Груевски јасно порача дека условот на опозицијата за излегување на локалните избори, одржување и на предвремени парламентарни избори, нема да се оствари.
Груевски додаде дека нема од што да се плаши и крие власта, заради тоа ја поддржуваат идејата на претседателот Иванов за ад хок комисија околу деловникот во Собранието и во тој контекст и процедурите околу донесување на истиот.
Премиерот Груевски изрази подготвеност за прифаќање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР кои се однесуваат на меѓународните стандарди и практики околу изборите.
„Ние немаме од што да се плашиме и што да криеме. Ние знаеме дека сме во право и затоа идејата на претседателот Иванов за формирање на ад хок комисија ја прифаќам со добра волја“, изјави премиерот Груевски при ставањаето потписи на „Декларацијата за заедништво, партнерство и локален развој“ на политичките лидери и претставници на коалицијата „За подобра Македонија“.
– Покрај нашите забелешки кои јавно ги искажавме, ја поддржавме идејата за ад хок комисија која ќе даде препораки, меѓу другото, и околу процедурите и Деловникот во Собранието и нивната конзистентност со Законот за Собрание. Потоа, менаџирањето со безбедносните служби во Парламентот, безбедноста и околу Парламентот, стандарди за присуство на медиумите во Парламентот итн., изјави Груевски.
– Сега тие бараат договор за предвремени избори. Сакам јавно да кажам, одлучно, децидно – нема договор за предвремени парламентарни избори. Секој со својата одговорност, додаде Груевски.