Соња Крамарска
Вчерашниот ден имаше историски димензии за светот. За првпат после децении се соочи со опасност од војна која може да ги запали најголемите сили. Цел ден вчера и денеска на паметните телефони гледавме видеа и фотографии од инвазијата на Русија над Украина.
Но додека воените акции на рускиот претседател се непобитен факт, фотографиите и видеата, па и информациите кои стигнуваа од минута во минута беа со сомнителна веродостојност.
Уште во 1918 година американскиот сенатор Хирам Варен Џонсон рекол дека првата жртва на војната е вистината.
Британскиот јавен сервис Би-Би-Си уште синоќа поведе битка за раздвојување на вистината и лагата во руската инвазија на Украина и дојде до фрапантни податоци околу снимките и фотографиите кои вчера го обиколија светот.
Така снимката што се појави речиси на сите медиуми и на која се гледа воен авион како надлетува град и за која се тврдеше дека е над Украина, утврдиле дека е од борбен авион Ф-16 кој не постои ниту во украинската ниту во руската авијација. Понатаму, и видеото на кое се гледаат повеќе борбени авиони и бомбардери во формација како надлетуваат населена област и на кое се слушаат сирени за предупредување од бомбардирање, за кое се тврдеше дека е од вчера, факт-чекерите утврдиле дека е тоа снимка од 2020 година од подготовки за воена парада, на која вчера некој само ги додал сирените за воздушна узбуна.
Ист е случајот и со снимката од наводни руски падобранци кои слетуваат близу украинскиот град Каркив која имаше стотици илјади прегледи на Твитер, но всушност датира од 2016 година. Интернет профитерите искористиле и снимка од рушење на сириски авион над Бенгази во 2011 година за да и ја „продадат“ вчера на јавноста како видео од рушење на руски авион во Украина, иако внимателниот преглед на видеото ќе покаже дека во заднина се слуша конверзација на арапски јазик. И оваа снимка вчера беше вирална. На некои лажни видеа и фото монтажи наседнал дури и поранешен украински амбасадор во САД кој ги споделувал на својот профил на Твитер.
Вчерашниот и денешниот ден несомнено ќе ги запаметиме по тоа што сите лесно притискавме на копчето за „споделување“ на социјалните мрежи на кои и македонските граѓани како и целиот свет со возбуда ги следеа настаните во Украина. Меѓутоа токму леснотијата со која тоа се прави треба да биде аларм за поголема одговорност кога сакаме да прошириме важна информација.
На неодамнешната конференција за медиумска писменост што ја одржаа ЕУ и Западен Балкан со наслов „Справување со дезинформациите“, еден од заклучоците кој беше донесен беше дека „социјалните мрежи одреден период беа ’златен рудник’ за истражувачкото новинарство“. „Но, тие воедно наметнуваат брзи промени во процесот на дистрибуција на вести и на контрола на содржините кои се шират на интернет. Особено затоа што публиката веќе не е само примач на информациите, туку и ко-креатор кој ги преобликува и дава различни толкувања на содржината“, се вели во заклучокот.
Она што се случуваше вчера и денес, а најверојатно и во идниот период, е глобална појава која нема врска со медиумската писменост во Северна Македонија, но со оглед на геополитичката позиција на нашата земја и интересот за руско-украинскиот конфликт, може да се најдеме среде пропагандната војна која станува посилно оружје и од конвенционалните воени арсенали.