– Големото значење на црквата Св. Ѓорги во Курбиново, а пред се на живописот, заслужува неспоредливо поголема грижа. Освен што не се исполнети законските обврски по сите основи, крајно неетички е да се игнорираат алармите кои се повторуваат последните години од стручни лица и граѓани. Потребни се итни истражувачки работи кои треба да направат ревизија на конструктивното решение, ревизија на недостојните настрешници и да се понуди идеална реконструкција и презентација на оригиналниот изглед и функција, бидејки сегашниот изглед е од XIX век, се вели во извештајот на Центарот за културно наследство.
Според извештајот, последната конзервација на овој значаен објект е извршена кон крајот на осумдесетите години, кога е поставен сегашниот покрив и настрешниците на западната и јужната страна, како и помали интервенции на живописот. Покрај тоа извршени се археолошки ископувања на јужната страна и уредување на партерот.
Новата покривна конструкција не може да се нарече конзервација бидејќи по структура и материјали се разликува од покривот во XIX век, а со оригиналниот средновековен покрив нема никаква врска.
„Сегашната состојба е некакво авторско решение кое најнапред конструктивно не е издржано, не e во конструктивна функција и делува изолирано или накалемено. Стариот покрив од XIX век иако не беше оригинален сепак имаше некоја природна врска со објектот затоа што носеше земјин тампон под кермидите…а новиот „авторски“ покрив ја игнорира средновековната техника, користи само хоризонтални метални затеги поставени во серклажи, а тоа значи употреба на бетон, така што вертикалната стабилизација на објектот недостасува“, се вели во делот од извештајот кој ја опишува состојбата со црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново.

Според заклучоците, авторите не се потрудиле да го откријат оригиналниот конструктивен систем и изглед, туку извршиле санација како што се врши на било кој објект, притоа занемарувајки го живописот.
Археолошките ископувања и уредувањето на партерот придонесуваат и за сегашната состојба, бидејки отстранувањето на голема маса земја од јужната косина може да доведе до раслабнување на бочниот притисок кој ги држи темелите. Археолошките истражувања не ги откриле темелите на манастирскиот конак од јужната страна, кои поставени на истата косина имаат конкретна функција во таа смисла.
За состојбата на архитектурата на овој објект беше алрмирано до надлежните институции повеќе пати во изминатите години, бидејки почетните деструкции се појавени во 2001 година.
Заради значењето на споменикот, увидот во состојбата е извршен во четири наврати, за да бидат откриени сите индикации и причинители со цел правилно да се насочат натамошните програмирања. Констатирано е дека пукнатините на сите четири страни се активни и се прошируваат. Најголемите пукнатини се јавуваат во горните зони на североисточната и северо-западната страна на аглите од внатрешноста и одвојување на ѕидните маси на западниот и источниот, од северниот. Доказ за ова се пукнатините на јужните пиластри во темелите и пукнатините на контрафорите во продолжение на пиластрите. Пукнатините се во правец исток-запад. Тоа исто така, укажува на одредено поместување на јужната тераса. Пукнатините на југоисточниот и југозападниот агол се во помал интензитет, но јасно укажуваат дека објектот работи во горните зони што се потврдува и на фасадните пукнатини кои исто како и во однос северниот ѕид го одвојуваат јужниот.
Целата конструкција на објектот е доведена во прашање бидејки не ги издржува и помалите удари на можните причинители. Мноштвото пукнатини низ целиот објект како и на контрафорите докажува дека тој не работи компактно и дека ѕидните маси не се правилно поврзани и затоа јужниот ѕид работи различно од северниот.

Сегашната конструкција е променета со тоа што врзните греди се заменети со метални затеги помеѓу северниот и западниот ѕид, а западниот и источниот ѕид остануваат неповрзани бидејки тие имаат дрвени појаси кои не се поврзани со новиот серклаж. Таквата произволна санација, доведува до тоа да не функционира ниту стариот, ниту новиот систем.
– Состојбата на живописот исто така е обусловена од интервенциите на архитектурата, како во однос на конструкцијата така и во однос на климата. Првичните сознанија говорат дека во објектот и во ѕидовите ја нема потребната константна влага неопходна за опстанок на живописот. Зарди тоа во некои партии од втората зона е отпочнат процес на избледување, односно губење на колоритот, стои понатаму во извештајот.

Инаку, Курбиново е еден од најрепрезентативните споменици на културата на Балканот, со сочуван живопис од крајот на дванаесетиот век, анталогиско дело со неповторливи иконографски и зографски достигнувања. Скромната еднокорабна градба со остатоци од сликана фасадна декорација сочувана на југзападниот дел од црквата е изградена од непознат ктитор, висок великодостојник на дворот на византискиот цар Исак II Ангел. На сочуваната ктиторска композиција во втората зона на западната фасада, ктиторот е насликан заедно со царот и неговата сопруга Маргарита и современиот охридски архиепископ Јован Каматир. Сочуваниот запис на чесната трпеза прецизно го датира отсликувањето на живописот на храмот во 1191 година, од за нас непознати зографи кои со својата богословска наобразба и зографска вештина создале дело кое е познато во светски рамки. Рафинираното чувство за колористичка хармонија и маестралната игра со линијата резултира со неповторливи ликовни решенија на развиоронета драперија на фигурите кои храмот го исполнуваат со карактеристичен динамис и експресија. Програмата изобилува со ретки и значајни иконографски и зографски интерпретации на сложени догматски теми – Претстставата на Агнецот во олтарот, Богородица Никопеа во конхата и Вознесението Христово на источниот ѕид, до Слегувањето во Ад на северниот и Постар од Денот на западниот ѕид. Во црквата се сочувани и фреско иконите на патронот Св.Ѓорги и една од најубавите и најмонументални претстави на Исус Христос Ирини. Токму тука во оваа мала и скромна црква е сочувана првата заедничка претстава на Св.Кирил и Методиј откриена во 1991 година,како и нивниот ученик Св Климент насликан како пандан на северниот ѕид. Во својата долга историја на опстојување, градбата претрпела бројни оштетувања (пожар) преправки и доградувања. Не е познато времето кога бил доѕидан анексот на јужната страна како и фреските на јужната фасада чие датирање е се уште отворено прашање (XIV-XVI/XVII век). Фреската на Св.Димитриј насликана во внатрешноста на северниот ѕид е датирана во XVI век. Најобемните преправки и доградби датираат од XIX век,кога е заменета кровната конструкција, доѕидан затворен трем на западната страна, поставена рамна таваница и насликан нов живопис врз постариот од XIIвек. Првите конзерваторско-реставраторски интервенции потекнуваат од 1958 година кога е откриен записот на чесната трпеза, отстранета затворената припрата и јужниот анекс како и рамната таваница во внатрешноста. Некаде во овој период се вршени и археолошки истражувања во непосредната околина. Во седумдеседите и осумдесетите години преземени се пообемни конзерваторско реставраторски работи со зарамнување на платото пред црквата, поставување на дренажен канал. Со реконструктивните зафати во осумдеесетите години црквата го доби денешниот изглед – нов покрив на две води со замена на дрвените затезни греди, отворениот трем на западната страна, мермерен под и дрвен иконостас во внатрешноста. Проблематичните археолошки истражувања кои претходеа на зарамнувањето на јужното плато, оневозможија добивање на драгоцени податоци за изгледот и функцијата на видливите градежни остатоци, кои истовремено доведоа до „лизгање“, на теренот и нарушување на статиката на градбата. Последните интервенции на сликарството се извршени во 1991 година (изработка на графичка документација, санирање на оштетувањата и тонирање на празните површини).
Воедно, до моментот на предавање на Извештајот од увидот во состојбата на црквата Св.Ѓорги во Курбиново финансиран од страна на ФИООМ и Министерството за култура, во рамките на Проектот ,,Мониторинг на културното наследство и негова популаризација“ на ЦКН му се исплатени само 70% од вкупно одобрените средства. Останатите 30% неопходни за завршување на увидот се авансирани по пат на позајмица, а треба да се компензира после исплатата од страна на Министерството за култура кон средината на јануари 2014 година.




