Изложбата „Леб и сол”, на која ќе изложуваат 12 македонски уметници, ќе биде отворена во четврток вечер во Palais Porcia во Виена.
Низ дванаесетте селектирани гледишта на Искра Димитрова, Ирена Паскали, Славица Јанешлиева, Зени Балаќи, Александар Спасоски. Мирослава Микица Трујкановиќ, Таби Азири, Дијана Богдановска, Осман Демири, Гоце Наневски, Велимир Жерновски и Филип Јовановски е акумулиран симулакрумот „Леб и сол (Транзиција и пол)”. Куратор на изложбата е Ана Франговска.
На изложбата насловена „Леб и сол (транзиција и пол) се опфатени 12 различни аспекти на видување на транзициските и половите дискурси во македонското општество денес.
Генерациската разнородност на селектираните уметници, како и медиумскиот богат концентрат (од класичните слики и скулптури, па се до објекти, инсталации, фотографии, видеа, плакатски решенија) нудат една поопшта слика на актуелностите во македонската современа уметност во последната деценија.
Преку авторските визуелно-концепциски јукстапозиции допрени се перспективите на заборавената традиција и припадноста, како и брзата глобализација чиј еден од многубројните последични рецидиви во културолошки смислол е појавата и негувањето на турбо и поп културата, со емфаза на кичот.
Се обработува дихотомијата сиромаштија („лебот наш насушен”) – изпермутиран квази капитализам. Потоа, од историска призма, се наѕираат аспектите на наметнатиот матријархат (од времето на печалбарството), па преодот во патријархат во социјализмот, до денешното, затскриено ривалство на половите за доминација (и покрај начелната еднаквост и рамнотежа).
Низ визуелни решенија се допираат и ставовите, произлезени од општествените стеги и наметнатите авторитарни нормативи, на феминистичките групи за себството, а исто така и правата, еднаквоста, слободата и почитувањето на поинаквите во сексуланата определба, т.е. LGBT групата. Аспектот на “lost in translation” или лична интерпретација на „изгубени во преодот”… транзицијата.