Се воведува нов начин на оценување на работата на судиите со кој се очекува да се врати и довербата во судската професија. Едноставно, со внесување на податоците за конкретен предмет, самиот систем ќе ја одреди оценката за судијата, а не тоа да го прави човечки фактор, вели Судскиот совет.
Имплементацијата на Методологијата за квалитативно оценување на судиите и на претседателите на судовите продолжи со обука на судии кои се членови на комисиите формирани од Судскиот совет. Во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи денеска во Скопје се обучуваат судии од Врховниот суд, судии од апелационите судови, како и судии од Вишиот управен суд. Овие судии ќе ги оценуваат судиите од апелациите, основните судови и Управниот суд за да се изврши селекција и бодување на кандидатите кои се пријавени на огласите на Судскиот совет.
Методологијата за квалитативно оценување преставува нов модел на евалуација на трудот на судиите, односно оценувањето нема да го прави Судскиот совет како досега, туку самите судии ќе ги вршат проверките на перформансите за квалитет на секој судија.
Методологијата е вградена во АКМИС системот и со нејзината дигитална примена ќе се изберат пет предмети по случаен избор кои ќе бидат оценувани од комисиите, но судијата ќе има право да предложи и други пет предмети по негов избор, соопштија оттаму.
Со ваквиот начин на оценување во иднина ќе напредуваат само оние судии кои реално заслужуваат, а така ќе се гради независноста, обејктивноста и одговорноста на судството. Преку воспоставување на овие принципи ќе се врати и довербата на граѓаните во судството, додаваат од Судскиот совет во своето соопштение.