Борбата за забраната за градење во центарот на Скопје, и покрај пречките од Градежната комора преку Уставниот суд, претставува најново спектакуларно море на глупоста на власта.
Погледнете ја само таа неосознаеност за вистинските потреби на граѓаните, за која немаат благ поим ниту градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, ниту претседателката на Советот на Општина Центар, Јана Белчева.
Тие не знаат дека груевизмот донесе непрегледна свежина во животите на малите, стуткани граѓански души, кои благодарејќи на великодушноста на тогашната власт, можеа да бидат ставени на располагање на секое нивно секојдневно изживување и малтретирање.
Но, во исто време, тој само навидум животен и градежен хаос, претставуваше голема победа за тој мал, дотогаш безличен граѓанин, кој стануваше низ годините среќен што воопшто се сетил на него тој криминален октопод од власт. Макар и му го уништил животот.
Оттука, Богдановиќ и Белчева не се свесни за победите кои беа тогаш тешко извојувани, тие победи му припаѓаа на тој мал, добар човек, кому му беше избришана осаменоста, со која тој дотогаш не знаеше како да се справи, што да стори со неа по ѓаволите.
Пред спалната соба на тој, сега веќе живнат човек, никнуваа насекаде нови, згради, понови згради, најнови згради, распослани на сите страни на светот, како да се објавува доаѓање на неговиот крај.
Се вселуваа сите во овој центар, целата оваа земја се напика, од сите краишта, села, планини, падини, сите сакаа да станат нови, големи, градски луѓе.
Се склопуваа нови, туѓи кревети, кои му се треснуваа право на нашиот стар, мал човек, пред носот му се заштрафуваа полици, на глава му се редеа книги, на грб почна да ги носи илјадниците нови згради, соседи, на се се согласуваше, само за да не остане сам, само за да не го втера во ќош таа самотија.
Денес, како никогаш дотогаш, тој може да ги помириса туѓите чаршафи, да пружи рака и да свари соседско кафе, да додаде зрнце плус зачин во салатата, да го тргне тенџерето кое кипи од шпоретот кој почнува да чади весело, затоа што знае дека на сантиметар до него се исправил шпоретот од соседот, кој исто татни како на железничка пруга, затоа што стотици такви шпорети се распоредени низ улиците, закрчени од згради, автомобили, кафеани, контејнери, сите вчудоневидени од неможноста да се дише во овој град.
Ништо од сево ова не смее да се заборави, барем не во оваа земја, која ништо на научила од времињата не така дамнешни, очигледно и не доволно за овој народ натежнати и невозможни за живеење.