Aвтор: Даница Павловска- Циги, поранешен претседател на ААМ (Асоцијацијата на архитекти на Македонија)
Цивилизациски манир е одбележување на значајни случувања од минатото на еден народ, уредување на меморијални простори, градење на меморијална архитектура, обликување на спомен белези…
Секое лето, со години, Скопје има повод да се навраќа на далечната 1963 со силно чувство на морален долг кон сите што великодушно помогнаа да се надминат тагата и болката, да се надминат настанатите катастрофални последици од земјотресот. Тогаш, Скопје стана митолошки нектар на вистината за човековата хуманост, а сега е момент пак да се искаже радоста за овозможениот растеж на градот токму преку таа солидарна помош.
Едноставно, се има потреба од соодветен показ на почит и благодарност кон светот, се има потреба од подсетување на постојните универзални вредности, од потсетување и чествување на солидарноста, не само како човечка особеност туку како концепт на живеење.
Ова сознание се стекнува и останува кај оние што ја доживеале катаклизмата, но секако, по сето одживеано, во колективниот ментален запис на овој град постои еден додатен урбан код на сите генерации потоа.
Во име на моралната парадигма што ја носат сите скопјани се поставува прашањето: како тоа да нема ништо за паметење на моментот на солидарноста? Парк, скулптура, комплекс, каква и да е уметничка творба, урбана структура со социјална димензија…? Нешто постоеше, но го снема. Потребата е сеуште тука.
Лебди во воздухот предизвикот.
Инаку, во некои минати лета, постојат „светли“ моменти во урбаната историја на градот. Така, во чест на Средбата на децата-бегалци од егејскиот дел на Македонија одржана 1988 година, а како исполнување на една цивилизациска должност кон човештвото, поставена е една скулптурална творба во Паркот Жена Борец.
Таа мала фонтана преставува спомен белег за егзодусот на македонците, за да потсетува на една страшна историска вистина, на еден нечовечен чин од минатото, на една далечна а блиска длабока несреќа. Нејзината форма, облик, порака се метафора на една огромна болка што ја прави различна од останатите вообичаени урбани интервенции. Со суптилна мерка во монументалноста, „скромно“ артикулира еден мал простор во мегакомплексот создаден во поново време во единствениот парк во центарот на градот.
Со оглед дека оваа творба бара обнова и реестетизација во новиот контекст и новото опкружување, време е за потсетување на тој облик во просторот и на тој простор како облик. При тоа се очекува почитување на авторскиот концепт кој во овој парковски агол создаде ненаметлив, непретенциозен арте факт. Сместен во однегувано зеленило, спомен белегот бара неприкосновеност на неговата подвоеност и осаменост, а заради потребата од интимен ритуал на “читањето” на неговата порака (a тоа за жал, веќе не е така).
Неопходно е чистење на елементите од бакар особено рељефот кој е уметничка интерпретација на историската фотографија на напуштање на домашното огниште на мајка со деца аплицирана на предната страна. Не смее да се наруши симболиката на спојот на тој запис со воденото огледало како смирен одраз на неприкосновеноста на таа вистина, а задната благо разбранета водена површина ја релативизира човековата перцепција на истата.
Болен е фактот дека спомен белегот има извонредно лоша кондициона состојба и е нагрден со наконтролирани додатни семантички елементи (несоодветна спомен плоча на мајката на Гоце Делчев, робустна метална ограда и сл.).
Во име на идејата за одржување на историски час за ученици токму на ова место, за создавање на додатен релаксирачки а атрактивен „момент“, за негување на урбаната меморија на сите нас, еве, јавен апел за негова ревитализација.
Уште еден летен предизвик.
Г-ѓа Павловска ги поседува авторските права на овој текст, објавен на НОВА .