Македонија веќе одамна е приклештена во општиот молк и во информативен мрак. Во нашата земја се слуша само гласот на властодршците и дневно-политичките пораки.
Вистината за нас и за тоа што се случува околу нас, е притаена и во новинарската самоцензура, која е плод на општиот страв од можноста да го изгубиш работното место само заради тоа што си поборник на отсликување на реалноста.
И во овој информативен мрак и заробен ум, со право се поставува прашањето – каде е уметноста за со својот јазик да го оцрта знакот на времињата во кои живееме. Особено каде е театарската уметност, која во сите времиња и невремиња, најдобро го отсликувала животот и ги обелоденувала вистините кои малкумина се охрабрувале јавно да ги назначат како такви.
За среќа, се чини дека не е се замолчено. Пред неколку дена, во Домот на културата во Тетово, се прикажа претставата „За Власт Давам…“. Претстава која ги иронизираше клишеата на нашето секојдневие, посебно тие од предизборните кампањи, кога сме преплавени од ветувања, за потоа се да продолжи по старо, со партиски вработувања и партиски вистини.
На премиерата на оваа престава беа поканети сите лидери на овдешните албански политички партии. Но тие изостанаа, најверојатно затоа што премиерата се поклопи со нивните предизборни митинзи. Или можеби затоа што немаа храброст да застанат пред огледалото во кое се одразува нивниот вистински лик, а што во конкретниот случај беше оваа престава.
„Во првиот дел на оваа политичка комедија употребивме еден маркетиншки трик и на прес-конференција, јавно ги повикавме лидерите на ДУИ, ДПА и НДП да присуствуваат на премиерата. Но, се чини дека тие немаа време, или пак храброст да дојдат, бидејќи беше кулминацијата на предизборните активности. Но во публиката имаше членови и симпатизери од разни партии и верувам дека тие го прифатија ваквиот вид на хумор“, вели Елмир Сејфулаи, еден од актерите во оваа политичка комедија.
Покрај другите, премиерата на оваа претстава го поттикна прашањето колку се политизирани самите уметници, вклучувајќи ги и актерите кои играат во оваа престава?
„Во оваа Македонија каде што се е политизирано, неможно е да си рамнодушен и неполитизиран. Мило ми е како автор на текстот, што публиката успеа да ја согледа нашата неутралност“, вели актерот Бурхан Амити.
И така, во време кога сите беа зафатени со предизборната треска, тетовчани имаа можност да ги согледаат нештата и низ призмата на оваа политичка комедија.
„Ова е реалноста на албанската политика. Театарот секогаш зборува со јазикот на вистината. Можеби понекогаш сето тоа е болно, но самата реалност е таква“, вели Валмир Азири, директорот на Театарот во Тетово.
Во врска со отсуствто на политичките лидери, режисерот на оваа претстава, Сулејмани Рушити вели дека тие одат во театар само кога сакаат да бидат видени, а не да гледаат некоја престава.
„Мислам дека многу нешта треба да се променат во општеството, дека треба да се уриваат антивредностите. Пред да бидам политичар, немав кај да бегам од театарот, театарот е интегрален дел од мојот живот“ – вели режисерот Сулејман Рушити кој што го има вкусено искуството како активен политичар.
Но конечно, најважно е тоа што со преставата беа задоволни тие на кои им беше наменета – публиката. Тие високо ја оценија оваа политичка комедија, која според нив, успеа да даде сатиричен приказ на политичката и економската криза во нашата земја.
„Претставата е сатира која има за цел да придонесе во развојот на демократијата кај Албанците и уверен сум дека колку-толку ќе влијае во релаксирање на гласачкото тело на албанските политички партии“, рече Хаки Фазлиу, директор на Центарот за Култура во Тетово.
„Ако Фром философира со чекан, оваа политичка комедија удира силно во нашата општествена свест. Се што се случува во политичката сцена во Македонија, има нешто заедничко, на некој начин е црн хумор кој прави да се смееш“, вели студентот Емир Хамзаи.
Актерите на оваа политичка комедија, Бурхан Амити, Елмир Сејфулаи и Сами Мустафа се свесни дека оваа претстава нема да ја смени нашата политичка реалност, но тие веруваат дека ако ништо друго, тие и публиката ќе се чувствуваат подобро. И секако дека оваа претстава нема да даде одговори на прашањата што сите ги поставуваме и нема да ги разреши дилемите кои не мачат. Но конечно, уметноста често и не трага по одговорите, туку правилно ги формулира прашањата кои ние треба да си ги поставиме самите на себе.