Дијагнозата за судството ја постави Прибе во својот Извештај, во кој лоцираше дека одговорноста за нереформираното судство треба да се бара и меѓу судиите. Оттогаш поминаа две години, донесени се нови закони за судство и за Судски Совет и избран е нов состав на Советот. Но, и натаму ниту еден судија не одговарал за злоупотреба на судиската функција. Најгласен во прозивките е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој бара за судиите да важат истите закони како и за останатите.
-Никој не може да очекува дека граѓаните ќе имаат доверба во институциите на системот, ако носителите на функции, поранешни функционери, големи бизнисмени, луѓе со големи врски и во домашната и во меѓународната јавност не одговараат подеднакво пред законот како што одговараат останатите, порача денеска Спасовски, кој во секој свој настап јавно зборува дека правосудството не е реформирано.
Спасовски денеска упати апел до Јавното обвинителство и до јавните обвинители да се охрабрат да покренуваат постапки и против свои колеги и против судии, фунционери и против секој во земјава кој се огрешил пред законот. Ги повика и граѓаните да пријавуваат и да покренуваат постапки, нагласувајќи дека МВР им е партнер и додавајќи дека тој жестоко ќе се бори на политичката сцена секој да одговара подеднакво пред законот.
-Сите пред законот мора да бидеме еднакви. Секој што прави некаков пропуст, кривично дело ќе мора да одговара, ќе мора еднаш засекогаш да се напушти принципот на неказнивост. Тие што се „големи ѕверки“ во земјава треба да бидат исто третирани како секој обичен човек. Не може наутро едни да бидат апсени, а попладне некој да ги пушта, затоа што можеби имало влијание, рече Спасовски.
-Во судовите, обвинителствата и во сите органи на државна управа најголемит дел од луѓето се чесни, одговорни и професионалци, но постојат одреден број луѓе кои не се однесуваат професионално, можеби поради бизнис интереси, личните, партиските интереси им се поважни во нивното функционирање. Сакам таа одговорност да биде посочена со име и презиме да носат одговорност и тоа ќе биде поука за секој еден фукционер. Ќе дојде момент кога ќе посочуваат со име и презиме, рече Спасовски
Изјавата на Спасовски следи ден откако претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев кажа дека прозивките дека судии не одредувале притвор, не се однесуваат на судот со кој тој раководи.
Претседателот на Кривичен, Џолев вчера му одговори на Спасовски: Кривичниот суд е независен и одлуките ги носи врз основа на докази.
-Одлуките на Судот се избалансирани, европски и правични, вели Џолев, кој се повикува на Извештајот на Европската Комисија во кој Кривичниот суд доби позитивни оценки.
Џолев посочува дека можеби одговорот треба да се бара на друго место.
Кривичниот суд одобрил притвор секогаш кога тоа го барале СЈО и ОЈО
Статистиката на Судот за 2018 година покажува дека СЈО барало притвор за 6 лица, од кои четворица се осомничени во случајот „Империја“. Кривичен тогаш одобри притвор за Сашо Мијалков, Орце Камчев, Ненад Јосифовиќ, кој потоа беше преиначен од Апелација во домашен, за на крај Врховен да го укине и да ги ослободи.
Од 123 барања за притвор од Обвинителството за организиран криминал во 2018 година, Кривичен определил притвор за 121 лице, додека за две определил куќен притвор.

Во 2019 од СЈО не било доставено ниту едно барање за мерката притвор, додека по барање на Обвинителството за организиран криминал определиле мерка притвор за 87 лица, а само за едно лице мерки на претпазливост.
За критиките дека судските процеси кои ги води СЈО премногу се одложуваат, а процесите бавно се водат, Џолев смета дека не се основани. Вели откако е тој претседател на Кривичен суд од ноември 2017 година, биле закажани 372 рочишта, од кои 248 се одржале, а само 124 се одложиле. За одложувањето според него причина не се судиите, туку најчесто тоа е поради остсутво на обвинетите или нивните адвокати.
Должината на процесите ја објаснува со обемните докази кои се презентираат, но и поради тоа што истите адвокати се на други рочишта.
Случаите од СЈО со најмногу одложувања
Од Коалицијата „Сите за правично судење“ кои ги следат сите судски процеси посочуваат дека во мај годинава се одржале 15 рочишта, но исто толку биле и одложени.
Предметот „Титаник“ кој почна во април 2018, на пример во мај бил одложен дури четири пати – поради непотполн судечки совет, а потоа уште три пати поради остсусттво на дел од обвинетите.
Три пати во мај било одложено и судењето „Триста“, кое во март годинава започна од почеток, откако откако Апелација ја укина првостепената пресуда, според која обвинетиот Ѓоко Поповски, поранешен помошник министер во МВР, беше осуден на девет години затвор. Одложувањата на повторенотосудење е поради отсутво на вешто лице, отсуство на обвинет и поради потребно време за да се изготви вештачење. И еден месец подоцна, судењето за „Триста“ беше одложено поради „ потребно време да се изготви вештачењето“.
Судењето за „Талир“ , кое започна во февруари годинава, во мај е одложено двапати – поради отсуство на обвинет и отсуство на бранители.
Работата на СЈО изминатиов период е комплетно блокирана и поради фактот што се уште не е усогласен новиот Закон за јавно обвинителство. По мислењето на Врховниот суд дека СЈО нема право да спроведува нови истраги, од СЈО изјавија дека обвиненијата кои веќе им се подготвено нема да ги пдонесат се додека нема правна разрешница за нивниот статус.
Има политичка желба, но не и волја да се сменат работите
Адвокатот Звонко Давидовиќ смета дека состојбата во судството не е променета. Според него проблемот лежи во раководењето и управувањето со судството и тука го посочува Судскиот совет, кој според него, дури и во новиот состав не е ништо поразличен од претходниот и по транспарентност и по решавањето на проблематичните прашања.
-Ниеден член не доживеа одговорност која требаше да ја понесе. Извештајот на ЕК го посочи предметот „Јустиција“, кажа дека не е овде проблемот меѓу неколку судии, туку во раководењето и и управувањето со судството. Ако ви го нацртаат тој проблем, а вие години потоа немате одговорност од никој од членовите, навистина кој ќе се сака да се зафати и да работи нешто поразлично од она што е зацртаната патека, вели Давидовиќ.
Според него, постои само политичка желба, но не и политичка волја да се сменат работите, бидејќи, како што вели, никој од луѓето кои го доведоа судството на ова дереџе не понел одговорност.
Во контекст на критиките за одолговлекување на процесите, Давидовиќ ги посочува случаите Змиско око, Фаланга Ликвидација, Шпион, кои и десетина години се заглавени во судските лавиринти, без никој за тоа да понесе одговорност, а кои држат во заложништво човечки судбини.
-Змиско око 1 и 2 траат со години. Мислам дека 10 години. Можете да замислите какво е чувството да мора секоја покана да се јавите на суд и десетина години се појавувате и имате тежина. Вие сте бележени дури и да работите, ви виси над глава пресуда, вие сте во судска постапка, има обвинение против вас и тоа не е ни малку пријатно. Дел од предметите воопшто не ни беа започнати. За „Шпион“, „Ликвидација“ кој е понов предмет кој произлезе од Ореше, за сите други предмети имаше сомневање за чесноста, праведноста и начинот на постапувањето на судот. За жал резултат немаме, вели Давидовиќ.
Ова го отвора прашањето за влијанието на политиката врз судството, за кое Давидовиќ вели дека не може да се рече дека го нема. Тој тука ги посочува „бомбите“, во кои се слушна дека на партиска координација се вршат избори на судии и се договара нивниот избор.
-Немаше никаква одговорност на судиите за кои се слушна дека реферерираат на тогашниот премиер кој да биде и избран. На дел од судиите веќе не им ѕвони телефонот за некој да им порача пресуда или нареди пресуда. Сами го прават. Имаат клиентелистички однос на самоцензура да знаат што се бара од нив и да го испорачаат, смета Давидовиќ кој сепак истакнува дека не кај сите, но менталниот склоп на добар дел од судиите се уште е таков.
Во моментов во Обвинителството за организиран криминал и корупција не се води ниту една постапка против судија, а нема никаков напредок ниту во истрагата што ЈО ја води за злоупотребите на АКМИС системот. Предлозите за разрешување на судиите во Судскиот совет траат повеќе од една година и нема најава за брза разрешница.