Бесмислени и патетични се повиците на уметниците, нивните лелекања, нивните бескрајни беседи, тие офкања и стресувања, затоа што не била правично распределена финаниската поддршка од Министерството за култура за нивните идни дела, за нивната уметност, нивната култура. Тоа се луѓе без кои оваа земја можеше да се прогласи за мртва одамна. Партијата не мисли така.
Културата, тоа сме ние, идентитетот, тоа сме ние, порачуваат во глас, талентирани, големи, значајни, прославени уметници, уметнички директори, режисери, актери, издавачи, композитори, диригенти.
Не, воопшто не, тоа не е никако така како што тие велат. Затоа што Партијата мисли поинаку.
Културата на оваа земја не се тие, ниту иднината, најмалку идентитетот. Како досега овие луѓе тоа не го разбрале, не дознале, не осознале?
Нашата култура и идентитет? Тоа е Партијата. Кој од нив покажал партиска книшка, како доказ на идентитетскиот хабитус, кој го има печатот, потписот на лидерот, кој лепел од нив плакати, кој ги бранел партиските бои, кој ги копал и повторно закопувал партиските ровови, кој е војник од нив, партиски генерал? Дури и каплар, макар и обичен потрчко со партиска капа, да биде со широка, горда насмевка на сликата на партиската книшка. Кој од нив бакнал партиски крст и кандило, кој?
Нашиот идентитет? Секако дека не се ниту тоа. Тоа е нашата корупција, непотизмот, баџанакот, ќерката, кумството заплакнато со темјан како благослов од бога, исплакано од пијана среќа на некоја семејна слава, покапано со крв како доказ за братството, кој од нив ги собирал во транс сватовите, ги повлекувал границите после кои не смее никој да допре, ниту згазне, освен нивните, своите, племето.
Зоја Бузалковска, Оливер Белопета, Костадин Шурбановски-Шурбе, Ненад Стевовиќ- Нено, Стотројка (103 Радио), концерти на Влатко Стефановски, “Златно славејче”, Фестивалот “Пеце Атанасоски”, “Синтензис”, Сашо Татарчевски, “Синедејс”… некои од нив јавно објавија револт, огорченост, разочараност. Но, не е немоќ, не и немоќ.
Кај овие луѓе не се веат пред домовите свежо испрани париски знамиња, тие не ја пејат наутро, најмалку навечер, за мирна, партиска ноќ, химната за лидерот, тие не знаат да сонуваат во партиски бои, тие се ничии, затоа што не се ничија сопственост, и затоа се најдобрите. На оваа мала, сечија земја, најмалку нивна.
Многу од нив одамна ги преминале границите на земјава, но никогаш нема да можат да пречекорат преку партиските граници, цврсто обележани, кукаквички и бесрамно. Како во едно сведоштво на сталинистичката чизма над Чехословачка, забележано во една книга, кога талентот на младата докторка, пластичен хирург нема да вреди ништо, ако не одговори на барањето на Партијата- да ги преработи на лицата на пациентите, во оние на Маркс и Енгелс. Сталинизмот не е мртов, дури ниту во оваа земја, зарем не?