Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Украинската амбасадорка Дир: Милиони животи се загрозени поради студот и темнината

October 30, 2026

34 години АРМ: Од „боси по трње“ до рамноправна и достојна членка на НАТО

August 16, 2026

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Зошто државите пропаѓаат

0
By Нова ТВ on July 7, 2014 КОЛУМНА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Monday, July 7, 2014 08:40

Пишува: Никола Димитров

Не е едноставно да се обезбедат прецизни информации за бројноста на членството на политичките партии во Македонија, бидејќи партиите често немаат интерес да го споделат со јавноста овој индикатор за своето влијание. Според некои истражувања (МЦМС и ИСППИ во 2011), околу 37% од гласачите во Македонија се членови на политички партии. Пред неколку месеци, подмладокот на една партија јавно се пофали со 45.000-от член. За споредба, членството на електоратот во политички партии во Холандија е 2,5% или 315.000 од 12,6 милиони гласачи. Европскиот просек е близу 4,6% со тенденција на опаѓање.

Што е причината за ова деветкратно надминување на европската пракса? Дали ваквата интензивна партиска активност на граѓаните во Македонија се должи на висока општествена свест, односно желба да се биде активен чинител во политиката? Или партиите се еден вид „бироа за вработување“ во услови кога јавниот сектор е најголемиот работодавец, па граѓаните се принудени да ја официјализираат или докажат својата партиска припадност, за тие и нивните деца да имаат можности?

Овие бројки добиваат значење и нудат одговори на поставените прашања ако се вкрстат со други индикатори. Имено, според истражувањето на Центарот за истражување и креирање политики во февруари годинава, само 24% од граѓаните имаат доверба во партиите. Тоа значи дека речиси половината од партиските членови својата афилијација со политичка партија ја сметаат како нужно зло. Понатаму, во публикацијата „Ставовите на младите луѓе во Скопје за младинските потреби“ (издадена од Коалицијата на младински организации „Сега“), 39% од анкетираните навеле дека „вработување се добива најлесно ако си член на политичка партија…“. Уште поалармантна е студијата „Невработеност: Ризици и предизвици“, „најчесто, вработувањето во Република Македонија граѓаните го оценуваат како партиско – 92,6% (големо влијание 68,3%, главно има влијание 24,3%). Незначителен е бројот на оние што сметаат дека партиската припадност нема влијание врз вработувањето“.

Затоа воопшто не треба да не’ зачудува што последниот Извештај за напредокот на Европската комисија, во делот на вработувањата во јавната администрација, повикува на борба против политизацијата, на доследна примена на принципите на транспарентност и мерит, воочувајќи случаи на нерегуларни вработувања. Во исклучително чувствителниот сегмент на судството, „Судскиот совет продолжил да ги игнорира законските услови, именувајќи 39 судии во прва инстанца во 2012 година, од кои само 4 дипломци од Академијата за судии и јавни обвинители, и 13 судии во првата половина на 2013, од кои само 1 од Академијата. Истовремено, 13 дипломци од Академијата се’ уште чекаат да бидат именувани.“

Институциите треба да овозможат и да охрабрат учество на што е можно поголемо мнозинство од граѓаните во економски активности, користејќи ги на најдобар можен начин своите таленти и способности, правејќи слободен избор. Клучна улога има владеењето на правото, правната сигурност и системот на еднакви можности. Очигледно, постои реална опасност меѓу младите да се зацврсти култура на опортунизам, наспроти култура на вложување во своите способности.

Македонија ќе мора да избере меѓу пораката дека вратите се отворени за способните и пораката дека патот до успехот води преку партиите. Првата води кон просперитет. Втората води кон сиромаштија.

Градот Ногалес е поделен со ограда: северниот дел е во САД, а јужниот дел во Мексико. Жителите на северната страна се соочуваат со помала стапка на криминал, живеат подолго и заработуваат три пати повеќе од нивните јужни соседи. Нема етнички, географски или климатски разлики меѓу двете места. Разликата е во политичкиот систем. Едниот има традиција на отвореност, со еднакви можности за работа, за унапредување и за бизнис. Ова стимулира конструктивен натпревар, а економските можности се отворени за сите граѓани. Притоа, судовите се независни и ефикасни во заштитата на правата и слободите на сите граѓани, а бизнисот може да смета на правната сигурност. Другиот има(л) традиција на нееднаквост, на затвореност, на експлоатација на локалното население и монополи, блокирајќи ги економските мотиви и иницијативи на огромен дел од популацијата, наследство од колонијалната историја.

Уште подрастична е илустрацијата со Кореја, инаку целосно хомогена нација. Луѓето во Северна Кореја се 19 пати посиромашни од нивните браќа и сестри во Јужна Кореја (бидејќи Северна Кореја од 1967 година не објавува редовни економски статистички податоци, во литературата има повеќе проценки, но без поголеми разлики). Просечниот животен век на северот е за десет години пократок од животниот век на граѓаните на Јужна Кореја. Визуелно, огромната разлика во економскиот развој најдобро ја илустрира ноќна сателитска снимка: Северна Кореја е речиси целосно црна, потоната во темница, а југот блеска во светлина. Повторно, разликата е во политичките институции, кои се рефлектираат врз економските институции.

Ова е само мал дел од фасцинантните примери на американските економисти Дарон Ацемоглу (МИТ) и Џејмс Робинсон (Харвард), кои во извонредната книга „Зошто државите пропаѓаат“ – базирана на 15 години истражувачка работа – презентираат историски факти во одговор на прашањето зошто некои држави се богати, а некои сиромашни. Тврдат дека сиромашните земји не се сиромашни поради нивната географија или култура, ниту затоа што нивните лидери не знаат какви политики ќе ги збогатат нивните граѓани. Дали една земја ќе биде просперитетна или сиромашна зависи од политичките и економските институции кои влијаат мотивирачки или демотивирачки врз населението. Колку институциите се поинклузивни, колку политичката моќ е распределена на што е можно повеќе граѓани, толку земјата ќе се движи кон просперитет. Иновациите носат прогрес, но ги нема во системи каде што нивните креатори не можат да ги соберат економските плодови. Инвестициите создаваат работни места, но ги има премалку во системи каде што нема јасни и рамноправни правила на игра, односно има селективност во примената на правото. Меритократијата или натпреварот во способности при вработување и унапредување создава квалитет, но способностите нема да бидат приоритет во системи каде што клучна е партиската или некаква друга припадност.

Во жестоката политичка битка меѓу власта и опозицијата во Македонија, животниот стандард на граѓаните, економскиот раст и создавањето работни места има централна позиција. Ако ја погледнеме Македонија низ призмата на „Зошто државите пропаѓаат“, се наметнува императивот за промена на системот на владеење. Ако сакаме да одиме напред, сите заедно, ќе треба да ги принудиме партиите да го направат тоа.

(Авторот е поранешен амбасадор, а сега е член на Хашкиот институт за глобална правда)

Колумната е превземена од Утрински весник

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

„Блунами“ во САД: Нов инфографик на ЦИВИЛ МЕДИА за изборниот пресврт и последиците за Трамп

November 4, 2026

Случај Алта банка: Опозицијата бара оставки, истраги и одговорност од власта

November 3, 2026

Училиште и засолниште под руски бомби: 29 загинати во Комишуваха, нови напади врз цивилите во Украина

November 3, 2026

Избори во САД: Меѓу доминација на Трамп и политичка рамнотежа во Вашингтон

November 3, 2026

ХЕРА: Здравјето и безбедноста на децата не смеат да бидат жртва на идеолошки притисоци

November 2, 2026
shortcut
ФОКУС
September 30, 2026Updated:September 30, 2026

Мицкоски пред средбата со Фон дер Лајен: Подготвени сме за разговор и решение, обврските ги наследивме од претходната власт

ПОЛИТИКА September 30, 2026

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен в петок, 2 октомври, ќе престојува во…

Исланд гласа за или против обновување на преговорите за членство во Европска Унија

August 29, 2026

Техеран го повика Вашингтон да признае воен пораз

August 16, 2026

Букурешт: Дуња Иванова четврта на Балканот во МТБ маратон во Романија – 73 км. должина и 2.400 м. висинска разлика

August 15, 2026
ТИКЕР

„Блунами“ во САД: Нов инфографик на ЦИВИЛ МЕДИА за изборниот пресврт и последиците за Трамп

November 4, 2026

Случај Алта банка: Опозицијата бара оставки, истраги и одговорност од власта

November 3, 2026

Училиште и засолниште под руски бомби: 29 загинати во Комишуваха, нови напади врз цивилите во Украина

November 3, 2026

Избори во САД: Меѓу доминација на Трамп и политичка рамнотежа во Вашингтон

November 3, 2026

ХЕРА: Здравјето и безбедноста на децата не смеат да бидат жртва на идеолошки притисоци

November 2, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.