Пишуваат Димитар Бечев и Јулиан Попов
Две години по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, односите меѓу Бугарија и Северна Македонија повторно се во застој. Наместо да бараме начини на зближување, ние повторно се судривме за историја. Со сета почит кон делото и ликот на Гоце Делчев и неговите соработници, крајно време е двете соседни држави да го свртат вниманието кон сегашноста. Тука има многу да се направи.
Добрососедството е функција на подобра поврзаност. Сепак, секој што патувал од Софија кон Скопје, многу добро знае колку е лош пат помеѓу граничниот премин Деве Баир до Ранковце. Тоа е дел отприлика 40 км пат, што е дел од таканаречениот божем Европски пат E871 и идниот Коридор 8. Четвртина век веќе зборувавме за важноста на железницата помеѓу двата главни града.
Минатата година Северна Македонија дури доби финансиски грант од ЕУ за изградба на линија до Крива Паланка. Но, пред возовите да тргнат по падините во Осогово, најитен приоритет е проширување и рехабилитација на автопатот по кој се одвива големиот комерцијален и патнички сообраќај меѓу двете држави. Камо оние во Софија, да ја вложуваа истата енергија кон прекуграничната инфраструктура како што тоа го прават во историските битки. Подеднаква придобивкаќе имаат и македонските и бугарските граѓани.
Подобрата сообраќајна поврзаност неизбежно ќе ги зајакне трговијата, бизнисот и туризмот. Граничните региони во Северна Македонија ќе добијат подобар пристап до еден економски центар како што е Софија, како и до регионалните центри како што се Ќустендил и Дупница. Жителите на Софија не само што ќе патуваат за Охрид, туку и до поблиските дестинации како што е манастирот „Свети Гаврил Лесновски“ или Кратово. Од ова ќе профитираат мештаните.
Поврзаноста има многу други димензии. Треба да размислиме, на пример, како да поблиску ги интегрираме двата енергетски системи. Пазарите на електрична енергија во Бугарија и Македонија можат да бидат интегрирани. Овој процес започна, но беше одложен без некое објаснување. Двете страни, со помош на Енергетската заедница и Европската комисија, можат да го обноват и релатовно скоро да го заокружат.
Енергетскиот сектор на Европската унија сега е во центарот на Зелениот договор за Европа, што ќе биде главната економска рамка на Европската унија, предложена од новоизбраниот претседател на Европската комисија, Урсула фон дер Лејн. Бугарија може, барем делумно, да ги вклучи Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан во преговорите за Зелениот договор. На овој начин, Западен Балкан ќе биде значително повеќе вклучен во економскиот развој на Унијата и нивниот потенцијал за постигнување на ниско ниво на јаглеродни емисии во Европа ќе бидат инкорпорирани во плановите на фон дер Лејн на начин што ќе има повеќе корист од балканските земји.
Северна Македонија би можела да се приклучи на Европската платформа за региони на јаглен во транзиција и со тоа да отвори нови можности за развој на енергетскиот сектор. Координираната политика за планирано напуштање на користењето на јагленот, интеграција на нашите енергетски пазари и вклучување во Зелениот договор за Европа ќе го насочи вниманието и политичката енергија врз иднината на Северна Македонија, економскиот просперитет и европската интеграцијата. Ваквиот формат може да отвори можности за заеднички тендери за нови енергетски капацитети, за агрегирани проекти за енергетска ефикасност, за заеднички иницијативи за подобрување на квалитетот на воздухот – проблем од кој скопјани страдаат многу повеќе, отколку од нерешените и обновени спорови околу хероите од минатото.
Гласно се говореше за намалување на тарифите за роаминг со Северна Македонија за време на бугарското претседателство со Советот на ЕУ во 2018 година. Сепак, засега оваа цел останува неисполнета. Колку побрзо разговорите и преносот на податоци стануваат поевтини, толку подобро. Заедно со подобрената инфраструктура, ова исто така ќе помогне во развој на инвестициски односи.
Исто така, треба да се преземат мерки за да се зголеми движењето на граѓаните во двете држави. Ова вклучува голем број мерки: олеснети процедури за добивање дозвола за престој, взаемно признавање дипломи и квалификации, пристап до пазарот на трудот, здравствена заштита и социјално осигурување. Ова се разбора, не е едноставна работа. Исто така, тоа во голема мерка е поврзано со процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ и евентуалното започнување на преговорите за членство. Но, ништо не ги спречува двете влади да изготват програма и конкретни чекори за да го постигнат тоа. Придобивките во однос на економскиот раст се очигледни.
Дури и да не најдат заедничко решение за контроверзните теми од историјата, Бугарија и Северна Македонија имаат заеднички интереси во сегашноста. Време е да се остварат повиците за добрососедството.
*Објавено во Дневник.бг