„Со измените во Кривичниот закон за делата сторени од омраза, очекувам поголема свесност кај граѓаните, но и да резултира со пресуди во кои ќе биде јасно и децидно кажано дека кривичните дела се извршени од омраза и поради тоа казните се повисоки“, вели за НОВА обвинителот Александар Маркоски.
Една од главните работи што се постигна со измените на Кривичниот законик усвоени минатата година беше појаснувањето, односно дефинирањето на тоа што е дело од омраза
Член 122 став 42
Како дело од омраза изрично предвидено со одредбите од овој Законик, се смета кривично дело против физичко или правно лице и со нив поврзани лица или имот кое е сторено во целост или делумно поради реална или претпоставена (замислена, вообразена) карактеристика или поврзаност на лицето што се однесува на раса, боја на кожа, националност, етничко потекло, религија или уверување, ментална или телесна попреченост, пол, родов идентитет, сексуална ориентација и политичко уверување“.
Во Хелсиншкиот комитет само во јануари регистрирале 17 инциденти сторени од омраза, а минатата година дури 123 кривични дела. Еден од нив е, кога жртва бил припадник на ЛГБТ заедницата кој бил нападнат во градски автобус само поради неговата сексуална ориентација, а случајот во дневниот билтен на МВР не е квалификуван како дело сторено до омраза и никаде не е наведена сексуалната ориентација на жртвата како пристрасен мотив за извршување на тоа дело. Од Хелсиншкиот Комитет потсетуваат дека Обвинителството се уште не ги процесирало кривичните пријави за делата од омраза сторени поради сексуална ориентација и родов идентитет во периодот 2013-2015 година.
„Преминуваме во општество кое мрази, се мразиме по сите основи, меѓу себе но и заедно мразиме други луѓе по различни основи“ констатираат од Хелсиншкиот комитет.
Токму говорот на омраза се провлекуваше како мотив и во убиството на Никола Саздовски, кој беше крвнички претепан од три лица на автобуската станица во Автокоманда, а по десетина дена во кома почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување. Двајца од сторителите се во притвор, а третиот е во бегство.
„Иако напаѓачите и жртвата биле членови на различни спортски клубови, главниот мотив за убиството е омразата поради етнички припадност“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Во билтенот на МВР бројот на овие дела сторени од омраза е многу помал – во 2018 година регистрирале само 33 кривични дела предизвикани од омраза, од кои само 4 за предизвикување на омраза, раздор или нетпреливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.
За ширење говор на омраза преку социјалните мрежи, МВР поднелo само 5 пријави во цела 2018 година.
Обвинителството покрена обвинение против Миленко Неделковски за неговите постови на Фејсбук за катастрофалните пожари во Грција, а во кои алудира дека Грците ја заслужиле огнената катастрофа поради договорот со Грција, и против актерот Тони Михајловски, поради закани кон новинарот Бранко Тричковски во јуни минатата година.
„Не значи дека тој што шири говор на омраза самиот ќе стори кривично дело, но може да поттикне други да го сторат тоа. Најважно е да се дејствува брзо. Не може институциите денес да функционираат како пред 20 години кога имаме дигитална ера и кога секој со секого стапува во интеракција. И ако вие сакате да спречите било какви појави мора да имате брза интервенција “ вели експертот по социјални медиуми Бојан Кардалов.
Со измените во Кривичниот законик, Обвинителството ќе мора сите дела во кои може да биде вклучена квалификацијата омраза, посебно да ги нотира, што ќе се земе предвид при одредување на казната.