Во издание на „Силсон“ неодамна излезе книгата „Седум драми од БиХ“, чиј приредувач и преведувач на драмите е Лилјана Мазова, театарска критичарка и публицистка. На 400 страници е поместен избор од драми на седуммина автори од Босна и Херцеговина: Алмир Имширевиќ („Кога ова би била претстава / Кога ова би бил филм“), Алмир Башовиќ („Привидувања од сребрениот век“), Абдулах Сидран („Во Зворник јас го оставив своето срце“), Златко Топчиќ („Среќна нова 1994“), Љубица Остојиќ („Невеста од дожд“), Радмила Смиљаниќ („Балон од камен“) и Мирза Фехимовиќ („Ќеф“).
Во изборот на драмите учествуваа и режисерот Дино Мустафиќ и театрологот Мухамед Џелиловиќ, кој е и автор на текстот „Провокациите на нашето време – нова, свежа и интригантна драма“ што го толкува времето и луѓето/авторите/драмите.
Тој меѓу другото пишува дека во избраните драми „писателите веќе не не’ ни предупредуваат на она од што би сакале да се оттргнеме, туку ни го насочуваат погледот и кон опасностите од она во што толку одеднаш, некритички и непримерно влегуваме…“
Лилјана Мазова констатира дека ова се „драми кои говорат/раскажуваат за човекот – и исклучиво човекот – во услови кога насетува, кога се плаши за својот и за животот на најблиските, кога живее со лузните од најголемиот непријател – војната. Онаа меѓу свои и со свои, и кога на неа гледа низ нејзините срамотии“. Драмите се пишувани по 10/15 години по војната во БиХ, во периодот од 1992 до 1995 година.