Новата Влада во Софија успеа да започне добар процес со цел да ги зближи Бугарија и Северна Македонија, да ја погледне историската перспектива, а во исто време да ја погледне и перспективата во Европската Унија (ЕУ), соопшти Илхан Ќучук, копретседател на либералната партија АЛДЕ, европратеник од ДПС/„Обнови ја Европа“ и постојан известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, за бугарската Нова ТВ.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Ќучук, има тензија на историски, но не и на политички план. Тој рече дека работел со овие луѓе долги години и веќе ја има нивната доверба. Договорот меѓу двете земји од 2017 година, вели, го отвори евроатлантскиот пат за Северна Македонија.
Запрашан дали верува дека Бугарија треба да го укине ветото за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, тој рече дека верува оти Бугарија треба активно да работи во рамки на правилата договорени меѓу двете соседни земји.
„Ќе биде голем пропуст на бугарската надворешна политика ако го дозволиме овој луксуз – Албанија да започне преговарачки процес, а Северна Македонија да се остави настрана“, рече Илхан Ќучук.