„Пандемијата на ковид-19 сè уште не е завршена, иако многумина мислат така. Мал е бројот на лица кои примиле порва доза, мал е бројот и на лица кои примиле трета доза. Затоа апелирам до граѓаните да се вакцинираат, бидејќи вакцините се сигурни и безбедни и се ефикасни во борбата против коронавирусот“, истакна министерот за здравство, Беким Сали при примопредавање на првиот дел од донацијата на 250.000 дози на вакцини со потпис на „Фајзер“ преку Ковакс механизнот и УНИЦЕФ. Вториот дел од донацијата е најавен дека ќе пристигне во земјава во среда.
Благодарност до италијанската влада за оваа донација. Ние како министерство се грижиме во континуитет да имаме доволен број на вакцини и сакаме оваа акција за вакцинација да биде општо прифатена од нашите граѓани. Единствен начин за заштита од ковид-19 во моментот е вакцинација, порача министерот Сали.
Донацијата, во име на италијанската влада, ја врачи амбасадот на Италија во земјава, Андреас Силвестри.
Ова е најголема донација што една држава ја има испорачано во Северна Македонија. Оваа акција е дел од нашите стремежи и заложби да помогнеме на пријателските земји за справување со пандемијата, но во конкретниот случај се работеше за посебно внимание што го имаме кон Северна Македонија. Со оваа наша акција, како земја членка, се придружуваме на сето она што Европската Унија го прави за Северна Македонија, изјави италијанскиот амбасадот во земјава, Силвестри.
Тој го поддржа апелот на министерот Сали за зголемување на ниво на имунизација против ковид-19 во земјава, посочувајќи ја како начин со кој Италија се справи со коронавирусот.
„Се придружувам на министерот во апелот да се продолжи со кампањата за вакцинација. Италија, како што знаете, беше една од првите и најтешко погодени земји со ковид-19 и благодарениа на масовната кампања за вакцинација што ја спроведовме, успеавме да се справиме со пандемијата. Во моментот, според соодветните возрасни категории, ние вакциниравме 85 до 90 проценти од населението. Апелирам да продолжите со напорите и заложбите за подобро справување со оваа пандемија и за поголема заштита на граѓаните“, додаде Силвестри.
С.Д.