Европската комисија (ЕК) има план како да ги поддржи балканските медиуми во нивниот пат кон независност. Според тој план оваа област ќе биде интегрирана во поглавие 23 на преговорите за членство во ЕУ а за земјите кои не преговараат се уште за членство, како Македонија, ЕК ќе воведе механизам со кој ќе се воведува клима за слобода на медиумите.
По конференцијата “Спик ап”, на која во јуни разговараа медиумите од Балканот и ЕУ, дефинирани се повеќе приоритети чија цел е балканските медиуми да добијат поголема независност.
Овој механизам предвидува акција преку која владите на балканските земји ќе треба да ги зајакнат своите напори во истрагите против заплашувањето и нападите на новинарите. Освен тоа, се очекува да се воведат правила за транспарентност на сопствеништвото на медиумите кое ќе биде направено според европските правила и ќе спречува не само политичка туку и економска пресија врз новинарите.
Понатаму, една од најзначајните точки е како да се спречат владините реклами кои воведуваат клиентелизам и нефер конкуренција во медиумскиот пазар. ЕК смета дека треба, во тој механизам, да воведе транспарентни правила и процедури за да се спречи овој “упад” во медиумите. “Мора да се воведат јасни правила (слични на оние за јавни набавки) и да се засилат како приоритет. Транспарентност на нивната примена е неопходна”, вели ЕК.
Конечно, капацитетот на судството е една од важните карики во ланецот на чиј што крај треба да се добие независност на медиумите. Судиите ќе треба да се раководат според европските правила.
ЕК бара и од националните парламенти на Балканот да преземат голема одговорност за состојбата на демократијата во нивната земја. Оттука, токму тие треба редовно да ја надгледуваат состојбата со медиумите и да преземаат мерки за да ги исправаат недостатоците и лошите практики.
Сепак, ЕК подвлекува во својот документ дека меѓународната помош за балканските медиуми е речиси сосема повлечена и овој тренд нема да се врати. Иако ЕУ нема многу регулативи во оваа област, ЕК вели дека има целосен мандат според Копенхашките критериуми “темелно да ја надгледува ситуацијата во медиумите” и да “бара корекција за утврдените недостатоци”.
ЕК не ги именува земјите во кои тужбите на политичари и високи функционери против новинари се многу чести, но смета дека судството – намерно или инстинктивно – застанува за страната на политичарите во овие случаи. Брисел бара судиите да работат на развој на судските процедури и пракса за да ја штитат слободата на изразувањето следејќи го членот 10 на Европската конвенција за човекови права.
Од извори на ЕК НОВА дознава дека македонскиот закон за медиуми, иако одамна најавуван, нема да биде усвоен оваа година. Брисел смета дека состојбата треба да се подобрува преку донесување на стратегии и закони кои ќе ги следат стандардите на Советот на Европа. ЕК очекува да види како ќе се однесува македонската влада по самитот на ЕУ во декември кога гореопишаниот механизам ќе биде усвоен.