Инцидентот кој се случи на сцената на синоќешното 94-то доделување на наградите на Филмската акаемија – Оскар, фрли сенка врз целата гламурозна манифестација.
Имено, инциентот се случи пред објавувањето на победникот во категоријата „Најдобар документарен филм“, кога комичарот Крис Рок се пошегува на сметка на актерката Џејда Пинкет Смит, сопруга на актерот Вил Смит. Рок рече дека „Џејда, која носи многу кратка фризура бидејќи има алопеција, личи на Деми Мур во филмот ‘Џи Ај Џејн’“.
Актерот Вил Смит прво се насмеа на шегата, по што се качи на сцената и му влепи шлаканица на Рок.
Шокиран од ненајдениот напад, Крис Рок рече „Вил Смит штотуку ми удри шлаканица“.
Инцидентот не заврши тука, Смит по враќањето на своето место два пати го опцу Рок.
Инаку, оскарот за најдобар актер му припадна токму на Вил Смит за улогата во филмот „Кралот Ричард“ во кој ја толкуваше улогата на таткото на тенисерките Серена и Венус Вилијамс. Смит ја прими статуетката и се извини на јавноста за инцидентот.
Синот на Вил и Џејда Пинкет, Џејден преку Твитер испрати подршка за својот татко.
„Ние тоа така го правиме“, напиша Џејден по завршување на емитувањето на Оскарите.
Во меѓувреме, полицијата од Лос Анџелес потврди за „Вариети“ дека актерот и комичар Крис Рок „одбил да поднесе полициски пријава“ по расправијата.
„Инспекторите од ЛАПД се свесни за инцидент помеѓу две лица во текот на програмата на доделувањето на Оскарите. Во инцидентот едно лице му удрило шлаканица на друго. Инволвираниот одби да поднесе пријава во полиција. Доколку инволвираната страна сака полициски извештај подоцна, ЛАПД ќе биде на располагање да го доврши извештајот од истрагата“, се вели во соопштението на Полициската управа во Лос Анџелес.