НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Македонија на работ

0
By Нова ТВ on July 31, 2014 КОЛУМНА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

автор: Флориан Бибер

Повторно е тивко во Скопје по насилните албански протести на почетокот на јули – или барем привидно е така.Изгледа дека уште еднаш беше избегната кризата во Македонија. По насилните протести и заканата од контра протести на почетокот на јули, мирот повторно завладеа во државата.

Неколку држави од Балканот беа предмет на помрачни предвидувања во минатите две децении отколку Македонија. За време на 1990тите, избивањето на насилство изгледаше неизбежно за остроумните набљудувачи, а посериозното навлегување во етничко насилство беше едвај избегнато во 2001. Дури и за време на судирите тогаш, бројот на жртви беше многу помал отколку жртвите во војните во Хрватска, Босна и Косово – всушност, беше близок до просечниот број на луѓе кои загинуваат во сообраќајни несреќи (145 во 2013).

По крајот на конфликтот во август 2001 со склучувањето на Охридскиот рамковен договор, со помош на медијацијата на ЕУ и НАТО, Македонија во голема мера го задржа мирот. Сепак, имаше неколку тестирања врз кршливиот мир, вклучувајќи го референдумот организиран од националистичките македонски групи во 2004 против децентрализацијата на општините; изоставањето на најголемата албанска партија, Демократската унија за интеграција (ДУИ) од владата на конзервативната Внатрешна македонска револуционерна организација – Демократска партија за македонско национално единство (ВМРО – ДПМНЕ) од 2006 до 2008; и меѓуетничките инциденти кои лесно можеа да ескалираат.

Тетеравејќи се на работ

На тој начин, често изгледаше дека Македонија се тетерави на работ – исто како и пред неколку недели. На 30 јуни, Скопскиот суд ја произнесе пресудата против седумте обвинети за убиството на петте Македонци во 2012: шест од нив добија доживотен затвор од кои на двајца им беше судено во отсуство (отслужуваат затворска казна во Косово), а еден беше ослободен поради недостиг на докази.

Петте жртви беа убиени на Смилковското езеро, близу Скопје, во позадина на меѓуетничките инциденти на почетокот на 2012. Убиствата во стил на атентат – очигледно најпрво биле убиени четирите млади луѓе, по што бил убиен и постариот човек за кој се претпоставува дека бил сведок – ја шокираа Македонија и предизвикаа бран на анти-албански протести и немири. Операцијата на македонската полиција “Монструм”, која водеше до апсење на шест осомничени против кои минатата година започна судење, предизвика насилни албански контра протести во 2012.

Обвинителството ги осуди убиствата со радикална исламистичка ориентација, иако религиските и албанските националистички мотиви се помешани еден со друг.  Но овој случај во најголем дел зависеше од околностите и не можеше да се одредат чисти докази за наводниот фундаментализам на обвинетите, а всушност и за нивната вина, која цврсто се потпира на тврдењето на заштитен сведок. 

По изрекувањето на казните за осудените, илјадници Албанци излегоа на улиците на протести против пресудата. Протестите се претворија во насилни со повици за голема Албанија и исламистички слогани, потсетувајќи на протестите од 2012. Предвидените контра демонстрации од Македонците не се организираа, а подоцна и вторите албански демонстрации поминаа мирно.  

Ниту ДУИ, албанската партија во владата, ниту главната албанска опозициона партија, Демократската партија на Албанците (ДПА) не ги поддржаа протестите и двете партии не се вмешаа. ДУИ, сепак, покрена сомнежи за праведноста на судењето и побара повторно судење. Иако протестите не ескалираа, причините за тензиите не се разрешени и имаат потенцијал да предизвикаат понатамошни улични протести и насилства.

Чудни блиски пријатели

Можат да се повлечат неколку паралели меѓу околностите денес и тие во кои изби насилството во 2001. ВМРО ДПМНЕ победи на изборите во 1998 и, иако растргната меѓу умерената конзервативна платформа и екстремниот национализам, формираше коалиција со ДПА. Тие беа чудни блиски пријатели, но нивното коалицирање ја потврди македонската традиција на големи коалиции кои вклучуваат партија со мнозинство кај Македонците и албанска партија. Сепак, соработката во владата не резултираше со зголемено вклучување на Албанците во јавните институции и државата во голема мера остана едно-етничка.

Денес повторно конзервативната националистичка партија ВМРО – ДПМНЕ ја предводи владата во коалиција со доминантната албанска партија ДУИ, наследник на бунтовниците од 2001. Но, македонската држава сега го вклучува и малцинското население: Албанците имаат значаен удел во вкупниот број на државни службеници, вклучувајќи и полициски службеници. Во 2011 година, Албанец стана министер за одбрана и со тоа го скрши старото непишано правило за поставување на Македонци во клучните министерства, како што се министерствата за внатрешни работи, надворешни работи и одбрана.  Конфликт меѓу Албанците и македонската држава веќе не ги става по правило на спротивни страни македонското мнозинство и Албанците. 

Но, цврстиот систем на контрола и патронажа доведува до состојба во која работните места се достапни само за лојалните членови на партиите, во однос на тоа дали работното место е предвидено за мнозинската или малцинските заедници. Исто така, илјадници Албанци се вработени со цел да се исполнат предвидените квоти, но немаат работно место. Тие на тој начин добиваат државна плата додека седат дома. Тоа значи дека државата не е толку репрезентативна за својата различност како што говорат бројките, а исто така многу Албанци (и Македонци) гледаат на тоа како застапеност на одредени партии, а не на широката народна маса. Исто како и во 2001, големата коалиција меѓу Македонците и Албанците не е перципирана како успешна, односно не испорачува вистинска корист за сите.

Многу луѓе од македонското мнозинство се чувствуваат исклучени и маргинализирани, особено ако не ја поддржуваат владејачката партија, а за Албанците ова полесно се сфаќа како генерална состојба во државата. Сосема спротивно на 2001, отуѓените млади Албанци немаат чиста политичка група која ги застапува, а дури и дифузните националистички и религиски пораки на протестите се разликуваат од претходните фази на несогласувањата кога доминираше национализмот.  

Контекстот е променет

Покрај тоа, и регионалниот контекст е променет. Во 2001, политичката и безбедносната ситуација на Косово не беше стабилизирана и Албанците во Македонија можеа да сметаат на поддршката од тајните терористички групи од Косово, а исто така тие соработуваа со Националната ослободителна армија во јужна Србија, која исто така бараше да ги доведе општините со доминантно албанско население под своја контрола. Сега, албанските елити во Македонија и Косово се спротивставија на протестите и веќе се уморени од радикалните слогани.

Некои од разликите меѓу 2001 и денес се обесхрабрувачки. Иако Охридскиот договор ја подобри застапеноста на Албанците во државата и ги зајакна правата на малцинствата, не ја поттикна комуникацијата меѓу етничките заедници. Всушност, некои од групните права, особено во образованието, служат како потврда на понатамошните поделби. Како паралела, владејачката ВМРО – ДПМНЕ е ангажирана во кампања за градење на нацијата, која наметнува визија за државата доминирана од владејачката партија со изопачена еднокултурна наклонетост.

Највидлив знак за такво нешто е проектот “Скопје 2014”, (кој го измени ликот на градот од избледнет пост – комунистички главен град во место кое ја слави наводната поврзаност на националниот континуитет кој потекнува од античките Македонци), преплавен со споменици, не само на Александар Велики и неговите родители, туку и со голем број на национални херои (од кои голем дел се непознати за сите освен за неколку историчари) од различни историски периоди. Голем број на градби беа конструирани или реновирани за да пробудат историски значајни моменти на македонскиот национален израз, со што се исцртува замислена врска со средниот век, а во меѓувреме, покрај целиот тој еклектицизам, свесно се исклучува било какво упатување на албанското или муслиманското наследство на Скопје. Центарот на градот сега е обиколен од градби кои го штитат од стариот отомански центар, чаршијата, и од деловите на градот со доминантно албанско население.

Најголемо спротивставување кон проектот имаше од активистите од граѓанското општество, како што се студентите по архитектура. Но тоа спротивставување се здоби со етничка димензија кога владата сакаше да реконструира средновековна црква лоцирана во просторот на отоманската тврдина Кале, која се наоѓа во дел на Скопје во кој живее мнозинство на Албанци.

Симболичното исклучување на Албанците, и Македонците кои не го делат историското (недо)разбирање на проектот за урбано планирање го претставуваат поширокиот проблем на Македонија. Владејачката партија доминира со државата од 2006 и го користи своето влијание за доминација врз јавниот простор и ги ограничи политичките противници. Преку силна патронажа и нелиберална политика, партијата ги контролира повеќето медиуми и јавниот сектор, и повеќе пати предизвикува и организира предвремени избори за да ја обезбеди и потврди својата доминација. Како таква, демократијата во Македонија значително ослаби во последните неколку години. Силната етничка поделеност и нејзиниот отсјај врз политиката направија опозицијата да биде слаба и да не може да ги наметнува своите идеи, а владата стана помалку ранлива и е потешко да биде предизвикана.

Но, јулските протести укажуваат на основната неправда, отежната со голема невработеност и мали можности за младите Албанци (и Македонци) надвор од партиските структури. Авторитарните тенденции, етничкото и националистичкото градење на нацијата и поделбата на двете најголеми заедници создаваат запалива мешавина. Дури и ако протестите престанат, Македонија најверојатно е единствената држава од бивша Југославија каде етничкото насилство се уште претставува вистински ризик. 

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Ураганот „Ерин“ достигна четврта категорија, предупредувања за источниот брег на САД

August 18, 2025

Трамп: Голем напредок околу Русија, следете!

August 17, 2025

Вучиќ: Во следните три или четири дена државата ќе преземе решителни мерки за враќање на мирот и поредокот во Србија

August 17, 2025

Зеленски: Рускoто одбивање за преговори за прекин на огнот ја комплицира ситуацијата

August 17, 2025

Мерц со критика за самитот Трамп–Путин: Помалку ќе беше повеќе

August 17, 2025
ФОКУС

Армијата го слави 33-от роденден со свеченост во касарната во Штип

ВЕСТИ August 18, 2025

Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денеска ќе се одржи централна свеченост по повод 33.…

Најмалку 21 лице загина чекајќи хуманитарна помош во Газа

August 17, 2025

Скопје 19.00: Почесна артилериска стрелба по повод Денот на Армијата

August 17, 2025

Белград: И ноќва масовни протести низ цела Србија, масовно присуство на српската полиција и нови облаци од солзавец

August 16, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.