Единство и застапување на нашата држава се прави во законодавниот дом, а не со еднострани декларации, истакна вчера премиерот Димитар Ковачевски, како одговор на повикот на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски за национално обединување за интересите на државата, кој, пак, истакна дека остануваат со поддадена рака до власта за обезбедување на консензус по однос на прашањата од државен и национален интерес.
Суштински е важно да има единство кога е во прашање Македонија. Впрочем ударите се кон нашиот дом кој е се за едно семејство. Свесен сум дека во ситуација кога нашиот дом е во прашање, единството е поважно од секоја една наша внатрешна разлика која ја имаме, изјави Мицкоски.
Според Ковачевски, со тоа само се попречува процесот на разговори што се водат со Софија во духот на европските вредности.
Таа изјава сметам дека воопшто не е искрена, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период единствено нешто што прави е креирање хистерија во однос на разговорите што се водат со Бугарија. Во рамки на подготовките за работните групи што ги формиравме со бугарскиот премиер и членовите на нивната Влада, ние упативме покана за учество и до опозицијата што беше одбиена, оцени Ковачевски.
За тоа кога ќе се сретне со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, како што најави при преземање на премиерската функција, Ковачевски вели дека таа средба ќе се случи и јавноста ќе биде навремено информирана.
Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера во Кавадарци изјави дека како партија сè уште остануваат со подадена рака до власта за обезбедување национално единство и консензус по однос на прашањата од државен и национален интерес.
Јас не очекувам од луѓето кои се слепи следбеници на „заевизмот“, една политика која беше жестоко поразена на изминатите локални избори, ќе бидат рационални и ќе се издигнат над ситуацијата и ќе застанат еднаш во одбрана на македонското национално достоинство и да ги штитат македонските вредности. Јас подадов рака, таа рака сè уште е подадена, стојам на располагање. Секогаш кога ќе треба да се обезбеди единство, заедништво, консензус, тука сме да зборуваме пред отворени врати, пред камери ако треба, на една отворена средба, да не се криеме, рече Мицкоски на новинарско прашање за коментар во врска со неговиот повик за градење национално единство упатен до премиерот Ковачевски.
Според него, конечно треба да престанеме да се делиме и да се обединиме околу тоа што значат државни и национални интереси.