Оваа година Македонија го слави 85-от роденден на Академик Матеја Матевски.
Ви ја претставуваме беседата на неговиот колега и пријател, академик Томе Серафимовски, во чест токму на акад.Матевски во МАНУ.
Почитуван претседателе на Македонската академија на науките и уметностите акад. Владо Камбовски, екселенции, почитувани академици, уважени гости, драги пријатели!
Драг мој Матеја, драг Бебе!
Мене ми припадна честа прв да ти го честитам 85-иот роденден и да ти посакам уште многу години живот а и многу творештво. Нека ти е за многу години денов, драг пријателе!
Почитувани присутни, верувам дека овде, меѓу нас, нема некоја личност којашто се познава со Матеја а и го познава Матеја подолго или повеќе од мене. Јас и Матеја се познаваме рамно 70 години, всушност, ми се чини дека се знаеме токму толку години колку што акад. Матеја Матевски пишува и создава.
Кога јас и моите тогашни училишни другари бевме на возраст од десетина години, значи пионери, Матеја и неговите гостиварски училишни другари имаа по 15-16-ина години. Тие тогаш, во тоа време, беа напредни младинци, би рекол скоевци, и нам ни беа идоли.
Всушност, тие ни претставуваа урнеци за тоа какви би сакале да бидеме ние во иднина.
Матеја, со своите тогашни генерациски другари, а можеби и со година-две повозрасните, што и не е битно, во Гостивар беа елитниот врв на младоста и нашата голема радост. Покрај Матеја, се сеќавам, на таа нивна другарска тајфа ѝ припаѓаа и акад. Александар Матковски-Леко, артистот, режисерот и професорот Вукан Диневски, д-р Славе Јовановски, новинарот Раде Јовановски а, се разбира, и братот на акад. Матеја Матевски, Стево Матевски кој беше повозрасен од него.
Матеја, подоцна, ми раскажуваше дека брат му Стево Матевски, народниот херој Панче Поповски и некои други, сега да не ги набројувам, биле пак нивните идоли. Сите тие, спомнативе а и многу неспомнати, се собираа кај првоборецот Борче Јовановски, поточно во неговиот качарски дуќан кој се наоѓаше веднаш спроти нашата куќа во Гостивар, во т.н. Македонско маало коешто, пред Втората светска војна, се викаше Српско маало.
Добро се сеќавам, по завршување на Втората светска војна, чичко Стојан Матевски (таткото на Стево и на Матеја) беше првиот претседател на Општината во Гостивар а пак мојот татко беше именуван за првиот началник за финансии, а тоа ви е како началник на сегашнава Управа за јавни приходи.
Но, почитувани присутни, за акад. Матеја Матевски јас можам да говорам уште многу долго а тој тоа и го заслужува. Токму затоа, голем дел од нашите недобројни заеднички изодени патеки ќе имаат посебно место и во мојата книга Животописна исповед на која работам веќе подолго време. Денес, по повод овој голем ден за Матеја Матевски а, се надевам, и за сите нас, не си дозволувам многу да се распостилам со приказните за неговиот живот и за неговото творештво бидејќи, по мене, ќе треба и други да говорат.
Јас ќе се обидам да изречам само нешто малку, но сепак онака како што ми доликува, носталгично и со почит спрема Матеја, бидејќи нашите средби и дружења никогаш не биле денгубење, кога и да биле и каде и да биле, а најчесто кај мене дома, во Охрид и во Гостивар, во ателјето, или кај него дома, или, да речеме, во Охрид, кај акад. Славко Јаневски. Притоа, мошне суштински се говореше за творештвото, за литературата, за ликовната уметност.
Морам да споменам дека инспиративните средби со акад. Славко Јаневски, со акад. Матеја Матевски, со акад. Георги Старделов а, секако, и со други кои сега нема да ги набрајувам, ми создаваа и мене можности за многу творечки идеи, а за мојата скулптура беа од огромно значење.
Во градината на Славко Јаневски, всушност, се роди идејата за скулптурите за нашето раѓање и за нашето опстојување, какви што се оние за богот Перун, за Итер Пејо, за Силјан Штркот, како и многу други идеи, особено поврзани за нашата средновековна култура и цивилизација.
Всушност, сите наши дружења, на некој начин, биле плодотворни, без разлика дали се случувале во Охрид, во моето ателје, во Струга, на Фестивалот Струшки вечери на поезијата, во Скопје, во Загреб или во Гостивар, каде што, на пример, ги основавме и Бигорските научно-културни средби на чие чело, како прв претседател на Советот на Средбите, беше именуван Матеја Матевски, а јас за прв директор.
Потоа се среќававме во Маврово, па во Париз, каде што имавме безброј заеднички средби со нашиот драг пријател а светски многу познат научник, астрофизичарот и академик Паскал Сотировски. Ние со денови и со ноќи говоревме за литературата, за науката, за творештвото, за скулптурата, за познатата француска и светска скулпторка Алиција Пеналба, чијшто соработник бев рамно 4 години. Посетувавме безброј театри, гледајќи многу театарски претстави, но, за волја на вистината, и многу ноќни клубови и ресторани.
Се среќававме и на Канарските Острови.
Ќе го спомнам овој пат само Првиот поетски фестивал Атлантида што се одржуваше во Паркот на поезијата во гратчето Гарачико, под најголемиот врв на Шпанија Пико де Теиде (Pico de Teide, 3.900 м височина), каде што се откри и мојата скулптура на Рафаел Алберти. Таму се дружевме со многу македонски, југословенски и светски поети и други светски творци, од кои со особено задоволство ќе ги спомнам големите поети Ежен Гилвик и Љубомир Левчев.
Сето тоа беше во организација на Фестивалскиот одбор на државната покраина на Канарските Острови и на истакнатиот светски поет и голем почитувач на Македонија и на македонската култура Хусто Хорхе Падрон, директор на Фестивалот, секогаш придружуван од неговата прекрасна сопруга, соработничка и преведувачка, Македонката Клеопатра Филипова де Падрон.
Почитувани, јас во мојот 60-годишен скулпторски работен век сум измоделирал веројатно околу 200 одделни портрети, но за околу 20-ина од нив токму Матеја беше тој што ми даваше и идеи и поддршка и контакти со личностите што требаше да ги портретирам. Во негово присуство, на пример, ги портретирав: Рафаел Алберти, Ежен Гилвик, Никита Станеску, Стојан Христов и неговата сопруга Маргарет Христова, Хусто Хорхе Падрон, Мани Мадукар, истакнат индиски поет, неговата сопруга г-ѓата Мадукар, поетеса, нашиот драг Блаже Конески и многу други.
Што сакам, всушност, да кажам со ова? Едноставно, сакам да кажам дека Матеја секогаш несебично ме инспирирал и ме насочувал што и како да создавам а, со својот креативен восхит, бил мојата голема духовна поткрепа за што јас, во оваа пригода, му ја изразувам мојата неизмерна благодарност. Таквата поткрепа е многу значајна за секој творец, особено за еден скулптор и ликовен уметник.
Е, дури потоа, пред околу 30-ина години, дојде време да го портретирам и Матеја Матевски. Со него лично се договоривме портретот да го работам во моето ателје во Охрид. Тоа портретирање траеше 5-6 дена.
Притоа, јас никако не можев да бидам задоволен со резултатот од тоа што го добивав при моделирањето. Вообичаено, јас секогаш се обидувам, а и не можам да се ослободам од тоа, кога моделирам некоја личност, таа да ми асоцира на некоја друга значајна личност, и творечки и идејно и ликовно.
Тоа е, всушност, мој личен проблем.
Така, моделирајќи го Матеја Матевски, јас не можев никако да се ослободам од ликот на Балзак. Кога го моделирав драгиот пријател акад. Георги Старделов, како филозоф, како естетичар, како критичар, постојано мисловно го спојував со претставите за античките филозофи и за Ниче. Јас не знам зошто токму за Ниче, но од Старделов многу слушав за Ниче и, веројатно, така, тој ми беше наметнат.
Кога го моделирав пријателот и научникот акад. Јордан Поп-Јорданов, никако не можев да се ослободам од ликот на Никола Тесла итн. итн.
Но, притоа, она што е најбитно, најсуштествено, е фактот дека секогаш сум настојувал да нурнам во психата, во душата, на пријателот и, воопшто, на личноста којашто ја моделирам. Под моите раце, под моите прсти, таа личност никогаш не смее да старее со изминувањето на времето, туку, од година во година, сè повеќе трба да личи на себе, односно на она време кога сум го портретирал, кога сум продирал во неговиот лик, додека сум го набљудувал, и кога сум се мачел со тој лик, и со себе и во себе.
Кога личноста, односно моделот, позира пред мене, тој ниту е фиксиран ниту е скаменет. Тој може да се движи и да ми говори, да ми сугерира, оти мошне добро знам дека позирањето воопшто не е едноставна, туку прилично тешка работа. Со Матеја, на пример, разговаравме многу. Најмногу за Гостивар, за детството. Тој ми евоцираше спомени, и тоа го правеше прекрасно, онака мекамлиски и мошне тивко а, притоа, се чини и носталгично се присеќаваше на Гостивар.
Од многуте негови вистински приказни, незаборавен впечаток ми остави еден настан кој остана фиксиран длабоко во мене. За што, всушност, стануваше збор? Матеја учеше во гимназијата Кирил Пејчиновиќ-Тетоец, во Тетово. Со него учел еден мој зубовчанец, Ангеле Јаковлевски-Бакле, инаку мој подалечен роднина. Преку лето, тие двајца, дење се дружеле, учеле заедно и се спремале за испити токму во моето родно Зубовце, односно во лозјето и меѓу бостанот на Баклевци, а ноќе спиеле во колиба, поткрената на дрвени столбови, под која будно ги чувал Баклевиот Шарко.
Понатаму, Матеја ми раскажа како, една ноќ, некаде пред мугри, Ангеле го разбудил со зборовите: Матеја, Матеја, слушај, те молим, слушај внимателно. Имено, во тишината на муграта се слушало како лубениците крцкаат. Матеја тивко запрашал: Што е ова, Ангеле? А тој му објаснил дека, со крцкањето, лубениците го соопштуваат своето зреење. Мошне инспиративно, зар не?!
Е сега, драги присутни, кога треба да го завршам ова мое беседење, би сакал, малку скулпторски, да му соопштам на Матеја само уште една моја размисла за него, не како утеха туку како факт. Драг мој Матеја, добро е што сето она што си го напишал во младоста, во изминативе 7-8 децении, си го скаменил во книги кои никогаш не стареат, но уште подобро е што соништата од младоста се позлатуваат во староста. Имено, кај тебе, драг пријателе, тоа се потврди со добивањето на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.
Срдечно и пријателски, твој
Томе Серафимовски
На 13 март, 2014 година
Скопје, МАНУ