Денеска и утре во седиштето на НАТО во Брисел се одржува Советот на министрите за одбрана на кој главна тема, разбирливо поради околностите, ќе биде кризата во односите на Алијансата со Русија, а по стационирање на 130.000 руски војници на руско-украинската граница.
Ние не бараме директна конфронтација со Русија, иако јас бев јасен дека ако Русија цели на Американците во Украина, ние ќе одговориме силно. Ако Русија ги нападне Соединетите Држави или сојузниците преку асиметрични средства, какви што се сајбер напади врз нашите компании или критичната инфраструктура, ние сме подготвени да одговориме, рече Бајден.
Во случај, пак, Русија да се одлучи да навлезе на украинска територија, од САД се најавуваат остри економски санкции кој ќе ја разнишаат и онака слабата руска економија.
Во меѓувреме од Москва стигаат сигнали за повлекување на дел од руските трупи од границата со Украина, но овие сигнали се сè уште нејасни за да може да се најави деескалација на ситуацијата.
Она што го гледаме на теренот, од минатата пролет, е дека тие ги движат силите наоколу, рече Столтенберг. „Движењето на силите не претставува вистинска деескалација“.
На брифинфгот за новинарите, кој го одржа амбасадорката на САД во НАТО, присуствуваше и Нова ТВ.
Не знаеме што ќе се случи во наредните денови и недели. Не знаеме дали Русија ќе влезе во Украина. Но, она што го знаеме е дека доколку тие се одлучат да го направат тоа, очигледно НАТО ќе треба потоа да размисли какви можни прилагодувања ќе направи како одговор на тоа. Ние ќе ја следиме ситуацијата од ден на ден и ќе видиме каква одлука ќе донесе претседателот Путин на крајот, изјави амбасадорката Џулијан Смит.
Зборувајќи за состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, амбасадорката најави дека во овие два дена ќе се разгледуваат најразлични опции.
Мислам дека министрите за одбрана ќе се состанат овде во Брисел во текот на следните два дена и тие без сомнение ќе ја проценат ситуацијата во и околу Украина и ќе ги разгледаат сите дополнителни барања што можеби ќе треба да се исполнат на територијата на НАТО, и тие ќе погледнете дали можеби се потребни дополнителни подобрувања или не. Но, ќе мора да стоиме на страна и да видиме до каде ќе одат тие дискусии во следните некoлку дена, рече таа.
Инаку амбасадорката на САД во седиштето на НАТО во Брисел пристигна неодамна и со нас ги сподели нејзините први впечачатоци од нејзината работа во Брисел.
Прво, дозволете ми да кажам дека сум длабоко импресиониран од единството што го видовме внатре во оваа Алијанса во последните недели. Се разбира, секоја членка на Алијансата секогаш носи различна перспектива на НАТО врз основа на нивната историја, нивната географија. Но, мислам дека она што ми беше многу јасно е дека сите ние сме обединети во нашата цел во овој момент и нашата посветеност на колективна самоодбрана, изјави амбасадорката Џулијан Смит.
Таа ја повтори цврстата заложба на САД за почитување на обврските од Членот 5 на НАТО според кој напад на една земја е напад на сите. Зборувајќи за ангажманот на САД таа рече дека САД веќе испратиле 5.000 војници во источна Европа, а во касарните во САД на располагање се 8.500 војници подготвени за брзо распоредување таму каде што ќе треба.
Во овој контекст таа зборуваше и за подготвеноста која ја демонстрирале други земји членки.
Мислам дека вреди да се спомене колку други сојузници донесоа слични одлуки. Ја споменавте Данска. Верувам дека прашањето дојде од Данска. Данска одлучи да испрати фрегата во Балтичкото Море и распоредува борбени авиони Ф-16 во Литванија. Во балтичките земји видовме како се распоредија, се распоредуваат дополнителни трупи во Полска. Германија распореди дополнителни трупи во мултинационалната борбена група на НАТО во Литванија. Франција изрази подготвеност да испрати војници во источниот дел на Алијансата под команда на НАТО. Шпанија испраќа бродови во поморските сили на НАТО. А Холандија испраќа борбени авиони Ф-35 во Бугарија, изјави амбасадорката која во повеќе наврати нагласи дека НАТО сака да се најде дипломатско решение за кризата.
„Ние не разбираме, во основа никој од нас не разбира, што има во главата на претседателот Путин и затоа не можеме да претпоставиме каде се движи сето ова. Но, направивме се од себе да им порачаме со многу јасни зборови дека, број еден, веруваме дека најдобриот пат е преку дијалог и деескалација, и ги повикавме на секој чекор да се вратат на масата. Можеме да имаме уште еден Совет НАТО-Русија. Можевме да се сретнеме во ОБСЕ во Виена. Можеме да се сретнеме во друг град во рамките на Советот за стратешки дијалог во било кој град“, изјави амбасадорката Џулијан Смит.
Амбасадорката Смит оваа функција ја извршува од ноември минатата година. Во мандатот на Обама, таа беше во потесното окружување во кабинетот на тогаш потпретседателот Џо Бајден.