Неизвесноста за Македонија е пресликана и во нацрт заклучоците од Самитот на Европската Унија (ЕУ) што ќе се одржи на 23 и 24 јуни, бидејќи точката за земјава засега останува празна, јави дописничката на МИА од Брисел.
Заклучоците од Самитот за проширувањето на ЕУ, сега преименувани во „Поширока Европа“, првично се занимаваат со идеите за „нова платформа“ за вклучување на сите земји на европскиот континент и продолжување на предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за Европска политичка заедница. Тука е споменат и Западниот Балкан, земјите од Источното партнерство и сите држави партнери на ЕУ.
„Целта е да се поттикне политички дијалог и соработка за справување со прашањата од заеднички интерес за да се зајакне безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент“, се наведува во нацрт документот, што ќе им биде доставен на шефовите на држави или влади на ЕУ на 23 и 24 јуни.
Документот потенцира дека оваа „рамка“ нема да ги замени постоечките инструменти на ЕУ, меѓу другото и проширувањето.
Понатаму, од лидерите се очекува повторно да изразат силна поддршка и заложба да и помогнат на Украина. Меѓутоа, дискусиите за кандидатскиот статус на Украина, Молдавија и Грузија, исто така, сè уште не се ставени на хартија, бидејќи мал број земји членки на ЕУ изразуваат колебање околу доделувањето на ваквиот статус на трите држави.
Што се однесува до Западен Балкан, Европската Унија уште еднаш ќе ја повтори својата „целосна и непоколеблива“ заложба за членството на земјите од регионот и се стреми да повика на забрзување на процесот на нивно пристапување во ЕУ.
Нацрт-заклучоците се основниот документ што им се поднесува на лидерите и тој може да претрпи измени, зависно од исходот на политичките дебати на Самитот.
Северна Македонија, под точка 13, останува празна, со куса реченица: „преговори меѓу Бугарија и Северна Македонија“ и ништо повеќе.
Процесот на усвојување на преговарачката рамка за Северна Македонија засега е неизвесен.
Амбасадорите на земјите членки на ЕУ синоќа разговарале кусо за францускиот предлог и преговарачката рамка. Мнозинството земји членки сакаат да се реши спорот и да се испорача нешто за Скопје и Тирана до крајот на ова недела, но политичката неизвесност во Бугарија не дозволува преголем оптимизам кај земјите на ЕУ.
Дипломат од западна земја членка на ЕУ за МИА изјави дека сите присутни, вклучително и бугарскиот амбасадор, ги поздравиле напорите на Франција да се деблокира процесот меѓу Скопје и Софија.
„Приказната меѓутоа не е готова, имаме комплексна политичка ситуација во Бугарија и во овој момент никој не може да каже како ќе заврши сево ова“, велат дипломатите.
Бугарската Влада се соочува со гласање на доверба во Собранието, што првенствено го отвора прашањето кој ќе ја претставува Софија на претстојниот Самит – премиерот Кирил Петков или претседателот Румен Радев.
Освен тоа, дипломатите велат дека бугарскиот претставник настапил и со нови барања, меѓу кои и протоколот да биде потпишан, а не само усогласен меѓу Северна Македонија и Бугарија и да биде дел од преговарачката рамка. Амбасадорот не наишол на голема поддршка на состанокот, пред сѐ, од оние земји кои се подобро запознаени со спорот. Барањето да биде потпишан протоколот отвора и прашања на рокови, бидејќи се мали шансите, дури и да се согласи Северна Македонија, тоа да биде финализирано до крајот на Самитот на ЕУ в петок.
Бугарската страна го повторила барањето Бугарите да бидат вклучени во Уставот на Северна Македонија пред одржување на првата меѓувладина конференција, а инсистирала и дека не смее да има автоматизам за одржувањето на втората меѓувладина доколку бугарските барања не бидат исполнети.
Бугарската Влада се соочува со гласање на доверба во Собранието, што првенствено го отвора прашањето кој ќе ја претставува Софија на претстојниот Самит – премиерот Кирил Петков или претседателот Румен Радев.