Ја прочитав мојата колешка и активистка, Светлана Јовановска.
И нејзината ќерка, исто така новинарка и активистка, Тања Милевска.
Потоа ја прочитав теоретичарката по родови студии и активистка, Ирена Цветковиќ.
Уште една активистка прочитав- преведувачката Ана Василева.
Следна ја прочитав активистката Ивана Драгшиќ, културолог .
Ја читав писателката и активистка Румена Бужаровска.
Потоа уметницата и активистка Јана Јакимовска.
Ден подоцна, активистката Славица Инџевска.
Па актерката и активистка Верица Недеска.
Сите ги прочитав. Малку прочитав. Многу прочитав.
Ништо од ова не знаев. Никој за тоа не знаел.
Ова се само неколку храбри жени, борци, јавни личности, кои ја покренаа кампањата #СегаКажувам #TaniTregoj. За да се подигне свеста за силувањата, сексуалното вознемирување, насилството, злоупотребите, за да проговорат сега оние кои се послаби, понемоќни, понегласни, замолчени, маргинализирани, фрлени на дното.
Да проговорат за насилството особено од страна на моќниот пол, на мажите, на суштествата дадените од Бога, надмоќни исклучиво во физички смисол, но низ вековите, историјата на машката доминација им оди во прилог.
Стануваат семоќни надбожества, оттука ја црпат силата д се прогласат не само за обични поседувачи на женското тело, не, тие сакаат уште, многу повеќе од тоа, тие сакаат да земат се.
Стануваат робовладетели, нејзини тутори и господари, нејзини џелати. Додека жената го добива местото на зрнцето, прашинката, на тишината, таа е, како вели Симон Де Бовоар- Другата.
После сите исповеди кои ги прочитав, беше ужасно и да се прочитаат некои коментари: се се сведува на општ консензус за вистинското место кое и припаѓа со векови на жената- дека заслужува да биде силувана, угнетувана, малтретирана, сексуално вознемирувана, систематски уништувана.
За да биде ослободена жената, мора да ги смени навиките, целосниот изглед, начинот на кој се однесува, како зборува, што мисли, зошто воопшто мисли- тоа е дел од наративот на таа шовинистичка култура, на сексизмот, на злоставувачкиот нагон, садимозмот, мизогинијата, мачоизмот, фемицодот, на животинскиот пат кој го одбрале и по кој зацртано, зациментирано чекорат коментаторите на исповедите на жените.
Илустрација: Deva Pardue (http://www.devapardue.com/)
Прочитајте ги.
Прочитајте ја мојата колешка, активистката Светлана Јовановска.
И нејзината ќерка, исто така новинарка и активистка, Тања Милевска.
Потоа прочитајте ја теоретичарката по родови студии и активистка, Ирена Цветковиќ.
Уште една активистка прочитајте- Ана Василева, преведувачка.
Следна прочитајте ја активистката Ивана Драгшиќ, културолог.
Читајте ја писателката и активистка, Румена Бужаровска.
Потоа уметницата и активистка Јана Јакимовска.
Ден подоцна, активистката Славица Инџевска.
Па актерката и активистка Верица Недеска.
Сите прочитајте ги. Малку ќе прочитате. Многу ќе прочитате.
Ништо од ова не сте знаеле. Никој за тоа не знаел.
Сега сите знаат.
Сега тие можат.