Поезијата на Никола Маџиров се објави во Индија и Израел. Индискиот тиражен дневен весник „Њу Индиан Експрес“ објави афирмативен осврт за книгата на Никола Маџиров „Остаток од друг век“ која беше издадена двојазично, на англиски и македонски јазик во Велика Британија, во превод на Пеги и Греам Рид, Магдалена Хорват и Адам Рид.
Индиската поетеса и критичарка Т. Доши која ја претставуваше Индија на Поетската Олимпијада во Лондон, во својата новогодишна колумна, пишува за поезијата на Маџиров и за сеќавањето. Поезијата на Маџиров, но во превод на хинди јазик, беше објавена во водечкиот хинди дневен весник во Индија – „Џансата“, а на хебрејски во независниот израелски весник „Мегафон Њуз“.
„Сакам да ја завршам 2013 со поезија бидејќи луѓето гласно зборуваат за смртта на поезијата веќе подолго време, а сепак поезијата успешно преживува како див цвет во зима. Сега е -6 степени во Македонија, каде што поетот Никола Maџиров живее. Има висока температура и не може очите да ги држи отворени, но ми пишува трескавични зборови. Тој вели потребна ни е поезија за да веруваме дека познатите работи и работите кои се повторуваат не се рутина, туку ритуал. Песните, вели тој, го наследуваат времето, и се закопани од времето“, пишува Доши во својата колумна за Маџиров.
Песната на Маџиров на хинди јазик во индискиот дневен весник „Џансата“