На 8 ноември (четврток) на Филолошкиот факултет во Скопје ќе се одржи предавање на Бенјамин Лангер, преведувачот на романот „Пиреј “ на германски јазик.
-Преведувањето на романот Пиреј од Петре М. Андреевски на друг јазик од повеќе аспекти претставува вистинска авантура. Во своето излагање на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, Бенјамин Лангер ќе раскаже како активирал речиси цело македонско село за да успее да го преведе овој роман од македонски на германски јазик, надминувајќи ги многубројните предизвици. Како еден од ретките германски преведувачи од македонскиот јазик, Бенјамин Лангер ќе ни ги долови условите за создавање книжевен превод во Германија, се вели во најавата на настнот.
Бенјамин Лангер е роден во 1976 година во Ерланген. Студирал германистика и историја на уметноста во Бамберг и во Будимпешта. Од 2005 до 2009 година, работел како лектор по германски јазик на Катедрата за германски јазик и книжевност при Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 2009 година, живее во Берлин, каде што на „Слободниот универзитет“ работи како координатор на меѓународната соработка со Кина и преведува македонска книжевност на германски јазик. Во моментов изготвува дисертација на тема за имагинациите на Македонија во германскојазичната книжевност. Досега има преведено неколку романи на Влада Урошевиќ, Гоце Смилевски и Петре М. Андреевски, како и други книжевни текстови. Во 2017 година, Македонската академија на науките и уметностите му го врачи меѓународното признание „Блаже Конески“.
По 45-минутното предавање, предвидена е дискусија.
Предавањето под наслов „За плужици и платици: За преводот на романот ПИРЕЈ од Петре М. Андреевски“ ќе се одржи во салата за седници на Филолошкиот факултет од 13 часоот.