Сите ја знаете приказната за катастрофата на Чернобил, дури и пред да се закопате во петчасовната агонија на серијата, но пред неколку години, кога ја прочитав книгата на нобеловката Светлана Алексиевич “Гласовите од Чернобил”, се создаде вистинската слика за нашиот сопствен чернобилски ефект.
Идејата на Алексиевич не е само да се запишат сите гласови, живи, заминати, можеби и заборавени, не само тоа. Ова е книга повеќе за иднината, и тоа нашата иднина, исклучиво нашата, на нам блиските земји- по политичката култура, менталитетот, традициите, политичката траекторија, историјата на неспособност, на денгубење, на алчност, расипаност, злоба, завидливост и омраза пред сè.
Тоа е иднина во која сме сите ние во истата стапица одамна долго и не излегуваме од неа мачно долго време. Ние, пост-комунистичките земји, закоравените, безнадежните изолирани островца, кои одбиваат каков било допир со надворешниот свет, имаат отпор од идејата за подобар, поубав свет.
Мислам на новиот, храбар свет кој е надвор, на старите, позрели демократии, каде катастрофите се случувале пред векови а сегашните, минорни, се поинаку произведени и доживеани. Секако дека ги имаат и тие сопствените секојдневни мали катастрофи, зарем не е наивно да поверуваме дека ги немало и ќе ги нема и понатаму, бескрајно, до бесконечноста.
Сепак, Светлана Алексиевич преку тие гласови, оние на мртвите души, говори за тогашните руски политички елити, кои ги краси “лажливост, мрзеливост, некомпетенција, ароганција, самозадоволност, игнорантност и индиферентност кон целокупната популација”.
Застрашувачки е следново- што овие нејзини записи не се само писарски сведоштва, дактилографски чкрабаници како потсетник за едно време, толку далечно, што некому може и помисли дека станува збор за здодевна литература на пост-сталинистичкото време. Таа пишува и за сегашноста, за иднината, од која ние не можеме да се оттргнеме, закопани со главите во бајките за нашето минато.
Внимавајте, ние дури и денес го живееме тој чернобилски синдром, зациментиран во нашите глави. Затоа што, кога ги споменувате мртвите души, секогаш мислите на гогољевскиот сарказам за непопустливоста во сопствената глупост, комична, неспособна бирократија. Но нејзините никулци најпрво треба да се бараат во коренот- во лидерството, кое репродуцира и исфрла бескрајно многу свои следбеници, копии, франкештајни.
Монструозноста на тој гломазен систем во оваа земја е фактот што Партијата е судбината на еден народ, на една нација- точно знаете на што мислам, секако не на Македонците само, туку буквално на сите граѓани кои живеат тука- и таа ја претвара земјата во гогољевска гротеска.
Тој Чернобил на Алексиевич е предупредување за сите Садула Дураковци од кои Заев го црпи опстанокот на својот и нашиот политички живот, натоварен, со свиткан грб како самар кога го тегли и ни го препушта нам, во наследство.
Човекот, тој важен и некадарен функционер, сменет министер за екологија, кој има запишано познавање на Интернет Експлорер во својата биографија, како врвно достигнување и препорака да стане министер за политички систем, секако не го именувате една недела потоа, за вицепремиер. Вие не, но Заев тоа го стори.
Повиците за затвор на Латас заради дивоградби се исто така комичен запис од ова време, но трагичноста на моментот настапува тогаш, кога се соочуваме со тотална неказнивост- за што судијката со задоволство потпишува сопствена дефиниција за некомпетентност, неспособност и неквалификуваност- таа е симбол, персонификација на чернобилската политичка елита кога ја нарачува смртта на едно општество.
Чернобил ни се случува и со ненамерниот пропуст со химната при изведбата на химната на една пејачка во Американската амбасада на Денот на независноста. Тамара Тодевска не е должна да го разбира, да го толкува и анализира политичкиот контекст кога се прескокнува сосема ненамерно, без заднина, строфа во која се споменуваат Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански.
Но, квази патриотизмот кој секогаш се повикува на чувствителноста на моментот, станува крволочен и таа сега е принесената жртва за јавното мени. Тој јавен линч ние, особено дел од новинарите, го живееме повеќе од деценија, нешто на што одамна сме навикнати, отрпнати, индиферентни, но секогаш сме подготвени да ги одбраниме оние кои ги растргнуваат пред нашите очи, затоа што само така може да се спречи понатамошното загнојување на општеството.
Некоја година потоа, откако Груевски замина од политичката сцена, ни се случува секојдневно нижење на афери, скандали, одење по истата тракеторија, само што разликата е во тоа што стануваше за крајно монструозен облик на Чернобил- оној на груевизмот. Овој пат, ова владеење ни изгледа крајно разочарувачки и безнадежно, што станува просто неверојатно.