Србија започна преговори за членство со ЕУ пред една недела. Пред се поради тоа што успеа, во април 2013 година, да постигне договор со Приштина за делумна нормализација на односите. Овој пример е доказ дека решавањето на билатералните кавги, или барем нивниот зачеток, добива награда во Брисел.
Сепак, ова не ги инспирираше другите балкански земји за решавање на нивните билатерални спорови. А нив ги има доста. Во својот коментар на оваа тема објавен на сајтот на Центарот за европска политика во Брисел (www.ceps.be) потсетува Ерван Фуере, поранешен претставник на ЕУ во Македонија, кој вели дека политичката волја носи решенија и резултати: “За жал, оваа надеж останува само список на желби” кога се работи за Босна и Херцеговина и Македонија.
Билатералните кавги на Балканот ги има повеќе и се однесуваат на означување на граници, бегалци, етнички малцински прашања и непризнавање на малцинствата, непризанавање на црквите, интерпретации на историјата и спорот со името кој, според Фуере, е комбинација на речиси сите овие проблеми.
Рационалните аргументи немаат многу место во балканските земји, вели Фуеpе во својата анализа. “Наместо да промовираат конзенсус, да ја фокусираат енергијата на решавање на невработеноста особено помеѓу младите, и да се борат против растечката корупција, политичките лидери на регионот играат опасна игра на идентитетска политика за да останат на власт”, вели поранешниот ЕУ амбасадор во Скопје кој смета дека демократските вредности во Босна и Херцеговина и Македонија се нарушени а општеството е разделено и поделено и по етнички линии.
Се разбира, своја вина носи и ЕУ која ја потцени тежината на билатералните спорови. Но таму каде што ЕУ нема свое законодавство, како во малцинските прашања и каде што и самата има проблеми, таа е во регионот често обвинета за двојни стандарди. “Се додека овие проблеми не се решени, тие се закана за долгорочната стабилност на регионот”, вели анализата. Со тоа кредибилноста на ЕУ е доведена во прашање и исто како и процесот на проширување а сето тоа храни националистичка агенда на Балканот. Пример за ова тврдење е спорот со името меѓу Грција и Македонија.
Фуере смета дека проблемите можат да се решат со политичка волја и охрабрување од надвор а како пример го дава спорот што го имаат Словенија и Хрватска кој беше решен заедно со ЕУ откако тогашниот комесар за проширување Оли Рен призна дека овој билатерален проблем стана и европски.
Фуере дава и идеи за решавање на спорот со името. Процесот во ОН не дава резултати веќе 18 години. Македонската влада има дел од вината поради етно-националистичката политика. Но, вината е и грчка. Грчкото претседателство со ЕУ досега нема ништо направено во насока на решавање на спорот. Но, според Фуере двете земји треба да разговараат со демонстрирана политичка волја дека седнуваат за да го решат проблемот.
И ЕУ еден ден ќе мора да помогне во спорот на пример преку воспоставување на механизми за соработка со ОБСЕ и Советот на Европа особено сега кога ОБСЕ наименува специјален претставник за Балканот.
“Само одлучен и конзистентен приод од страна на ЕУ и нејзините земји членки и поголема политичка волја од страна на балканските земји ќе може да го крене темниот облак од регионот”, заклучува Фуере.