Македонската економија стагнирала во 2012 година но се бележи пораст од 3,4 отсто во првата половина од 2013 година споредено со истиот период од лани, вели есенската анализа на Европската комисија (ЕК) за Македонија објавена денес.
Во документот што денес го објави ЕК а го презентираше комесарот за економија Оли Рен, се вели дека економскиот раст се очекува да се забрза и домашниот бруто производ да порасне за 2 отсто оваа година а инвестициите би требало да се забрзаат пред се поради странските инвестиции и јавните трошоци.
Вработеноста исто така расте додека невработеноста падна од 31 на 28,8 отсто како резултат на оние што нашле работа но и како последица на постриктни процедури во регистрацијата на невработените. Според ЕК најголемиот број нововработувања се во секторот на градежништвото во поради проектите во Скопје. Но ситуацијата е особено тешка кога станува збор за младите и изнесува 51,7 отсто што е одвај 1,3 поени помалку од истиот период во 2012 година.
Предвидувањата на ЕК велат дека странските директни инвестиции добиваат импулс откако опаднале мината година и се очекува да пораснат до 3 отсто од домашниот бруто производ (ДБП) до крајот на годината. Овој пораст ќе помогне да се ублажи порастот на странски задолжувања со кои се финансира дефицитот во земјата.
Дефицитот достигна до 3 отсто од целиот предвиден ДБП за годината а тоа е пред се резултат на порамнувањето на заостанатите долгови во приватниот сектор, порастот на пензиите и социјалните трансфери и пониското собирање на даноци.
“Ова ја наведе владата да го зголеми дефицитот од 3,6 до 3,9 за 2013 година. Ова предвидување мисли дека општиот дефицит на владата ќе падне на 3.7 отсто оваа година и ќе паѓа за 2 поени до 2015 година како резултат на воздржани порасти на владиното трошење особено со јавната потрошувачка.
Сепак, и покрај падот на нет задолжувањата се очекува дека долгот на централната влада ќе продлжи да расте”, очекува ЕК.
Брисел измери дека долгот пораснал за 13 поени помеѓу 2008 и 2012 година а во оваа бројка не се пресметани долговите на државните претпријатија. Оттука постепеното паѓање на дефицитот на буџетот не е доволно за да го намали ниту да го стабилизира долгот.