НОВА го започнува серијалот кој се однесува на спроведувањето на лустрацијата во време на режимот на Никола Груевски- тоа е време на демонизирање, сатанизирање на неистомислениците и политичките опоненти, на одредени личности кои оставиле силна трага во историјата на оваа држава- како нејзини темели, тие мораа да бидат ископани и целосно уништени.
Преку целосно фабрикување на историјата, лустрацијата преку нивното жигосување, имаше само една цел- да се спроведе историски и културен геноцид, кој мораше да биде изведен преку јавен линч и прогон, за да се дојде конечно- како велеше режимот- до прочистување, просветлување, олеснување.
Серијалот го започнуваме со сведоштво за лустрацијата на еден од најзначајните татковци на македонската држава- писателот, академик, Славко Јаневски. Неговата ќерка, Јана Јаневска- Терзиоска, говори за овие невремиња, кога се плукаше по гробовите и се газеше по мртвите души.
За што беше лустриран вашиот татко
Со прашањата отворате болна тема за мене, за брат ми, за децата, за целото семејство.Поставените прашања лично до лустрираните и нивните одговори и одговорите од семејството на лустрираните не се со еднаква тежина, но сепак ќе се обидам да одговорам,
Официјално образложение за што е лустриран татко ми никогаш не добивме.
По објавувањето во јавност од страна на медиумите, Комисијата за верификација на фактите никогаш не излезе со официјален став за лустрација на Славко Јаневски- со конкретно име и презиме.
Побарав да добијам Решение или било каков документ. Ми беше одговорено дека Решение за починати лица не се доделува.
За да го добијам Досието побараа да потпишам дека никогаш нема да го објавам. Откако по совет на моите адвокати потпишав, ми дозволија да направам копија. Досието се состои воглавном од разговори најчесто водени во кафеани, каде дава свое мислење за литературата која во тој момент била актуелна.
Разговорите се целосно документирани и потпишани од служеници на тајната полиција.
Во Досието стои дека во 1980 година му било понудено да соработува со Службите. Одговорот е: „ Моето реноме е преголемо за да можам да соработувам“.
Тоа е годината кога татко ми се пензионира.
Татко ми никогаш не потпишал документ дека ќе известува или ќе соработува со тајната полиција, за што изјава даде еден од членовите на Комисијата за верификација на фактите, Чедомир Дамјановски, кој вели:
-Јаневски својата кариера не ја направи како кодош, тој својата кариера ја направи, пишувајки книги.
Како дознавте дека е лустриран
За лустрацијата дознавме од медиумите – телевизија и весници. Погоре спомнав дека официјално Решение никогаш не добивме.
Официјално, исто така, неговото име никогаш не беше спомнато од Комисијата за верификација на фактите. Не го кажуваа неговото име, а сепак кажаа дека станува збор за писател, академик, кој пишувал за “Село зад седум јасени”.
Изјавата дадена од портпаролот на Комисијата, Предраг Димитровски,, не само што е неписмена, таа е крајно подмолна, оставајки не во бол без право на жалба, без право на одговор, без право на одбрана.
Која беше вашата прва реакција
Да не навлегувам сега во патетика. Кругот е тркалезен.
Има една книга од Борис Вијан- се вика- „Ќе плукам јас на вашите гробови“.
Како го доживеавте тоа
Кога се објави веста за лустрацијата на татко ми, мајка ми се уште беше жива. Никогаш не преболе. Никогаш не преболевме сите ние. Лично мене ми требаше повеќе од една година да се вратам на нормалниот живот. Ако воопшто се вратив.
Гнев, сомнеж, разочараност во блиски и далечни, општа разочараност, депресија, безизлез, но и желба за враќање, одмазда, омраза.
Се прашувам дали мајка ми почина заради лустрацијата на татко ми. Оставена без можност да го одбрани, без можност да ги заштити внуците.
Во тој контекст мислам дека Томе Аџиев треба и кривично да одговара.
Како реагираше семејството, најблиските, колегите, а како јавноста
Семејството објави реакција во медиумите, оценувајки ја лустрацијата во најмала рака како апсурдна. Постоеја бројни реакции по лустрацијата на татко ми.
Ќе наведам неколку: Томе Серафимовски (академик), Божин Павловски (академик), Ѓорѓи Филиповски (академик), Ристо Лазаров, Катица Ќулавкова (академик).
Сите овие реакции беа крајно негативни по Решението на Комисијата- и едногласно го осудија.
Во ист дух реагираа и поголем дел на медиумите, дури и некои кои важеа за крајно провладини медиуми, за медиуми финансирани од власта кои во други случаи беа крајно наклонети на работата на Комисијата- во овој случај реагираа негативно или резервирано.
Телевизијата “Ал Џезира” ја оцени лустрацијата во Македонија како лов на мртви души, осврнувајќи се пред се на лустрацијата на татко ми.
Добивме писмо потпишано од неколкумина македонци од Егејска Македонија кои остро се спротиставуваат на одлуката за верификација на фактите.
Реагираа од Институтот за човекови права, кои заедно Кралството Холандија ја објавија анализата насловена „Човековите права во процесот на лустрација”, цитирам:
„Прво прашање на кое би се задржале е прашањето за лустрација на умрени лица. Правните односи се односи inter vivos, меѓу живи субјекти. Управните односи се правни односи кои се воспоставуваат меѓу органот и странката. Странка во управната постапка не може да биде умрено лице.
Според тоа, постапките водени во однос на починати лица се апсурдни.
Таква е на пример, постапката за лустрација на писателот Славко Јаневски, која заврши со донесување решение со кое тој беше лустриран.
Решение за лустрација на човек кој одамна го напуштил овој свет е апсурд над апсурдите. Таквото решение не е прифатливо ни од етичка гледна точка.
Човекот се родил, живеел, го дал својт придонес за потомците (во случајов покојниот дал огромен придонес за македонската култура, како автор на многу книжевни дела: песни, раскази и романи (меѓу кои е и првиот роман на македонски литературен јазик).
Грев е да се вознемирува нечија душа во вечниот мир и спокој, ќе каже народниот мудрец. De mortibus nil nisi bene – За мртвите зборувај само добро, заповеда старата латинска поговорка.
Реагираше Амбасадорот на Кралството Холандија, со мислење дека процесот на лустрација е индикатор за демократијата во земјата.
Реагираше Ерван Фуере (амбасадор на ЕУ во Македонија, моја заб.), оценувајки ја лустрацијата како срамен обид на владеачката партија да дескридитира луѓе кои ги сметала за „непријатели“. (The Centre for European Policy Studies, entitled ” Macedonia – A Country in Crisis “).
Фуере го цитира Извештајот на Американскиот Стејт Департмент (US State Department 2012), за почитување на човековите права каде се наведува дека:
Владата ја користи Комисијата за лустрација како инструмент за напад на политички противници и нелојални бивши соработници.
Дури и починати лица се именувани, еден од најдобрите македонски писатели, Славко Јаневски, основач на Македонската Академија на Науки и Уметности, починат во 2000, беше еден од обвинетите, врз основ на крајно сомнителни наоди, што крајно го дисквалицира целиот процес.
Како ги дожиеавте реакциите
Ми беше драго што огромен број пријатели, јавни личности, новинари, правници, политичари од земјата и странство застанаа во одбрана на татко ми. Секако имаше и такви кои ја подржуваа одлуката на Комисијата.
Овде би ги издвоила Александар Русјаков и Тихомир Јанчоски, а за причините зошто ја подржаа лустрацијата можам само да претпоставам (апологети на власта, лична корист, омраза….)
Ваша оценка- кои се вистинските причини за негова лустрација
Се уште сe прашувам зошто татко ми беше лустриран. Никогаш не бил соработник на тајните служби. Напротив.
За мене вистинските причини засекогаш ќе останат непознати, но генерално, можеби можат да се сведат на реваншизам, завист комбинирана со дневно-политички опортунистичко-лукративни цели.
Останува да верувам во Анализата насловена „Човековите права во процесот на лустрација” објавено од Институтот за човекови права и Кралството Холандија , каде се вели:
„Посебно морбиден, нечовечки, правно незаснован и без слична практика во светот е односот на власта кон починатите лица, односно нивното лустрирање, преку крајно партизираната и инструментализирана Комисија за верификација на фактите.
Во официјалните изјави на претставници на Комисијата на оваа тема се презентираше ставот дека „не е битно дали лустрираните се живи или починати“, туку битно е дека тие нарушиле нечии човекови права и за тоа мораат да бидат лустрирани и јавноста да дознае за нивното неморално и нечовечко однесување!
Комисијата, освен политичките мотиви и реваншизам, во овој контекст не ја интересира тоа дека овие лица ниту поднеле изјава, ниту имаат намера да стануваат функционери, ниту имаат можност за одбрана и за назначување сведоци, а за повеќето од нив ниту тоа дека не било докажано дека биле соработници на службите!”
Каква беше атмосферата во државата, политичката ситуација, во каков амбиент се лустрираше
Атмосферата во државата беше атмосфера на страв и врв на владеењето на таканаречената „Фамилија“, која инструменализирајки ја Партијата ВМРО – ДПМНЕ создаде „заробена држава“.
Во оваа ситуација буквално сите институции на државата, вклучувајки ја и законодавната власт, апаратот на државната администрација, па и самата Комисија за верификација на фактите, беа ставени во функција на остварување на лукративните потреби на владеачкиот врв.
Лично сметам дека освен незконското прислушкување, неправедниот и крајно инструментализиран процес на лустрација е еден од главните елементи кои доведе до акумулирање на општо незадоволство, кое на крај резултираше со почеток на протести за пад на таканаречениот режим.
Дали тужевте после лустрацијата
Во консултација со повеќе адвокати ми беше кажано дека немам право да тужам. Правото за одбрана не се наследувало.
Чудно што можеа да обвинат починат човек, човек кој творел, кој оставил огромно дело позади себе а ние наследниците не можеме да го одбраниме.
Дали процес на лустрација треба да се практикува- дали воопшто може да се избегне политички прогон, дали воопшто е можно да не биде спроведувана со политички мотиви
За ова прашање не сум експерт, имајки го искуството кое е крајно субјективно, но воглавно се согласувам со ставовите на Маргарита Цаца-Николовска во анализата насловена „Човековите права во процесот на лустрација” по ова прашање.
Дали треба да се поништи лустрацијата
Апсолутно мислам дека лустрацијата на начинот на кој беше направена треба да се поништи.
***
Семејството на писателот Славко Јаневски после лустрацијата, во јуни 2013, излезе со реакција дадена за НОВА, која се однесуваше на одлуката на Комисијата за лустрација:
“Реагираме пред се, поради тоа што оваа одлука е донесена постхумно, односно без право на лично мислење и право на одбрана на Јаневски.
Со оглед на тоа дека актуелниот наслов на Законот за лустрација се однесува на вршење на јавни функции во моментов или во иднина, затоа што идејата е да се спречи вршење на функција со која би се кршеле човековите права, одлуката на Комисијата да биде лустриран поранешен носител на јавна функција станува апсурдна.
Славко Јаневски е автор на првиот роман напишан на македонски јазик, еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија, еден од основачите на МАНУ, директор и уредник на Издавачката куќа “Македонска книга”.
Семејството го опишува Славко Јаневски како човек кој секогаш сакал да помогне, на што е засновано и целото негово литературно творештво и сигурно не би го погазил со вакви активности за кои е обвинет. И конечно, не му е дадено основното цивилизациско право да се одбрани од ваков тип на клевета.
Ве потсетуваме на стиховите на писателот Славко Јаневски, со кои како да го предвидел и линчот врз себе после 13 години од смртта.
Јас не знам дали сум добар Македонец,
Арен Македонец,
Што изел Македонец,
Та не знае дали 1+1 е Македонец
Или 2-1 е Македонец.
***
Во овие сведочења нема правено никакви промени- тие се целосно објавени, без воопшто да се интервенира во самата содржина, освен забелешките на авторот, како појаснување на одредени поими.