Секоја војна која се води на територијата на некогашниот Советски Сојуз, како што е случајот меѓу Русија и Украина подржана од Западот, потсетува на геополитичката доктрина на Халфорд Џон Макиндер. Неговата теорија на Хартленд (Heartland-Земјино срце) претставува геополитичка анализа на светската историја предложена од овој британски географ, разработена уште во 1904 година во статијата Географскиот стожер на историјата (The Geographical Pivot of History).
Според Мекиндер, светот е споредлив со светскиот океан во кој се наоѓа светскиот остров („world island“) составен од Азија, Европа и Африка. Околу него се ситуирани големите острови („outlying island -оддалечениот остров“): Америка, Австралија, Јапонија и Велика Британија. Кој го контролира глобалниот центар („срцето-heartland“), тој го контролира глобалниот остров, констатира Макиндер. Tој што го држи светскиот остров, го држи и светот. Срцето на светот е претставен од Евро-азија во која доминираат Русија и Кина. Нивната солидарност е најголемиот геополитички предизвик за Западот, исто како што обидот за оттргнување на Украина е најголемиот геостратешки предизвик за Русија.
Во поновата историја, Наполеон и Хитлер настојуваа да го заземат Земјиното срце, додека за време на Студената војна целокупниот безбедносен прстен на НАТО, АСЕАН и останатите сили беа стратешки поставени кон Евро-Азија. Конечно со распаѓањето на комунизмот и имплозијата на Советскиот Сојуз, се сметаше дека ќе се реализира концепцијата на „Големиот Запад“ со кој ќе се обединеа трансатланскиот сојуз на Америка и Европа од „Лисабон до Владивосток“. Меѓутоа победниците на Студената војна не сакаа ниту во сон да дојде до таквата интеграција. Русија не се миреше со инфериорната позиција и настојуваше да го одржи имиџот на светска сила, затоа не го признаваше поразот во Студената војна“.
Триесет години подоцна, руската воена операција во Украина повлече црта под целата досегашна ера која отпочна со распаѓањето на советскиот блок и СССР. Во деведесетите Фукујама ја објави синтагмата „за крајот на историјата кога стабилниот светски биполарен поредок беше заменет со победничкиот либерален светски поредок“. Претседателот Џорџ Буш-сениор ги прогласи САД и Западот за победници на Студената војна. Но, дали таквиот епилог важи и денес?
Почеток на нова воено-политичка и идеолошка студена војна
Ова на што сега присуствуваме е една друга, оружена верзија на завршетокот на Студената војна со други средства и последици. Пред триесет години Русија на Борис Јелцин се умилкувше под скутот на Западот. Денес Русија на Путин покажа едно сосема друго и многу опасно лице. Тогаш Русија се отвори ширум кон светот, денес нејзиниот цар опиен од сопствената воена сила ја претвори државата во вооружена тврдина.
Путин постави многу високи барања кон западните сили. Изолиран во Белиот двор, тој пресмета дека мора да направи нешто силно и видливо пред меѓународната заедница, да покаже решителност и пркос. Долго време ја ширеше идејата дека Украина нема да влезе во НАТО, но не успеа да добие формални гаранции од Западот. Ги заплашуваше оние кои пројавија желби за политичка еманципација, како што беше случајот со Ерменија и со Белорусија и докажа дека во тој дел на светот „сé мора да помине низ Кремаљ“.
Со агресијата врз Украина, аналитичарите се сложија дека отпочнува нова епоха во меѓународниот поредок на Европа слична по стресовите од 1989 година.
Тоа е почеток на вистинска политичка, воена и идеолошка студена војна, констатира аналитичарот Бруно Тетре од Arte GEIE..
Она што е впечатливо за аналитичарите на содржината на говори е констатцијата дека Путин систематски го експлоатира воинствениот јазик што го користеле западните сили на Косово и во Ирак. Путин подвлекува дека се работи „геноцид“ врз русофоните во Донбас што е референца за Косово (1999 година) и се фокализира против „режимот“ во Киев кој мора да биде соборен, бидејки „може да произведе нуклеарно оружје“ што упатува на Ирак (2003 година).
Владимир Путин ја призна независноста на сепаратистичките територии Доњецк и Луганск, без да ги утврди границите на овие творби. Дали се протегаат до сегашната линија на фронтот, која ги сече административните региони на Донбас или Кремљ ќе инсистира на проширување на максималните граници, достигнати во 2014 година со кои беа целосно опфаќатени двата административни региони? – Според пратеникот Леонид Калашников од руската Дума, „Украина незаконски окупирала две третини од територијата кои треба да им се вратат на Доњецк и Луганск“.
„Санкции или Трета светска војна“
Додека руската армија ги бомбардира украинските градови, западните лидери се повеќе се преокупирани со безбедноста на нивните земји.
Дали можеме да размислуваме за Третата светска војна, се прашува воведникот на „Ле Монд“.
Во Москва основачот на руската НВО „Меморијал“, 80-годишниот Лев Пономарев, историски дисидент против Путин во „Ла Република“ ги опишува карактерните црти на Путин.
Шефот на Кремаљ е оптоварен со параноичен менталитет. Тој е во состојба да нè вовлече во Трета светска војна, во нуклеарен конфликт.
Третата светска војна, како алтернатива, ја споменува и американскиот претседател Бајден кој во интервјуто за инфлуенсерот Брајан Тајлер Коен истакнува дека меѓу двете опции, „санкции или војна“ ги избрал санкциите, а не Третата светска војна.
Убедени сме дека санкциите ќе ја ослабат позицијата на Русија и таа ќе плати за грубите нарушувања на меѓународното право.
Дали „специјалната воена операција“ на Путин за „демилитаризација и денацизација“ почнува да подзастанува? – По нападите од земја, од воздух и од море, во сабота најави интензивирање на нападите и употреба на термобаричните ракети. Инвазијата влегува во трета фаза. Руските офанзивни сили веќе маршираат пред портите на Киев и кон останатите стратешки точки на Украина.
Во оваа асимиетрична војна, руската армија која е десет пати поголема од украинската, освои повеќе стратешки точки, но загуби и голем број на војници. Многумина се прашуваат „До каде ќе оди Путин?“. Засега, рускиот претседател е концентриран на Украина. Тој, практично, веќе ја апсорбира Белорусија која му послужи како база за напад врз Украина од северните граници. Дали и натаму ќе продолжи и ќе се обиде да стави под контрола и други земји кои го сочинуваа некогашниот Советски Сојуз, засега не е познато.
Најверојатно ширината на неговите империјални соништа ќе зависат од спротиставивањата и отпорот на меѓународната заедница, пред сè, на ЕУ, САД и НАТО. Особено е загрижена Романија, членка на Алијансата од 2004 година поради молдавската енклава Транснистрија населена со русофони. „Ничија земја“ која Русија ја присвои manu militari во 1992 година и која оттогаш е класифицирана во незавидната категорија на „замрзнати“ конфликти е под индирекна контрола на Кремаљ.
Првиот ден на руската агресија, Молдавија по кој знае кој пат ја осети тежината на руската армија стационирана во Транснистрија. Молдавските и романските медиуми ги прикажале снимките на двете лансирани ракети од енклавата кон Украина. Овој инцидент беше премолчен од страна на министерот за одбрана на Молдавија со цел да не ја затегнува состојбата со моќните русофони. За разлика од Романија, Молдавија не е членка на Алијансата и затоа јавното мислење оправдано стравува од агресијата на Путин
Можно ли е НАТО да влезе во војна?
По почетокот на агресијата, претседателот Путин отворено им се закани на сите држави „да не се обидуваат да се мешаат во конфликтот, бидејќи одмаздата која би им ја нанел би била најголема во историјата“, мислејки на своите нуклеарни капацитети. Единствено министерот за надворешни работи на Франција, Ле Дријан реагираше дека „и западот поседува значаен нуклераен потенцијал“. Но, дали има логика да се размислува на овој начин?
Познато е дека и САД и Русија поседуваат илјадници ракети со разорувачки боеви нуклеарни глави. Во САД, наспроти одлуката на Доналд Трамп да се чуваат тајните за бројот на нуклераните глави на САД, администрацјата на Џо Бајден информира дека САД поседуваат 3.750 боеви нуклеарни глави. Оваа бројка е смалување за 88 отсто на арсеналот од 1967 година, кога САД поседуваа 31.255 оперативни и употребливи нуклеарни глави.
Според податоците на Меѓународниот институт за истражување на мирот од Стокхолм, Русија во 2021 поседувала 6.255 наспроти САД со 5.500 нуклеарни боеви глави. Кина поседува 350, Франција 290, додека Велика Британија 225 нуклеарни боеви глави.
Воинствениот каприц на Путин оди до таму што во недела (27 февруари) нареди подигнување на „највисоко ниво на нборебената готовност на руските нуклеарни сили за одвраќање“. Целта на овој потег е да се внесе страв и да им се покаже на НАТО, на ЕУ и на Украина дека не постојат граници за заканите на рускиот армагедон.
Во таквиот контекст дали некоја од двете суперсили би била подготвена да влезе во војна која би била со катастрофални последици за целата планета? Априори НАТО нема да ѝ објави војна на Русија, бидејќи Украина не е членка на НАТО и не може да го активира член 5 од Вашингтонскиот договор кој предвидува „доколку една членка биде нападната од друга држава, тоа ќе се смета како напад врз сите членки на Алијансата“.
САД и мнозинството релевантни членки на Алијансата веќе неколку недели од почетокот на кризата со Украина, дадоа до знаење дека немаат намера да испраќаат војници во Украина. Сепак, НАТО за првпат почна да употребува елементи на своите сили за реакција со цел да го зајакне сопствениот одбранбен диспозитив и да е подготвен за секоја евентуалност и брза реакција.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг информира дека „Алијансата ги активирала одбранбените планови и распоредувањето на елементите на силите на реакција“. Оваа сила брои 40.000 елитни војници со највисоко одбранбено ниво. Од своја страна ЕУ реши да финансира и испорачува оружје на Украина, што е голема пресвртница во досегашната доктрина на орагнизацијата, да не пристапува кон такви одлуки кои би му штетеле на мирот. Дали е ова добра или задоцнета одлука ќе покажат настаните на теренот.