проза. Јерговиќ за своите романи и раскази е добитник на сите позначајни награди во Хрватска, а и во повеќе европски земји. Книгите му се преведени на дваесетина јазици.
,,Промена на времето” е избор на 77 песни од поетскиот опус на Јерговиќ, што за македонските читатели го приреди Ристо Лазаров, кој е автор и на препевите и на поговорот кон изданието.
Овој избор ја потврдува раскошната поетска дарба на Јерговиќ и уверливо сведочи дека поезијата на овој автор неправедно е во сенка на неговото прозно творештво.
Потсетуваји дека непосредно пред распадот на Југославија Миљенко Јерговиќ влезе во литературата токму како поет, Лазаров подвлекува дека оваа поезија, што сега се приопштува и на македонски јазик е вистинита и вистинска и се прима како букет од ран бехар. Таа запрепастувачки плени, со леснотија која на речиси магичен начин ги прескокнува речиси сите меѓи на денот и на времето.