Денеска во основните училишта ќе почне да се реализира најавуваниот скрининг кој ќе покаже каква е трансмисијата на ковид-19 меѓу учениците.
Процесот ќе го спроведуваат здравствени работници кои, согласно утврдената методологија, ќе собираат податоци што ќе бидат доставени на анализа во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и епидемиолошките служби, со цел да се добие реална слика за тоа како се пренесува вирусот во основните училишта.
Комисијата донесе заклучок за внимателно следење и анализа на состојбата во училиштата и доколку се утврди какво било зголемување на бројките помеѓу учениците во однос на новозаразени да се направат скрининг тестирања во училиштата со цел да се утврди реалната состојба и опасноста за поширока трансмисија на вирусот помеѓу учениците. Започнуваме со скрининг во основните училишта каде бројката на новозаразени е зголемена. Во средните училиште таква состојба нема. Таму се следи епидемиолошката состојба и согласно извештаите од ИЈЗ е стабилна. Меѓутоа, загрижувачките бројки кои ги добивме од основните училишта беа аларм да иницираме и да аплицираме еден ваков скрининг што ќе ни покаже каква е трансмисијата во основните училишта, рече вчера на прес-конференција портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ.
Претседателот на Комисијата, Александар Петличковски рече дека скринингот ќе се одвива во училиштата, а децата, чии родители дале согласност, ќе бидат тестирани со брз тест и нема да има потреба да ги носат во центрите за јавно здравје како што првично било планирано.
На овој начин сакаме да им олесниме пристап до тестовите и тоа да биде со минимум компликации по нив, додаде Петличковски.
Од вчера на сајтот на Министерството за здравство (МЗ) се достапни и препораките за лекување на ковид-19, кои се наменети за сите лекари вклучени во лекувањето на пациентите.
Препораките кои се достапни на сајтот се четврта или петта верзија кои се користеле во минатото, но и претрпувале измени. Тие се предвидени да бидат водич за сите лекари вклучени во лекување на ковид пациенти и немаат обврзувачки карактер, но се тука да послужат од едно место да се црпат релевантни информации, за да не доаѓаме во ситуација некој лекар да советува терапија која не е препорачана. Тука, пред сè, мислам на ивермектин, рече Петличковски, додавајќи дека за ивермектинот нема научни докази дека тој помага во лекување на ковид-19.
Во врска со зголемениот број смртни случаи од ковид-19 во државата, Петличковски рече дека во ниеден контекст не може да каже дека зголемената смртност е резултат на непочитување на протоколи и смета дека таа се должи на нашето запоставено здравје.
Убеден сум дека сите здравствени работници, според нивните сознанија, се обидуваат најдобро што можаткда се справат со ковид-19. Да, бројките се високи, но редовно ги споредувам со Словенија, со слична структура на населението и таму и во оваа фаза на пандемијата бројките се редовно над 20, рече Петличковски.
Вкупниот број ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 290.915. Бројот на оздравени пациенти е 273.243, на починати 8.851, а бројот на активни случаи изнесува 8.821 од кои 4.974 во Скопје.