Расте задолженоста на граѓаните по основ на кредитни картички, расте и бројот на издадени картички. Иако е најголем бројот на дебитните картички, кои практично значат дека колку пари имаш на нив – толку трошиш, анализата на податоците од НБРМ покажува дека од почетокот на годинава раст има и кај бројот на кредитни картички. Само по овој основ населението, заклучно со октомври на банките должи скоро 200 милиони евра.
Граѓаните велат – додека има пари на картичката, тие лесно се трошат, проблемот се случува кога долгот треба да се врати. Од друга страна, поради ослабената финансиска кондиција, илјадници граѓани не се во можност потоа навреме да ги враќаат ратите и каматите за минусните салда. Извршителите потврдуваат дека банките обвиниле голем број на граѓани со што преку присилна постапка се обидуваат да ги наплатат долговите.
Живот со “минус“ на картичка:
Најновите податоци на Народната Банка покажуваат дека заклучно со октомври, граѓаните по основ само на кредитни картички кај банките се задолжени со 200 милиони евра. Во исто време, податоците укажуваат на тоа дека расте и сумата што физичките лица ја должат поради пречекорување на плата на тековната сметка. По овој основ граѓаните се задолжени со 88,2 милиони евра.
“Кредитните картички се лесни за пазарање, но тешки за раздолжување. Сега имама две кредитни картички од две различни банки. Но поради тоа што пред неколку години навреме не ги враќав ратите за една кредитна картичка, завршив со извршители на врата. Сега, ги плаќам и ратите и дополнително и камата, па има и некоја сума што им ја отплаќам на извршителите“ – вели Снежана. Х од Скопје, која како вработена располага со месечен приход од околу 20 000 денари. Објаснува дека парите од кредитните картички завршиле за да се “закрпи“ месецот, да се платат сметки, комуналии, да се купи храна за децата.
Во ваква состојба се илјадници граѓани. Според податоците на Народната Банка, во септември во оптег биле нешто повеќе од 1 милион и 561 илјада картички. Само за девет месеци, или од јануари до септември бројот се зголемил за скоро 53 илјади ново издадени кредитни картички. Она што укажува на натамошен раст на долговите на граѓаните по основ на картички е растот токму на бројот на кредитните картички. Еве со какви видови на картички располагаат граѓаните :
Дебитни картички 1 188.908
Кредитни картички 313 615
Картички со кеш функција 58 637
Кредитните картички што ги нудат банките се со различна сума. За да привлечат повеќе клиенти, дел од банките ги даваат како “гратис“ во пакет со некои други банкарски производи, односно кредити. Грубата пресметка покажува дека за долг од 60 000 денари на една кредитна картичка, месечната рата што треба да се плати се движи од 3 300 до 3 500 денари. Секако, оваа сума се намалува доколку парите остануваат на сметка на картичката.
Анализата на податоците од банките покажува дека граѓаните,освен преку кредитни картички, најмногу се задолжени со потрошувачки кредити, особено оние ненаменски.
Така, заклучно со октомври, по основ на потрошувачки кредити граѓаните должат 626 милиони евра и во однос на јануари годинава, долгот е зголемен за 85 милиони евра.
Во пакет со кредитната задолженост на граѓаните, расте и салдото на сомнителни и спорни побарувања, кои практично ги опфаќаат неподмирените долгови. Во октомври ова салдо надмина 87 милиони евра, и е во постојан раст од почетокот на 2013 та година.
Кога извршителот ќе затропа на врата …
Растат долговите на граѓаните, но растат и ненаплатените побарувања. Извршителите потврдуваат дека по предметите за присилна наплата на заостанати сметки за комуналии, доминираат и решенијата за наплата на банкарските кредити, вклучително и за кредитните картичките.
“Точно е дека има голем број на вакви предмети. Иако во некои случаи, како кај кредитните картички станува збор за помали суми, сепак банките сакаат да ги наплатат, што е логично. Кога предметот ќе стигне до извршител, наплатата мора да се реализира. Во вакви случаи, кога станува збор за помала сума од 1 000 евра, се избегнува присилна наплата на долгот преку заплена на имот, бидејќи оваа мерка е со скапи трошоци. За вакви примери, кога сумите се движат под 60 илјади денари, најчест метод што се применува кон должникот е блокада на сметките на должникот“ – објаснуваат извршителите.
Заклучно со септември, според податоците од Комората на извршители, преку блокирање, извлекување на пари од сметки, заплена на движен и недвижен имот, наплатени се речиси 79 милиони евра.
Од оваа сума дури 25,4 милиони евра се наплатени побарувања по основ на извршно решение токму од граѓаните. Заклучно со септември кај извршителите стигнале повеќе од 100 илјади предмети за постапување кои ги опфаќаат не само граѓаните, туку и приватниот и државниот сектор. Она што алармира според анализата на Комората на извршители е намалената реализација на предметите, која меѓудругото е резултат и на ослабената финансиска моќ на граѓаните и на фирмите да ги подмират доспеаните а ненаплатени долгови.
Влошување на отплатата регистрираше и Народната Банка преку најновите октомвриски податоци. Така, во десетиот месец од годинава, биле блокирани 38 760 граѓани. Во споредба со лани, истиот месец , бројката на блокирани физички лица се зголемила за нови 10 000 лица.
Во исто време расте и бројката на блокирани сметки, што е различно во однос на бројот на блокирани граѓани. Така, во октомври бројката на блокирани сметки на физички лица достигна 107 167, и во однос на истиот период од 2012 та е поголема за 26 400 новоблокирани сметки.
Кредитните картички и натаму се најатрактивниот и најлесен начин за задолжување на граѓаните, но во исто време и најскапиот извор на пари, оптеретен со редовни и казнени камати. Сумирано, речиси секој државјанин располага со по една картичка или секој вработен во земјава има по 2,3 картички во својот паричник.
Економска анализа на Порталб.мк